Денешна дата
13/11/2019

За НЕПОТИЗМОТ и други нешта

Пишува: Трифун Костовски

 

Почитувани читатели, денес сакам да се осврнам на уште еден актуелен феномен кој  длабоко пулсира во нашето секојдневие  и кој е рак рана во нашето општество, а тоа е непотизмот. Од векови наназад непотизмот постоел, постои и ќе постои. Ќе постои сè додека не се промени свеста кај граѓаните, посебно кај граѓаните кои градат демократско општество. Во нашата култура, тој е особено подривачки фактор за и онака кревката демократија. Тој ги спречува процесите за развој на еманципирано и експертски потковано општество.

Со ниту еден закон непотизмот не е забранета категорија, а јас повеќе би рекол дека се должи на моралната димензија на тој кој дозволува оваа аномалија во општеството да се имплементира и да се смета за прифатлива.

Со многумина пријатели често низ разговор сме доаѓале до заклучок дека оваа наша мала Македонија, со малобројна популација, неминовно води кон појавувањето на ваквата аномалија. Ова, пред сè, се должи на слабиот економски развој на државата и големата невработеност помеѓу граѓаните. Овие два факта ја детерминираат потребата за опстојувањето на непотизмот. За жал, мораме да констатираме дека од осамостојувањето на Македонија до денес, сите партии на власт го практикуваат непотизмот како една нормална награда за решавање на своите фамилијарни проблеми и потреби, бидејќи ете, народот им ја дал власта тие да одлучуваат.

Почитувани мои читатели, непотизмот е вкотвен во свесните и несвесните навики на сите политичари кои до сега ја водеа и водат Македонија. Секако дека секој чесен граѓанин на оваа држава се прашува до кога вака? Дали ќе му се стави крај на непотизмот и, доколку постои да биде занемарлив. Копајќи подлабоко наназад три децении од осамостојувањето на Република Македонија, научив дека политичките елити се или амбициозни во своите идеали без вистинска поткрепа за реализација на своите амбиции, или преовладува посебно во последните две децении, лукративните и партикуларните интереси на партиите на власт.

За жал излеговме од „едноумието“ кое владееше во СФРЈ, ама влеговме во стапица која се вика партиско, клиентелистичко едноумие. Дали ова е начинот на кој ние треба да ја практикуваме демократијата? За жал, мојот одговор е НЕ! И секој пат ќе бидам противник на секоја влада која ќе ми го узурпира моето демократско право.

Како да ја искорениме оваа непожелна појава? Верувајте дека тоа ќе биде долг процес, доколку имаме одговорна влада да вистински инвестира во образованието, здравството демократијата, а уште повеќе во развојот на сопственото стопанство.

Ни најмалку не сум наивен да не ја сфатам суштината на погоре изнесениот пат низ кој мораме да поминеме, а ќе биде трнлив, тежок и долг.

Почитувани мои сограѓани, не припаѓам на ниту една политичка опција. За мене едино нешто за кое се борам е мојата татковина, мојата мајка, мојата партија, а тоа е Македонија.

Не умеев да се вклучам во секојдневниот политички живот, бидејќи сум човек кој длабоко размислува и не сакам да бидам дел од системот кој се практикува во Македонија, по принципот купи ден – продај ден.

Инсистирав и ќе инсистирам до сите одговорни личности кои ја водат нашава држава, конечно да направат вистинска стратегија за нејзиниот севкупен развој. Убеден сум дека не повредив политичари од актуелната власт и од опозицијата со мојот текст, туку напротив, сакам да ги поттикнам да размислуваат за нешто кое е есенцијално за нашата држава, а  тоа е севкупниот развој на Република Македонија почнувајќи од образованието, здравството, судството, а нај повеќе за реалниот економски развој на Македонија. Тука сакам да забележам дека развојот на слободните економски зони, јас не го есапам.

Почитувани мои читатели, можеби ќе бидам и осуден од вас за мојот став по прашањата поврзани за трагични настани и денови на жалост, меѓутоа најубавите празници во месец февруари, Св. Трифун и Св. Валентајн, се слави животот и љубовта ги минавме во жалост, каде во сообраќајна несреќа 15 мои сограѓани го загубија животот, и тука упатувам длабоко сочувство до семејствата на починатите. Се прашувам дали Владата ќе згрешеше доколку деновите на жалост ги поместеше за еден ден, кога впрочем го добивме билансот на сите загинати патници. Ова го прашувам од најпроста причина, на Св. Трифун се засекува лозата, а со тоа се отпочнува новата сезона во аграрот, од кои производи ние живееме. Симболиката тука е силна порака.

Од мене мои почитувани читатели толку, а вие размислете…

 

*Текстот е напишан исклучиво за Инбокс7. За секое реобјавување треба да се добие согласност од страна на редакцијата. Инбокс7 не секогаш се согласува со ставовите и видувањата на авторите во рубриката за дебата.