Денешна дата
10/07/2020

КОНСЕНЗУАЛНИОТ КАНДИДАТ ЗА ПРЕТСЕДАТЕЛ ПОМЕЃУ ПАРТИСКИТЕ ПРЕПУКУВАЊА

Владините партнери СДСМ и ДУИ во нов обид најпрво да ги смират кавгите, а потоа и да се договорат за консензуален претседателски кандидат. По рафалните препукувања и од една и од друга страна, партиските челници, Заев и Ахмети, сепак, решија да седнат и да разговараат како да го надминат овој проблем. Политичките аналитичари велат дека и двајцата водат политика на надмудрување еден со друг, но се поделени во размислувањата околу тоа дали сепак ќе одат заедно на претседателските избори или е можно дури и да има бојкот

Светлана Унковска

 

Празното столче на лидерот на ДУИ, Али Ахмети на церемонијата пред Владата кога на свечен начин беше подигнато знамето на НАТО јасно отсликува дека во меѓу коалициските односи СДСМ – ДУИ не цветаат рози. Ахмети, кој постојано говореше дека НАТО  е врвен приоритет го оправда своето отсуство од свеченоста со тоа дека – имал неодложни обврски. Повеќе искричења што на моменти и во јавност беа забележувани се протолкувани и како обид од страна на ДУИ да се наметне како главен фактор за да условува со исполнување на нивните барања. Оттука и двоумењето за одлуката на СДСМ дали да одат на предвремени избори со што би можеле да си ја зајакнат позицијата во Парламентот и со тоа да ја намалат можноста да бидат условувани. Знаејќи го тоа, ДУИ децидно беше против предвремени избори.

 

Вербални напаѓања и закани за тужби фрчат меѓу владините коалиционери

 

Тензиите кулминираа кога министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска го обелодени скандалот со Пензискиот фонд, кој со години го раководи кадар на ДУИ, по што дојде и до меѓусебни вербални препукувања. Пратеникот Артан Груби во контра напад – ја посочи Царовска дека е таа виновна за злоупотреба на 19 милиони евра од Фондот за пензиско осигурување, бидејќи веќе две години раководела со овој ресор. И вицепремиерот Бујар Османи изјавата на Царовска ја нарече „несреќна“ и дури најави тужба против неа.  Веднаш потоа Ахмети изјави дека ја напуштаат идејата за консензуален претседателски кандидат и дека на изборите за нов шеф на државата ќе одат со самостоен кандидат. По ова односите СДСМ-ДУИ станаа сериозно замрзнати.

Секако обелоденувањето на аферата од министерката Царовска и не е единствената причина за заладување на односите бидејќи и претходно имаше искри меѓу владините коалиционери, не само меѓу министрите, пратениците, туку и на локално ниво. Со Законот за јазиците, владините коалиционери се скараа бидејќи ДУИ беше против тоа законот да биде пратен во Венецијанската комисија, па Талат Џафери побрза и без потпис на претседателот Ѓорге Иванов го објави во Службен весник. Заев притоа им порача да не се китат со туѓи перја и дека законот не треба да го присвојуваат како нивен успех, туку дека тој е на сите граѓани во земјава. Потпретседателот на партијата, Мухамед Зекири прокоментира – „речиси една декада власт со ВМРО-ДПМНЕ глас не им се слушна. Денеска со толкава помпезност и пофалби сакаат да се китат со туѓи перја. Заслугите за отворање на вратите на Македонија за членство во НАТО и ЕУ како и за официјализирање на албанскиот јазик им припаѓаат на граѓаните кои го прифатија концептот ‘Македонија едно општество’ за сите. Без еуфорија ве молам. Граѓаните најдобро знаат кој работи за нивно добро“, искоментира јавно на својот фб профил, Зекири.

