Денешна дата
20/11/2019

ВАРИЕТЕ МАКЕДОНИЈА

Парламентот останува извесната сигурна варијанта до крајот на годинава државава сепак да добие претседател.

Пишува: Зоран Иванов

Штотуку заврши една претстава, почнува нова. Оваа е само наша оригинална, вариетска. Баш онаква каква што ни доликува согласно нашата политичка култура. Овој пат без странските дипломати или главно без нив. Без нивната заинтересираност за една небитна функција каква што во нашиве околности е претседател на државата. Претставата се подготвува, мизансценот се поставува, ролјите се дефинираат, публиката се остри, премиерата е за еден месец.

Првата од трите главни политички актери го заврши изборот. ВМРО-ДПМНЕ ја промовираше професорката по право Гордана Силјановска за свој фаворит. Двете други, СДСМ и ДУИ, по првичната корпа што Зоран Заев му ја даде на Али Ахмети за неговиот предлог за консензуален кандидат, повторно се канат на истата свадба. Откако Ахмети доби двојно не на неговите првични понуди, првото од Заев, второто од другите етнички партии за единствен кандидат на Албанците, и Заев и Ахмети сфатија дека сепак, ако сакаат сигурна добитна комбинација, ќе треба да настапат во еден изборен тим.

Секој сам е преслаб за победа. Самостојна ДУИ стравува повторно да не се избрука пред својот електорат кој не му е наклонет и од кој, само на последните парламентарни избори загуби половина од довербата. На СДСМ пак, во отсуство на од него очекуваните длабоки реформски резови, ќе и треба време целосно да се опорави од болниот и непопуларен компромис со Грција. Од победата во која ја доби битката, но во која загуби војска поддржувачи.

Затоа, и за Заев и за Ахмети е важно да се договорат за заеднички претседателски кандидат. Наспроти се почестите барања на опозицијата за предвремени парламентарни избори, тоа за нив е императив за априлска изборна победа и потврда за натамошна стабилност на нивниот коалициски мандат. Особено за лидерот на ДУИ е тоа посебно битно за да не оди сам на овие избори. За да не доживее уште еден пораз по оној од последните парламентарни избори од кога неговото  гласачко тело се понагласено се врзува за граѓанскиот авторитет на Зоран Заев наспроти неговиот истрошен етнички.

Што пак се однесува до ВМРО-ДПМНЕ, оваа партија и со Мицковски на чело и со физичкото оддалечување на Груевски, со исклучувањата на влијателните Мијалков, Тодоров, со дистанцирањето од раководството на Поповски и на Јанчев, како и на влијателните Милошоски и Димовски, не успеа да се одлепи од својата мимикрична патриотска матрица со која веќе ја инфицира и својата претседателска кандидатка Силјановска. Уште не стапната на предизборната сцена, таа се изгуби во партискиот вртлог на нереалните и блеферски тези за враќање на минатото. За ангажирање некакви меѓународни правни експерти за некаква акција во ООН која од името на земјава ќе и ја избришале сега веќе светски прифатената одредница. Силјановска, Мицковски и останатите таму многу добро знаат дека е тоа невозможна мисија. Тие не сакаат јавно да го признаат дипломатскиот успех на Заев. Ниту пак сакаат да признаат дека светот веќе државава конечно ја ословуваат со Македонија. И дека до пред малку за него бевме само „вашата земја“ и „оваа земја“. Тоа признание е неминовно, го оставаат за по изборите но само доколку Силјановска стане претседателка што пак е неостварливо во ниту една варијанта.

Од политичка гледна точка, потенцијалната мајка на нацијата се обрука на самиот старт на својата промоција. Поведена од партиската инерција, наместо пред широката јавност да се легитимира како обединител на партиски поделеното граѓанство, на  својот прв кандидатски настап, таа се стави во партиско портпаролска улога најавувајќи дека ќе бара предвремени парламентарни избори за да ја смени ненародната власт. И со грст други нелогични изјави од арсеналот на актуелната матрица на ВМРО-ДПМНЕ, Силјановска на јавноста предвреме ѝ ги откри своите политички и  карактерни лимити. Наместо од неа очекуваната оригинална претседателска програмска доктрина, таа се престави со копија на веќе поразената на актуелниот Иванов.

И во СДСМ се во предизборен грч. Таму очигледно не се залажуваат дека на изборите ќе минат лесно. И за нив не е неважно дали на опозицијата ќе и се спротивстават само со свој или со коалициски кандидат. Ова најмалку поради Силјановска туку, пред се, поради потребните 40 проценти гласачи. Нивниот избраник треба да е личност која барем толкав процент од електоратот ќе мотивира да се појави на избирачките места. Главоболката на СДСМ е што до изборот не може да дојде безболно. Не само поради коалициските критериуми, туку и поради фактот што и во неговите редови кандидати има побаеги, а кандидатското место е само едно.

Кај граѓаните сѐ уште најпопуларниот Пендаровски партијата како да го отпиша. На минатите претседателски пред пет години како вон партиска личност во него таа виде можност и за себе. Тој да повлече за нејзиниот рејтинг. На тие избори кои беа залепени со парламентарните, Пендаровски освои повеќе гласови од самата СДСМ. Иако недоволен за победа, неговиот повисок резултат од партискиот ги распламти суетите кои сега ја игнорираат можноста тој повторно да биде нивен претседателски кандидат. И се по популарниот Димитров тешко минува меѓу закоравените сдсмовски бирократи. Кај партија која јавноста ја доживува како препотентна, неговата изворна вмровската провиниенција се тркала како по калдрма. Од друга страна, договорниот, консезуалниот кандидат што го бара Ахмети, најверојатно за него не е меѓу амбициозните  Шеќеринска и Спасовски.

И покрај тоа што најкрупната задача, отстранувањето на пречката за НАТО и за евроинтеграциите, несвојствено за нашите политички традиции, Зоран Заев ја заврши  брзо, ефектно и успешно, за претстојните избори тој не е без грижи. Напротив, добро знае дека особено за Македонците тој процес беше и се уште емотивно е многу болен. На граѓаните им треба време да ги зацелат душевните рани и да ги согледаат вистинските придобивки од конечното симнување на гајлето наречено меѓународен спор за името на државата. Затоа, ситуацијата со изборот на кандидат за претседател на Република Северна Македонија во моментов му е состојба угоре високо, удолу длабоко. Стравувањето не е од кандидатката на опозицијата, туку од дилемата како и со кого до изборниот цензус. Ова особено во услови кога е соочен со внатрешнопартиски амбиции на своите најблиски соработници и со коалициските критериумски условувања.

Реперот за успех на Заев неизбежно подразбира изборното вариете да заврши уште во првиот круг. Евентуално фијаско по примерот на ланскиот референдум нема да биде пораз за власта, но за него ќе биде тоа голем и непријатен политички неуспех. Посебно ако за петтиот претседател на државата, наспроти опозицијата, тоа се случи во услови на коалициски консензуален претседателски кандидат.

Оттука, не е најважно со кого власта ќе ѝ се спротивстави на кандидатката на опозицијата. Важно е со која личност таа ќе го мотивира постреферендумското  депресивно гласачко тело на изборната 21-во априлска недела да излезе од дома.

Доколку не успее во тоа, Парламентот останува извесната сигурна варијанта до крајот на годинава државава сепак да добие претседател.

 

*Текстот е напишан исклучиво за Инбокс7. За секое реобјавување треба да се добие согласност од страна на редакцијата. Инбокс7 не секогаш се согласува со ставовите и видувањата на авторите во рубриката за дебата.