Денешна дата
14/12/2019

ОТЧЕТНОСТ НА ОПШТИНИТЕ: “КОДОТ НА ТИШИНАТА” ПОСИЛЕН ОД ТРАНСПАРЕНТНОСТА

  • Колку се транспарентни руралните општини во Полошкиот регион? Дали одговорат на прашањата на новинарите, организациите и граѓаните врз основа на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер? Колку нивните веб-страници се достапни и што објавуваат?
  • Истражувањето покажа дека руралните општини во овој регион се под просекот на транспарентност од општините на државно ниво. 

 

Пишува: Џелал Незири

 

Не сите општини во Македонија се среќни кога ја слушаат дефиницијата дека транспарентноста е најдобар лек против корупција.  На речиси сите 84 општини на Република Македонија, како и на Градот Скопје, им е јасно дека под транспарентност се подразбира една отворена институција за јавноста, отчетна кон граѓаните и респонзивна со странките.

Директната комуникација со граѓаните, или непосредно преку интернет страните, изгледа не ги исполнува очекувањата. Отчетноста и транспарентноста се гарантирани со Устав, Законот за локална самоуправа, Законот за слободен пристап на информации од јавен карактер и во неколку други подзаконски акти, каде јасно се обврзуваат институциите за информирање на граѓаните за начинот на користењето на јавните ресурси.

Но колку во реалност општините во Македонија се придржуваат кон овие одговорности?

Ивана Ќурчиева од Центар за менаџирање со Промени (ЦУП) со седиште во Скопје е дел од проектот “Следење на принципите на јавната администрација во одржувањето на вредностите на добро управување”, финансиран од Европската унија (ЕУ). Нејзината организација ја надгледува работата на општините, а посебен акцент се става н а нивната транспарентност.

“Ние во никој случај не можеме да бидеме задоволни со податоците објавени на веб-страниците на општините”, вели Ќурчиева. “Резултатите од барометарот за транспарентност покажаа дека општините во просек објавуваат само 16 проценти од податоците што ги поседуваат, а кои треба да бидат јавни во согласност со потребите на граѓаните”.

Резултатите од истражувањето покажале дека во текот на 2017 општините добиле во просек 25 барања за информации од јавен карактер, при што само 2 проценти од нив не добиле одговор. Во меѓувреме, највисок индекс на транспарентност на веб-страниците ја има општина Штип со 61,54 отсто, додека најнизок индекс има општина Зелениково со 1,28 отсто. Во текот на набљудуваниот период, општините Боговиње, Брвеница, Врапчиште, Ранковце, Старо Нагоричане и Бутел немаа функционални веб-страници.

 

(НЕ)ТРАНСПАРЕНТНОСТА НА ЧЕТИРИТЕ ПОЛОШКИ ОПШТИНИ

Истражувањето спроведено во рамките на проектот на ЦЕД, со поддршка на невладината организација Транспарентност Македонија.

Колку руралните Општини од Полошкиот регион се транспарентни? Дали одговорат на прашања на новинарите, граѓанските организации кои се засновани врз Законот за слободен пристап на информации? Колку им функционални нивните веб-страници и што објавуваат?

Истражувањето спроведено во рамките на проектот на ЦЕД, со поддршка на невладината организација Транспарентност Македонија, покажа дека руралните општини во овој регион се под просекот на државно ниво.

На поставеното прашање за трошоците за репрезентација во периодот 2012-2017 година, одговорија само општините Боговиње и Маврово-Ростуше, додека во законскиот рок од 30 дена не добивме одговори на општините Теарце и Јегуновце. Сите четири општини во текот на 2018 година имаа функционални веб-страници на Интернет, но не објавиле детали за трошоците за репрезентација, службени автомобили или тендери кои биле поврзани со разните услуги што им се нудат на граѓаните.

Општините Јегуновце и Боговиње го користат истиот готов модел на веб-страна, кој чини 64 американски долари, овозможувајќи содржината да биде на три јазици, општината Маврово-Ростуша користи бесплатен шаблон додека Општина Теарце има дизајнирана страница од почетокот само за оваа институција.

Незадоволен од квалитетот на информациите објавени на официјалните сајтови на општините е и Мартин Тодевски од ЦУП, кој е координатор на проектот “Следење на принципите на јавната администрација во одржувањето на вредностите на добро управување”.

“Општините мора да имаат доволно канали за комуникација со страните или доволно за да ги информираат како да завршат одредена работа. Во рамките на нашиот проект, ги посетивме сите општини за да бидеме информирани за тоа како овие услуги се обезбедени на терен. Податоците покажуваат дека само 17 отсто од општините објавуваат информации на видливо место, само 28 отсто објавиле како се плаќаат административни такси и 25 отсто имаат формулари за тие даноци “, вели тој.

 

КОЛКУ НАРОДНИ ПАРИ СЕ ТРОШАТ ПО РЕСТОРАНИ?

 

Според официјалното објаснување, репрезентацијата е трошок предвиден во буџетот да се користи за претставување на институциите за време на настани или состаноци со странки. Четирите општини кои беа во фокусот на ова истражување се чини дека не штеделе јавни средства кога требало да платат сметки за ручеци и други пригоди.

Општина Боговиње, која има околу 29.000 жители, во период од шест години – од 2012 до 2017 година – потрошила над 105.000 евра само за репрезентација. За сметките во ресторани и кафулиња во 2012 година се потрошени околу 19 илјади евра, 2013 – околу 18.000 евра, во 2014 година – близу 24.000 евра, во 2015 година – околу 28.000 евра, во 2016 година – приближно 8.000 евра, а скоро истата сума е потрошена и во 2017 година.

Од октомври 2017 на чело на Општината доаѓа Албон Џемаили од Алијансата на Албанците, додека претходно градоначалникот беше од редовите на Демократска Унија за Интеграција (ДУИ).

