Денешна дата
18/11/2019

СРЕДБАТА ЗАЕВ-ЃИЛАС ПОТТИКНА СТРАВ ВО БЕЛГРАД: МАКЕДОНИЈА ОБВИНЕТА ДЕКА ГО ПОМАГА ПАДОТ НА АЛЕКСАНДАР ВУЧИЌ

  • Српскиот министер за одбрана Александар Вулин обвини дека Скопје е центар за разузнавачки активности против Србија и претседателот Вучиќ
  • Македонската влада демантира – вели дека работат на добрососедски односи и дека немаат поинакви намери
  • Иако има сличности во „Шарената револуција“ и „Еден од пет милиони“, нема никаква поврзаност на протестите, вели Замир Мехмети

 

 

Пишува: Александар Тодески

 

Средбата на премиерот Зоран Заев со лидерот на опозициската партија Сојуз за Србија, Драган Ѓилас ги разниша и онака кревките односи помеѓу Македонија и Србија. Додека претседателот на Србија, Александар Вучиќ вели дека нема ништо спорно од средбите, српскиот министер за одбрана, Александар Вулин обвини дека во Скопје се најголемите разузнавачки активности против Србија.

Александар Вулин

Вучиќ во неколку наврати изјави дека и во Србија се подготвува „Македонско сценарио за смена на власта“, алудирајќи на кризата во Македонија која заврши со парламентарните избори одржани во декември 2016 година.

И српските провладини медиуми речиси идентично пишуваат за „стратегијата“ со која Скопје наводно станува новата Будимпешта, односно дека во главниот град на Македонија всушност е центарот за разузнавачки служби против Србија и нивниот претседател Вучиќ. Во јавноста се лиферуваат и информации дека во Скопје се собираат финансии и поддршка за опозицискиот блок во Србија.

На новинарско прашање дали Скопје е центар за уривање на неговата власт, Вучиќ одби да даде директен одговор.

„Немам ништо против тоа. Тој (Зоран Заев) се виде и со Сандуловиќ, тоа е веројатно истото друштво… Имаше уште некои контроверзни бизнисмени таму на вечерата. Но, тоа е се во ред, нормално… Се состануваат претставници на власта со опозицијата, власт со власта… што е тука чудно сега, сѐ е во ред“ изјави Вучиќ.

 

ПРОВЛАДИНИТЕ МЕДИУМИ ОРЕКСТИРАНО ПРОТИВ МАКЕДОНИЈА

 

Според официјалните изјави, на средбата Заев-Ѓилас се зборувало исклучиво за соработка помеѓу двете политички партии, кои ги делат социјалдемократските вредности.

Но, српскиот министер за одбрана, Александар Вулин во изјава за „Новости“ вели дека Скопје станало простор од кој доаѓаат и ќе доаѓаат нападите врз Србија и претседателот Вучиќ.

Драган Ѓилас во изјава за МИА рече дека изјавата на министерот Александар Вулин штети на пријателството со Северна Македонија.

„Изјавите, како што е оваа на министерот Вулин, за жал, се токму спротивното од она што треба да биде политиката кон Северна Македонија и македонскиот народ. Очигледно, поединците кои пред 25 години го употребуваа јазикот на омраза кон другите народи, никогаш не го забораваат овој јазик. Верувам дека овие скандалозни зборови на еден министер се ирелевантни во однос на пријателството на двата народа кои ниту еден неодговорен поединец, без разлика на каква е функција, не може да ги наруши“, вели Ѓилас.

 

БОШЊАКОВСКИ: ГРАДИМЕ ДОБРОСОСЕДСКИ ОДНОСИ, НЕМАМЕ ДРУГИ НАМЕРИ

 

Владиниот портпарол Миле Бошњаковски не сакаше да ја коментира оваа изјава на Вулин. Рече дека владата на Македонија гради пријателски релации со Србија, кои ќе овозможат економски развој на целиот регион.

„Сите активности кои ги преземаме се знак на политичка волја дека нашата интенција оди исклучиво во насока на градење на добри соседски и пријателски односи, тука би споменал еве конкретно со Република Србија наскоро ќе почне да функционира „One Stop Shop“ на граничниот премин Табановце, односно сите проверки ќе се одвиваат само на една локација, така што тоа е тоа што го работиме, немаме поинакви намери“, рече Бошњаковски.

Став за оваа изјава на министерот за одбрана на Србија, Александар Вулин побаравме и од заменик-министерот за надворешни работи, Андреј Жерновски, но до објавување на текстот, одговор не добивме.

 

„ШАРЕНА РЕВОЛУЦИЈА“ И „ЕДЕН ОД ПЕТ МИЛИОНИ“ – ШТО Е ИСТО?

 

 

Повеќе српски градови се кренаа на протести насловени „Еден од пет милиони“. Секој викенд на протести се креваат граѓаните, а со нив протестира и опозицијата, како што кај нас актуелната власт, тогашна опозиција се приклучи на „Шарената револуција“. И студентите го поддржаа протестот на „Еден од пет милиони“, а опозициските пратеници веќе не присуствуваат на седниците во Собранието додека не се исполнат барањата на демонстрантите.

Замир Мехмети

Замир Мехмети беше еден од најпрепознатливите лица на „Шарената револуција“. Тој, како и пратеникот од владејачкото мнозинство Павле Богоевски и советникот на Министерот за финансии, Бранимир Јовановиќ во мај 2017 година беа посочени од српскиот министер за надворешни работи Ивица Дачиќ како организатори на протести против Александар Вучиќ.

Според Мехмети, иако за многу теми изгледа дека се слични протестите и барањата, апсолутно нема никаква поврзаност меѓу протестите.

„Има многу сличности од аспект на борбата и мотивацијата, но не мислам дека некој од тука им помага, тоа се небулози исто како што Дачиќ кажа дека јас, Павле Богоевски и Бранимир Јовановиќ сме ги организирале протестите во 2017 година. Дека некој стои зад протестите или инфилтрира луѓе тоа се лаги, својствено за еден режим кој паѓа“, вели тој за Инбокс7.

Односите помеѓу Македонија и Србија беа разнишани особено по настаните од 27 април 2017 година, кога во Собранието влегоа поголема група на протестанти, кои притоа ги нападнаа пратениците за да оневозможат мирен трансфер на власта. Во толпата луѓе бил забележан и припадникот на српската разузнавачка агенција БИА Горан Живаљевиќ, кој од 2015 година престојувал како дипломат и советник во амбасадата на Србија во Скопје. По овој настан Белград привремено го повлече персоналот на амбасадата во Скопје, објаснувајќи дека присуството на Живаљевиќ во Собранието било со одобрување од кабинетот на македонскиот претседател.