Денешна дата
16/07/2019

ВМРО-ДПМНЕ ќе ја трча претседателската трка со Соросовите чевли

Доколку ВМРО-ДПМНЕ не ја критикуваше и напаѓаше Фондацијата отворено општество позната како Сорос, а во една прилика и се обиде да ја укине, сега ќе беше сосема нормално оваа партија по втор пат да бира кандидат за претседателската трка кои имале директна поврзаност со оваа фондација. Често пати нивните активисти или членови беа нарекувани соросоиди токму од членовите на ВМРО-ДПМНЕ, партијата која сега кандидатите ги бара од нивните редови

пишува: Светлана Унковска

 

Малку необично, но втор пат кандидат за претседател, дел од Фондацијата Сорос,  ќе трча за боите на ВМРО-ДПМНЕ на претстојните претседателски избори. По Ѓорге Иванов, кој, исто така, беше дел од фондацијата и истера два мандати во вилата Водно, сега по втор пат Силјановска се појави како претседателски кандидат на десничарската партија, која изминатите години не штедеше ниту зборови против оваа фондација нарекувајќи го членството соросоиди, а ниту начини и обиди да биде укината. Професорката во последното интервју негира дека користела грантови, но ја потврдува нејзината поврзаност со Фондацијата.

 

Силјановска вели дека многупати и се вкрстувале патиштата со ВМРО-ДПМНЕ

 

Дали изјавите дека „никогаш Северна, секогаш Македонија“ и ја донесоа номинацијата, но и кандидатурата на Силјановска, која на конвенцијата на ВМРО-ДПМНЕ освои голем број гласови? Таа беше избрана со 408 гласови „За“ од вкупно 519 делегати. Во нејзиниот говор на конвенцијата порача дека со партијата во неколку наврати и се споиле мислењата.

„Во 2001 година ни се вкрстија патиштата со ВМРО-ДПМНЕ, потоа во Струга во 2004, потоа за Преспанскиот договор и на крај за Законот за јазиците“, рече Силјановска. Најави дека ќе формира експертски тим на домашни и странски професори по меѓународно право.

„Да го отвориме прашањето за името на Република Македонија. Тоа не е затворено пред меѓународните судови и институции“, изјави на конвецијата во Струга.

 

Партиското раководство ја поддржа, членството револтирано

 

Експертската јавност оценува дека и покрај ваквите изјави кои одат на линијата на опозициската партија, сепак, голем дел од членството и натаму е поделено околу нејзиниот избор за претседателски кандидат, и покрај тоа што раководството и даде поддршка. Универзитетскиот професор Јове Кекеновски вели дека Силјановска можеби ја спојуваат некои работи, но нема никакви допирни точки со партијата.

„Можеби некои работи ја спојуваат Силјановска со одредени персони од највисокото раководство на партијата, но она што го слушам од членството мислам дека пет пати повеќе причини ја разделуваат од партиското членство. Одговорноста мора да се бара во оние кои претходно и ветувале и ја мотивирале дека ќе биде кандидат на ВМРО-ДПМНЕ, а без притоа да се консултира или барем да му се најави на поширокото членство за потребата и нужноста по секоја цена да се оди на избори со надпартиски кандидат кој во минатото не само што бил член на политички партии кои биле непријателски расположени кон ВМРО ДПМНЕ туку и немале никакви допирни точки со партијата од која сега доби поддршка“, смета Кекеновски.

Политичкиот аналитичар Петар Арсовски пак вели дека и покрај тоа што членството е незадоволно, сепак тие и натаму ќе молчат поради авторитарноста на партијата.

„Прво сметам дека партиите се уште се авторитарни бидејќи немало во ВМРО-ДПМНЕ внатрешни избори за претседателските кандидат. Избрал Христијан Мицкоски и на конвенцијата тоа е потврдено, дури и Ѓорчев и даде поддршка. И изборот на Силјановска е само обид да се омекне ставот кон евроатлантските интеграции, односно со нејзиниот избор да се направи некаков хибриден став – не го поддржуваме Преспанскиот договор, но го поддржуваме ЕУ и НАТО, што во основа е контрадикција, чист оксиморон“, вели Арсовски.

 

Експерти: Мицковски во Силјановска гледа сламка за спас да остане на чело на партијата

 

Но, дали Мицкоски со изборот на Силјановска игра на картата на сигурен кандидат по теркот на Иванов, со која очекува да го привлече и неопределеното членство. И уште повеќе, дали смета дека со евентуалната победа на претседателските избори би се спасил и тој, бидејќи се погласни се барањата на дел од членовите и поранешни функционери доколку загуби на изборите да си поднесе оставка.

„Можеби некој тоа го мислел, но притоа заборавил дека најнапред треба да се обедини и мобилизира сопственото членство и симпатизери со кандидат кој е по нивна мерка, а дури потоа да се мисли на неопределените. За мене е недозволиво најголемата политичка партија секогаш да се плаши и да бега од кандидати членови на партијата, иако таа има безброј умни, чесни и стручни луѓе кои можат одлично да ја извршуваат функциујата претседател на државата и да ги штитат националните и државните интереси“, вели Кекеновски.

Според Арсовски, овие избори покрај другото, ќе бидат клучни за Мицкоски да покаже дека партијата се уште е „жива“.

Мислам дека овие избори Мицкоски ги гледа како можност да ја заживее партијата и да најде начин да ги покрене нивните 330 до 350 илјади гласови, а доколку тоа не успее, тогаш тој ќе има сериозен проблем и неговата позиција е сериозно загрозена. Силјановска е како сламка за спасување на Мицкоски. Од друга страна тој и не може да смета дека со професорката ќе ги придобие неопределените бидејќи преценет е кампусот на неопределени. Нема толкав број колку што се мисли бидејќи нашето општество е многу поделено и нема неопределени туку има апстиненти“, потенцира Арсовски.

 

Изборот на Силјановска за претседателските кандидат на ВМРО-ДПМНЕ предизвика бура од реакции

 

Но, секако изборот на Силјановска за претседателски кандидат на ВМРО-ДПМНЕ предизвика и голем број реакции и коментари и на социјалните мрежи. Професорката Мирјана Најчевска на својот фејсбук профил со доза на иронија напиша дека Силјановска е вистински кандидат од ВМРО-ДПМНЕ

„Едноставно, достоен претставник на партијата која е свртена кон минатото и чиј највисок дострел е лошо препишување од оние кои знаат или, имитации на некој оригинал. Во тоа (препишувањето) се мешаат и христијани и партизани и меѓународни органи и организации и демократски вредности и конзервативна методологоија и баби и жаби и социјала и законодавна власт и право и……се на еден куп“, го прокоментира Најчевска изборот на Силјановска.

Гордана Силјановска во 1992 година беше министер без ресор во Владата на Бранко Црвенковски. Во 90-тите години беше активно поврзана со Фондацијата Институт Отворено Општество, во јавноста оквалификувано како „Сорос“. Професорката на Правниот факултет заедно со нејзината колешка Билјана Ванковска беше дел од Студентскиот пленум во обид да ја одбранат автономијата на Универзитетот кога се носеше спорниот Закон за високо образование. Тогаш беше жесток критичар на политиките на ВМРО-ДПМНЕ и тогашниот лидер Никола Груевски.