Средствата потрошени за репрезентација претставуваат 0,2 проценти од општиот буџет на општината за 2016 и 2017 година, 0,8 проценти од буџетите за 2014 и 2015 година и 0,5 проценти од буџетот за 2012 и 2013 година.

Според документите од Министерството за финансии, Општина Боговиње нема долг врз основа на земен кредит. Но, сепак, вкупниот долг на општината изнесува 314 илјади евра, што ја става во делот на општините со просечен долг. Врз основа на оваа сума, секој жител на Боговиње од страна на општината е задолжен за околу 11 евра.

Во ситуации кога требало да се плати за пијалаци и храна во ресторани не штедела ни Општина Маврово-Ростуше. Во период од шест години – од 2012 година до 2017 година – ова мала општина која брои само 8600 жители трошела околу 90 илјади евра за репрезентација. Според овие бројки, секој жител плаќал по 11 евра за трошоците за храна и пијалаци за општинското раководство. Освен за 2012 година, кога трошоците за репрезентација биле само 0,2 проценти, во следните пет години оваа сума зафаќала речиси 1 процент од вкупните расходи на општината.

Од октомври 2017 година на чело на ова општина е Медат Куртовски од СДСМ, додека во претходниот период беше Мукрем Мемеди од редовите на ВМРО-ДПМНЕ.

Според официјалните податоци, оваа општина има мал долг од 5,5 илјади евра и е меѓу општините со најмал долг во Македонија. Според анализата, секој жител на општина Маврово-Ростуша е задолжен за само 40 денари.

Бројките покажуваат дека Општината Јегуновце била нај скржава кога станува збор за трошење за репрезентација од страна на носителите на оваа институција. За период од пет години, од 2012 до 2016 година, оваа општина потрошила околу 22 илјади евра. Оваа единица на локалната самоуправа брои 10.790 жители, што значи дека секој граѓанин за овој период одвоил само 2 евра за сите „седенки“ на градоначалникот и другите општински службеници.

До 2017 година, општината ја водеше претседателот Тони Коцевски од ВМРО-ДПМНЕ, а повеќе од една година со неа управува Дарко Блажевски од СДСМ. Со долг од околу 222 илјади евра, Јегуновцe е рангирана меѓу општините со просечен долг. Врз основа на анализата, раководството на општината го задолжил секој нејзин жител за околу 20 евра, што е повисока од долгот по глава на жител во општините Боговиње, Маврово-Ростуша и Теарце.

И Општина Теарце, како онаа во Јегуновце, не одговори на нашето барање, поставено според Законот за слободен пристап до информациите од јавен карактер, со кое се бараше да го прикаже износот потрошен за репрезентација во последните пет години. За разлика од Јегуновце, Теарце нема буџетски графа каде што можете да се видат планираните или реализираните средства за плаќање сметки во ресторани или кафулиња. Всушност, оваа општина има неколку буџетски ставки кои се именувани како “други трансфери”, “различни трансфери” … Како ставка која донекаде ги рефлектира трошоците за репрезентација е именувана како “други тековни расходи”.

Така што, во период од пет години – од 2012 до 2016 година – ова општина има потрошено околу 91.000 евра за плаќање сметки за службени ручеци или други пригоди.

Општина Теарце, според документите од Министерството за финансии, не е задолжена врз основа на земени кредити, но има долг во вредност од 239 илјади евра. Според пописот од 2002 година, општината има 22.454 жители, што значи дека секого од нив општинските службеници го задолжиле за околу 10 евра. Од 2009 година, градоначалник на општината е Исен Асани од ДУИ.

 

ОПШТИНИТЕ ДА ГИ ОТВОРАТ ПОДАТОЦИТЕ ЗА ГРАЃАНИТЕ

 

Не само Теарце и Јегуновце, туку значителен дел од општините во Македонија не одговараат на прашањата на новинарите или на невладините организации, а кои се засновани врз одредбите на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер. Базирајќи се на досегашното искуство, од Центарот за истражувачко новинарство СКУП-Македонија велат дека единиците на локалната самоуправа се по затворени во споредба со останатите институции, кога станува збор за обезбедување на информации од јавен карактер. Во три истражувања на СКУП – за трошоците на општините за репрезентација, горива и за бројот на службени возила – никаков одговор не добиле од општините Карпош, Сарај, Демир Капија, Сопиште, Илинден, Зелениково, Дебарца, Струмица, Неготино, Студеничани , Теарце и Врапчиште. Боговиње и Маврово Ростуша одговориле за бројот на службени автомобили, но не за потрошената сума за репрезентација и горива за службените коли. Општина Јегуновце, пак, со конкретни податоци одговорила на овој Центар за трите истражувачки стории.

Од централната власт најавуваат дека ќе сторат сé што е во нивна надлежност да ги направат општините во Македонија поодговорни и поотворени за граѓаните.

“Неопходно е да ги споделат податоците, да бидат поотворени за јавноста. Многу е потребно да се објават податоците и да се направат достапни за граѓаните, како што се оние на веб-страницата и во општинските простории “, рече министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски.

Експертите велат дека сегашната влада се обидува да преземе некои чекори кон инсталирање на друга институционална култура, што подразбира транспарентност кон јавноста, но истите не се доволни. Од неодамна владата почна да ги објавува трошоците на носителите на институциите за репрезентација или службено патување. Но, вакуумот создаден со едногодишното нефункционирање на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) и Комисијата за слободен пристап до информации од јавен карактер (ККПЦК), им овозможи на институциите да не постапуваат навреме и соодветно кон барањата на новинарите, невладините и граѓаните за добивање на информации од јавен карактер, иако ги обврзува Законот.