 

Заев и Ахмети се враќаат на идејата за консензуален кандидат, Ахмети предлага и кадри на ВМРО-ДПМНЕ

 

Последниве денови и двете страни се обидуваат да ги испеглаат односите. И Заев и Ахмети заговараат дека сепак има простор за договор за консензуален претседателски кандидат. Во тој контекст, партиски извори велат дека двајцата веќе разговарале, но сепак се уште нема конкретен договор и веројатно средбите ќе продолжат. Но, личностите кои ДУИ ги предлага како консензуално решение сепак не се волја на СДСМ. Едното е Лазар Еленовски кој ја напушти СДСМ пред изборите во 2006 година и беше член на НСДП, а кога Тито Петковски донесе одлука да ја напуштат власта со ВМРО-ДПМНЕ, се спротивстави и остана со Никола Груевски. Предлог е и Владо Поповски кој е советник во град Скопје од редовите на ВМРО-ДПМНЕ. На списокот на ДУИ се и поранешниот министер Денко Малески и академикот Луан Старова.

 

Експертите со поделени околу тоа дали СДСМ и ДУИ ќе одат заедно на претседателски избори

 

Професорот Никола Дујовски вели дека во политиката постојат договарања, па и несогласувања, но, се додека станува збор за принципиелност е добро, но откако тоа преминува во тесно-партиски интереси, тогаш станува реален проблем.

Никола Дујовски

Ако сакаме да гледаме напред и да градиме правна држава мора криминалот да биде  санкциониран без оглед од каде доаѓа. Дали е ДУИ или други не треба да биде важно. И сега е ирелевантно дали ќе имаат заеднички кандидат или не. Впрочем многу е веројатно дека ако не одат со консензуален кандидат во првиот, тогаш, во вториот круг ДУИ ќе го поддржи кандидатот на СДСМ и шансите да настапат заедно се прилично големи“, вели Дујовски.

Сефер Тахири

Со спротивен став е Сефер Тахири од Институтот за комуникациски студии. Тој смета дека доколку Заев и Ахмети не се договорат за консензуален кандидат, може да се случи ДУИ да ги бојкотира изборите во вториот круг.

Мислам дека заладувањето на односите меѓу ДУИ и СДСМ е поради партискиот пристап кон изнаоѓањето решение за консензуален кандидат за претседател на државата во смисла дека ДУИ бара консензуален кандидат, но претпочитува тоа да биде нивен избор односно нивен предлог за кандидат. Од друга страна, СДСМ иако се обврза дека ќе ја разгледа можноста за консензуален кандидат со ДУИ, сепак одлучи на партиска варијанта, односно распиша конкурс. Ваквите пристапи само покажуваат дека меѓу владините партнери има натпревар кој кого ќе надмудри и со тоа покажуваат дека односите меѓу двете партии не се на најдобро ниво. Доколку не се договорат уште во првиот круг со консензуален кандидат може да се случи во вториот круг партиите на Албанците да апстинираат односно да одат на тивок бојкот“, смета Тахири.

Професорот Дујовски додава и дека ДУИ веројатно не може се уште да се откаже од начинот на кој функционираа со претходните владини партнери, ВМРО-ДПМНЕ. Тоа, вели тој, има улога што се уште во партиските редови се старите кадри.

„Не може луѓето ако не ги промените да ја промените и политиката. Таму во таа партија останаа истите политики и принципи со кои функционираа претходно. И сега тука треба да има умешност СДСМ да најде начини како да ги релативизира и да ги промени барањата и апетитите на својот партнер. Сметам дека сепак ќе најдат решение и ќе си ги усогласат ставовите, со оглед на тоа што ДУИ е свесна дека има големи елементи што одат во прилог на СДСМ“, оценува Дујовски.

Тахири истакнува и дека дополнително, одредени позиции во Владата се разнишани и поради фактот што СДСМ својата политика ја гради и врз фактот дека сака да создаде едно општество за сите што значи дека ги придобива и натаму албанските гласачи. Тоа на ДУИ не му се допаѓа. Сепак очекува партнерите на крај да се договорат.

„Бидејќи се работи за претседателски избори во кои се бара цензус, сепак на крајот ќе се најде решение кое нема да биде од партиските редови, туку натпартиско и кое што ќе биде поддржано од ДУИ како идеја за консензуален кандидат. Не треба да се занемари фактот дека претседателските избори доаѓаат по една тешка одлука со промена на името и усвојување на законот за јазиците, што секако имаше одредено влијание кај македонското гласачко тело“, посочува Тахири.