Денешна дата
16/07/2019

Пенов: За гасификацијата на Скопје недостасува само волја

  • Гасификациониот прстен во Скопје е целосно завршен, треба да се внесе во куќи зошто не се прави тоа -затоа што нема политичка волја, затоа што не можат да се разберат чии луѓе треба да го водат тој бизнис, тој е многу профитабилен бизнис. Штетата ја трпиме сите ние
  • Да речам дека некој имал поубава идеја да го направи, но гледам дека нема поубава идеја. Значи само мора да е потребата за перење пари. Ако ви кажам дека јас целата таа реконструкција што ја направив, значи плочките чинеа милион ипол евра, асфалтирањето одоздола целата инфраструктура под плоштадот што ја направивме, се завршивме за два и пол милиони евра. Вие споредувајте колку е трошено на овој плоштад. И од таму заклучокот дека сето тоа е правено за да се исперат пари, не за да се направи нешто поубаво

 

Почитувани го следите неделничкото интервју во Инбокс7, денешен гостин е господинот Ристо Пенов поранешен градоначалник на Град Скопје.

Инбокс7: Добар ден господине Пенов
-Добар ден

Инбокс7: Во 2003 година како градоначалник на Град Скопје направивте целосна промена на изгледот на плоштадот Македонија. Како дојде до идејата и од каде мотивот?
-За плоштадот е многу стара идеја да речеме во оние смисли во кои денес дискутираме, но после земјотресот цело време се правени обиди да се даде вистински облик на централната точка на градот, која мора да признаеме дека не беше, не беше адекватно поставена, решена, направена и во тие дваесетина /триесет години правени се повеќе пати конкурси и обиди тоа да се разреши, но од разни причини до 2003, како што спомнувате не е направено и правени се некакви минимални измени, нели плоштадот по земјотресот имаше сообраќај, паркирање, а потоа стана пешачка зона за да дојдеме до обликот кој  2003 година го направивме. 2003 е затоа што тогаш првпат добив овластување, дотогаш министерството за транспорт и врски ги даваше овластувањата и неможевме како град да добиеме. А 2003 за првпат добивме можност да работиме на плоштадот и работевме на првичниот изглед на поставувањето на подот и само тоа успеавме да завршиме во мојот мандат.

Инбокс7: Додека бевте градоначалник имаше и идеја за изградба на споменик на Александар Македонски со фонтана околу него, зошто таа идеја не се реализираше?
– Не, не. Значи вторите фази на дообликување на плоштадот беа поставување на фонтана која во 70те години на конкурс беше избрана како најдобра, фонтана со склуптурата на Хаџи-Бошков, Петар Хаџи-Бошков, два столба апстрактни, модернистички од кои истекува вода и фонтана поставена со мозаици направени од Димитар Кондовски. Нашата идеја беше да се вратиме на тоа наградено решение. И започнавме, макетата веќе беше направена, подготовките за фонтана на самиот плоштад беа изградени. Рубенс Корубин, бидејќи Кондовски беше починат, требаше да го изработи мозаикот по нацртите на Кондовски, но јас загубив на изборите и потоа таа идеја беше отфрлена од градското собрание од Трифун Костовски како мој наследник.

Инбокс7: При реконструкција ги извадивте старите плочки и беа увезени нови од Босна и Херцеговина. Зошто? Беше ли тоа неопходно?
-Па да, беше неопходно затоа што таа коцка што беше на плоштадот не беше адекватна и не беше со тие естетски вредности и функционални коишто ги бара еден централен државен плоштад. Таков камен за да се поплочи избравме од рудникот Јабланица во Босна и Херцеговина. Плочи со кои се правени многу такви плоштади во Белград, Загреб, Трст, Виена, …во многу градови бидејќи тој има такви техничко-технолошки својства, многу е цврст, порозен, издржлив за разлика од другите камења. Ние сме пробувале и со македонски камења на други парчиња во Скопје, па дури и овој камен што го гледате, гледате дека тој неможе да ги издржи овие потреби на плоштад, кај што имаме не само временски разлики туку и разни возила тешки, многу народ, манифестации се прават, за кој што се потребни поголеми плочи. Така да таа базалтна коцка која е поставена како што викаат старите, во српско од затворениците, од рудник..направено од базалт од рудник крај Скопје, мораше да биде заменета со поадекватна плочка.

Инбокс7: Каде завршија старите гранитни плочки од плоштадот?
-Старите коцки се во депото во Улици и Патишта, барем тогаш ги оставивме. Сега не знам до каде завршиле. Идејата беше тие да се употребат на помали простори некаде низ Скопје. Простори кои бараат поплочување. Но каква е нивната судбина понатаму не знам.

