Денешна дата
14/07/2020

АДМИНИСТРАЦИЈАТА

Пишува: Александар Кржаловски

 

Изминатава недела ја одбележа трагедијата со автобусот во која загинаа 15 наши сограѓани, за што ја користам приликава и јас да изразам сочувство до нивните семејства. Големината на несреќата пак доведе до израз голема солидарност и покажа дека пред се сите сме луѓе и кога животот на друго човечко битие е загрозен, првата и единствено правилна реакција е да се помогне во обид да се спаси сечиј живот, а во такви моменти станува бесмислена било чија етничка, партиска, државна или каква било друга припадност. Жалното е што само вакви трагедии нѐ сплотуваат, додека се чини се друго не разделува по разни основи. И тука додуша имаше несреќни изјави и обиди за злоупотреби и манипулации во таа ситуација, но сметам дека не треба да им се придава значение и затоа нема да ги коментирам.

 

Покрај  тоа, најбурни реакции во јавноста предизвикаа вработувањата во државната администрацијата на роднини на функционери во власта. Тоа далеку го засени и подигањето на знамето на НАТО пред Владата (кое пак помина без поголема еуфорија, или што би рекле Фчерашни новости – без „реки народ кои се слеваат по булеварите околу Владата“), а и изборот на ВМРО-ДПМНЕ на кандидатот Гордана Силјановска Давкова, за претстојните претседателски избори.

Во таа смисла, иако и други колумнисти веќе се осврнаа на оваа тема деновиве, би сакал и јас да „додадам масло на огнот“, бидејќи полека, но сигурно администрацијата станува најголемиот терет на државата и каменот кој не влече надолу.

 

Месецов налетав на една анегдота, од времето на последните години на социјализмот, за која не знам дали е вистинита (и во која мера), но е илустративна до каде сме заглавиле (да не речам „забегале“) во „пумпапњето“ на администрацијата со се повеќе работни места и (често непотребни) функции. Наводно, на една седница на тогашната Влада (крајот на 80-те години) на дневен ред била расправата дали да се дозволи зголемување на администрацијата за околу 1000 места, за да се намали притисокот од растечката невработеност. После повеќе презентирани анализи се заклучило дека „со тоа би се надминал бројот од 40,000 вработени во администрацијата и дека македонската економија нема да може да го издржи тоа“. Колку што ги следам последните бројки (а во недостаток на конечен извештај од деталната анализа за која подолги време зборува Министерот за информатичко општество и администрација – МИОА, Манчевски), сега се калкулира со нешто под 130,000 вработени во државната администрација. И тоа не ги вклучува вработените во здравствениот и образовниот сектор (доктори, медицински сестри, учители , професори). Со нив се стигало до околу 170,000. Во нив не влегуваат и околу 10% плус кои не се вработени туку се привремено ангажирани со договори на дело и слично. И не влегуваат работните места во јавните претпријатија и/или фирми во делумна или целосна државна сопственост (како што се деновиве „озлогласените“ заради партиските вработувања ЕЛЕМ, МЕПСО и слични). Се ова на купче веројатно стига до околу 250,000 вработени во јавниот сектор, што на вкупна вработеност од околу 750,000 лица, значи дека секои двајца вработени во приватниот  сектор финансираат (преку даноците на фирмите и придонесите) уште еден во администрацијата!

 

Прашањето е исто како во анегдотата – до кога вака? До кога системот ќе може да го издржи тоа – ако воопшто може и сега? Веројатно затоа е толкава „дупката“ во пензискиот фонд, а постојаното зголемување на задолженоста е изворот на парите од кои се финансира сето ова.

Настрана тоа од почетокот на текстот – за партиските вработувања, па и за прашањето „кој прв почна“, бидејќи сите досегашни Влади го зголемувале бројот на административци. Настрана и тоа што ваквата тенденција ја намалува ефикасноста на системот (познато е тоа во светски рамки), а ја зголемува можноста и опасноста од корупција. Но, поголемиот проблем е дека ова едноставно нема економска логика и дека порано или подоцна – ќе снема пари од каде сето ова да се финансира и со тоа ќе колабира, па барем тогаш ќе се разбие фамата за „сигурно“ работно место во администрацијата.

 

Пред две годни имав можност да учествувам во оценка на состојбата со работните односи (законска регулатива и пракса) особено во администрацијата, во Грузија. Таму во 2006 година (времето на претседателот Сакашвили), соочени со голема превработеност и уште поголема корупција, се решиле за радикални мерки и во еден ден се отпуштени од работа 13,000 полицајци и 40,000 учители/професори. Секако, ова било на сметка на нарушување на нивните права според колективните и личните договори за работа, но од тогаш Грузија е меѓу најдобрите 20 земји на светов и во борбата против корупцијата, а и на за нас многу познатата листа Doing Business на Светската банка.

 

Се повеќе си мислам дека наместо понатамошно зголемување на администрацијата, нам ни треба нејзино драстично намалување, веројатно најмалку преполовување од сегашниот број! И се повеќе верувам дека фамозната детална анализа на МИОА, ако некогаш види светлина на денот, ќе го покаже тоа. Но не сум баш уверен дека Владата (оваа или некоја идна) тогаш ќе покаже храброст (како што вели дека покажала со Преспанскиот договор) и да го спроведе тоа – односно да отпушти значителен број од сегашната администрација и драстично ја реформира!

Што мислите вие за тоа?

 

*Текстот е напишан исклучиво за Инбокс7. За секое реобјавување треба да се добие согласност од страна на редакцијата. Инбокс7 не секогаш се согласува со ставовите и видувањата на авторите во рубриката за дебата.