Денешна дата
10/07/2020

Светскиот поредок во криза

Пишува: Денко Малески

 

Светот во кој се роди мојата генерација наликуваше на оној познат опис на Томас Хобс: држави како човечки тврдини, во став на гладијатори кои се демнат едни со други, со гарнизони и топови на нивните граници, перманентно шпионирајќи ги соседите и подготвувајќи се за војна. Разликата од претходните времиња беше во тоа што оваа нуклеарна војна ќе беше последна. Родена после Втората светска војна, мојата генерација, без малку четириесет години, живееше во сенката на тој судир, сенката наречена „Студена војна“. Тогаш, нашиот континент, Европа, беше поделен на два дела Источен и Западен. Всушност, тоа беше  линија на која, гонејќи ги нацистичките окупациски војски, се сретнаа армиите на западните сили и на СССР. Со текот на времето, таа линија беше обележана со нуклеарни ракети од среден и краток дострел, како надополнување на страшните силоси полни со огромните интерконтинентални ракети затскриени под тлото на ривалските големи сили. Бидејќи нуклеарни ракети не можеа да се стават и во вода, подморници вооружени со такво оружје влегоа во мода, крстарејќи ги бреговите на земјите на непријателскиот блок.

И кога се мислеше дека идеолошката поделба е наша судбина и во 21 век, една од двете големи сили едноставно имплодира под неиздржливиот терет на трката во вооружувањето. СССР престана да постои и неговата окупациска моќ, се повлече во границите на новата Руска држава. Вакуумот беше пополнет со моќта и вредностите на западните демократии. Брзината на трансформацијата на земјите на Источна Европа во демократски општества, можеше да се предвиди релативно лесно. Оние кои имаа демократско искуство во минатото, како Чешка на пример, тргнаа со брзи чекори напред: прво кон договорена мирна дисолуција на две држави Чешка и Словачка, а потоа кон воспоставување на демократија. Следеше членство во НАТО и во ЕУ. Оние кои немаа ден демократија во својата историја, како Југославија, на пример, станаа жртви на национализмите кои, по дефиниција, произведуваат војни. Следеше насилен распад на федерацијата преку брутални етнички војни и маки со демократијата и економската обнова на републиките од југот на федерацијата.

Кога заврши дебатата во Америка во прилог на ширење на западната воена алијанса, а не на градење на заедничка европска безбедносна структура со Русија, вратите се отворија за земјите од Централна Европа. На почетокот од деведесеттите, бев сведок на трескавична трка да се стаса до целта – членство во НАТО и во ЕУ. На конференции на НАТО, претставници на државите на Источна Европа, стоеја во ред само да кажат неколку зборови во прилог на своите земји. Оние кои успеваа да се обединат дома околу стратешките цели одеа напред бргу. Другите, како Словачка која имаше проблеми со авторитаризмот на Мечијар, некогашниот боксер, мораа да расчистат прво со него и неговиот режим. Не сме во НАТО, ама НАТО влезе во Унгарија, ми вели радосно нивен дипломат, објаснувајќи дека алијансата воспоставила свои бази заради близината со југословенските војни. Хавел од Чешка, пак, ќе изјави дека неговиот најголем успех е членството на земјата во НАТО, со што и обезбедил барем дваесет години мир. Ние, од Југославија, слепи со национализам, и неуки за реалностите на светската политика, сакавме или вечен мир или ништо, или по наше или никако. Загинаа 200,000 луѓе на поранешната држава.

Поминаа триесет години од падот на Берлинскиот ѕид, период во кој државите од Источна Европа се интегрираа во глобалниот светски поредок, прилагодувајќи се на неговите правила и структура. Денес, три децении подоцна, глобалниот поредок, онаков каков што го познаваме досега, е во криза. Драматични се внатрешните несогласувања помеѓу западните сојузници, а моќната Америка, која мисли дека може сама, со своите политики го поткопува мултилатерализмот во кој и самата има толку многу вложено од крајот од Втората светска војна. Некои велат  дека се распаѓа и идејата за меѓународен глобален поредок базиран на заеднички правила и организирана глобална структура, или, барем, дека едвај може да се одржи. Во иднина, ќе бидеме сведоци на зголемен ривалитет помеѓу големите сили. Идеолошки гледано, ќе расте ривалитет на демократиите наспроти авторитарниот капитализам на Русија и Кина. Од исходот на тој ривалитет ќе зависи и судбината на самата демократија. Имено, со Кина како хегемон на светскиот систем на држави, на пример, демократијата и човековите права би го изгубиле значењето кое го имаат денес. Пропаѓањето на Договорот за забрана на ракети со среден и краток дострел склучен во 1987 меѓу Москва и Вашингтон, таа трагедија за европската и светската безбедност, е сигнал дека ривалитетот меѓу големите сили е поизразен од што се гледа со голо око. Ќе почнат ли да се поставуваат нови нуклеарни ракети долж новата линија на поделба во Европа? Америка веќе ја обвини Русија за кршење на одредбите на договорот, додека Русија порекнува. Се спрема ли голема политичка бура во меѓународното општество на држави?

Прогнозите не се добри. Молчиме, иако, за да не ги повториме грешките, би требало јасно и гласно да кажеме дека и заради нашиот неразумен национализам, нашата држава ги испушти „златните времиња“ на Западот. Цената на тој наш национализам беше што останавме надвор од НАТО и од ЕУ, во времиња кога имаше во изобилие и пари и стабилност. Сега е се потешко. Сепак, добрата вест е што Македонија, во последен момент, најде засолниште меѓу демократиите. Сега, имаме права кои произлегуваат од сојузот во поглед на нашата заштита, но имаме и одговорности. НАТО, имено, е сојуз на демократии кои споделуваат заеднички вредности, а не само воен сојуз. Демократскиот систем, неговата изградба и унапредување, е во целосна наша надлежност, па тука е и најголемиот тест на новата членка на сојузот – Република Северна Македонија. Оти НАТО не е организација која решава домашни проблеми. Конечно, и Франција беше во НАТО во таа 1958 година кога партиите ја доведоа земјата на работ од граѓанска војна.

 

Текстот е напишан исклучиво за Инбокс7. За секое реобјавување треба да се добие согласност од страна на редакцијата. Инбокс7 не секогаш се согласува со ставовите и видувањата на авторите во рубриката за дебата.