Инбокс7: После таа реконструкција плоштадот уште двапати беше темелно реконструиран. Потребно ли му беше тоа на Скопје после вашата реконструкција? Што мислите потребно ли е толку пари да се трошат за реконструкција на плоштадот во толку кратки размери?
– Да речам дека некој имал поубава идеја да го направи, но гледам дека нема поубава идеја. Значи само мора да е потребата за перење пари. Ако ви кажам дека јас целата таа реконструкција што ја направив, значи плочките чинеа милион ипол евра, асфалтирањето одоздола целата инфраструктура под плоштадот што ја направивме, се завршивме за два ипол милиони евра. Вие споредувајте колку е трошено на овој плоштад. И од таму заклучокот дека сето тоа е правено за да се исперат пари, не за да се направи нешто поубаво, бидејќи таков квалитет на плочка као што постоеше на самиот плоштад, еве не е аплицирана. Овие се надворешни коцки, ова е ентериерска подлога, ова не може да издржи добро и не изгледа добро еве и визуелно веќе пропаѓа.

Инбокс7: Скопје се гуши во загаден воздух, несредени комуналии и други несредени проблеми. Потребно ли е толку пари да се трошат само на плоштадот за толку краток временски размер?
– Па сигурно дека не е. Осебено овие пари што се потрошија сега за овој плоштад. Скопје има приоритети други, но плоштадот не беше толку градски проект колку што беше владин проект иако тој беше реализиран преку Град Скопје или преку општина Центар, сепак тоа беше проект на Владата. И ќе повторам нерационално се потрошени тие пари, има други можности.. има други потреби Скопје за да изгледа и поубаво и поефикасно да се искористат средствата.

Инбокс7: Гасификацијата во Скопје не успева. Зошто? Што мислите како градот треба да го реши проблемот со енормно загадување во текот на зимата?
– Па дефинитивно за гасификацијата нема волја. Гасификациониот прстен во Скопје е целосно завршен, треба да се внесе во куќи зошто не се прави тоа -затоа што нема политичка волја, затоа што не можат да се разберат чии луѓе треба да го водат тој бизнис, тој е многу профитабилен бизнис. Штетата ја трпиме сите ние. Јас само ќе ви споменам значи 97година, „Гама“ ли беше или кое претпријатие тогаш, донесе гас во јавното сообраќајно претпријатие, значи е меѓу првите гасифицирани. Ние направивме во Ѓорче Петров работилница која автобусите од дизел ги пренаменуваше на гас. И ние имавме автобуси на гас, сега тоа е застанато. Не знам таа цевка за гас што прави во ЈСП, таа работилница во Ѓорче Петров зошто моторите не ги претвара на гас, значи некој не сака. Не е дека не може или дека се нема пари, се е присутно.

Инбокс7: Доколку денес сте градоначалник како би го решиле транспортот на луѓе во градот?
– Па тоа треба цела студија.. Знаете што Скопје сѐ уште нема голем проблем со сообраќајот, тие гужви што нас не нервираат, за колку минути се работи..ние немаме застој. И ако се продолжи решавањето на проблематичните сообраќајни точки со една нормална динамика Скопје ќе нема воопшто никаков проблем со сообраќајот. Друго прашање е транспортот пак, на луѓето. Во транспортот треба да се развиваат сите можности, сите линии, значи и автобускиот сообраќај да се модернизира и трамвај да се воведе и да се воведуваат сите оние правила на запад…. гледате ние имаме жолта лента на сообраќај, за што служи никој не ја почитува, значи ја цртаме, а не се почитува.

Инбокс7: Зошто Скопје нема инфраструктура на велосипеди и како тоа се решава?
-Се решава со градење на инфраструктура. Скопје и имаше некаква инфраструктура, којшто не сум ја направил јас и јас сум ја наследил, меѓутоа притисокот на возилата во градот ги зафати сите тие велосипедски патеки за паркирање и ден денес тие се користат за паркирање и се руинираат, не се оддржуваат. Велосипедот… треба да му се посвети внимание, но знаете најголем проблем.. пак ќе се вратам на точката плоштад..на пример Скопје веднаш по земјотресот има распишано конкурс за плоштад на кој јас сакав да се вратам за да го примениме при реконструкцијата, кој предвидуваше подземна гаража во самиот плоштад и сите современи архитекти, урбанисти да речам сметаа дека тоа е веќе застарено решение, дека сообраќајот не смее да се донесе во самиот центар, тој треба да се извади понастрана и луѓето пешки да дојдат. Да биде пешачка зона а не сообраќајот да го донесеме. И сега главната грешка и проблем што им  ја правиме на пешаците, е што ние сообраќајот го носиме во самиот центар, катните гаражи гледате се градат во најцентралните подрачја и тогаш нема простор за развивање на друг тип на сообраќај.

Инбокс7: Ви благодарам за одвоеното време.
-Фала ви и на вас.