Денешна дата
26/02/2020

СДСМ И ДУИ ПОСТИГНАА „ПРИМИРЈЕ“ – СЕ СОГЛАСИЈА ЗА ЗАЕДНИЧКИ ПРЕТСЕДАТЕЛСКИ КАНДИДАТ

  • Распукаа шавовите на владината коалиција СДСМ и ДУИ и практично тие едвај се држат на неколку нишки
  • Во обид да ги смират страстите и двете партии ги релативизираа кавгите кои на јавна сцена ги водеа и велат дека тоа се само некои несогласувања
  • Откако малку слегна бурата, лидерите на СДСМ и ДУИ Зоран Заев и Али Ахмети седнаа на заедничка маса и договорија заеднички претседателски кандидат

 

Пишува: Светлана Унковска

 

По жестоките кавги, префрлања и меѓусебни обвинувања, коалициските партнери СДСМ и ДУИ постигнаа „примирје“. Во обид да ги смират страстите и да продолжат да функционираат, лидерите на двете партии, Зоран Заев и Али Ахмети, денеска се сретнаа при што заклучиле дека расправиите што беа на јавна сцена сега веќе се во рамки на „нормални коалициски несогласувања“.

Веднаш по неделните кавги, лидерот на СДСМ рече дека има огромен револт поради тоа што собранискиот спикер, Талат Џафери, не го стави на гласање одземањето на имунитетот на поранешниот претседател на Собранието Трајко Вељаноски. Но, набргу потоа, во обид да ја смири ситуацијата, кавгите ги оквалификува како одредени несогласувања кои не би требало да ја нарушат коалицијата.

 

СТИВНУВА БУРАТА, КОАЛИЦИСКИОТ БРОД ПРОДОЛЖУВА ДА СЕ НИША

 

Откако малку слегнаа работите, премиерот Заев и лидерот на ДУИ Ахмети одржаа средба. Изјава даде само Ахмети, кој изјави дека е договорен консензуален кандидат за претседателските избори, но одби да зборува околу тоа дали ја отвориле и темата за партиските кавги и се поголемиот јаз и нетрпеливост меѓу двата коалициски партнери. Самата изјава за тоа дека на претседателските избори ќе одат со заеднички кандидат се манифестираше дека двајцата лидери ги испеглале несогласувањата.

Се договоривме на овие избори да излеземе со заеднички кандидат. Имавме значително содржински состанок, напраивме суштинска анализа, одлучивме дека треба да воспоставиме еден стандард во нашата земја. Иако за тоа имаше обиди и порано, но не беа успешни“, рече Ахмети по едночасовната средба со Заев.

Експертската јавност со став дека ваквиот наратив на меѓу-коалициски препукувања не води никаде и им штети на реформските процеси.

Според професорката Ана Чупеска Станишковска, овие кавги, кои стануваат се почести, се индикации за сериозни несогласувања во коалицијата а проблемот го гледа во се почестите пазарења на ДУИ.

Тоа е резултат на тоа што долго време СДСМ го толерираше однесувањето на ДУИ со своите барања и таа тоа го правеше заради спроведување на реформите и сметам дека партијата на Али Ахмети мора да се повлече од таквиот начин на однесување. Не може проблемот што се јави со непотизам да има реакции и откажувања од работните места само на функционери на СДСМ, но не и на ДУИ. Време е СДСМ како носечки субјект во Владата да се де-коалицира од ДУИ бидејќи постојано се неконструктивни во своите однесувања со постојани пазарења со прашања кои мораат да бидат дел од реформите како на пример судството, СЈО и така натаму. Непријатно е да се гледа оваа дисонантност во Владата и со ова се гледа кој е кочничарот на реформите“, вели Чупеска.

Алберт Муслиу вели дека во случајот СДСМ има неколку опции, па дури и она што го рече потпретседателот на СДСМ Мухамед Зеќири – можност за нова коалиција со другите албански партии и составување на влада без ДУИ.

Со самото тоа што беа собрани 81 пратеник за уставни измени укажа на тоа дека и без ДУИ е можно ново владино мнозинство, така да таа верзија е возможна. Дали би ризикувале сега сите страни да влезат во такви комбинаторики пред претседателските избори, не се знае. Исто така и варијантата со предвремени парламентарни избори се уште стои што исто така е опција. Но, според мене коалициските партнери СДСМ и ДУИ треба да ги смират топките што е најможна и најбезболна варијанта“, вели Муслиу.

И Чупеска и Муслиу сепак не веруваат дека би можело да дојде до раскинување на коалицијата поради тоа што им претстојат многу сериозни задачи во исполнувања на реформската агенда. Оттука и меѓународниот фактор има одредена улога во смирување на страстите.

Сигурно е дека од една страна и странскиот фактор ги советувал, но од друга страна тие исто така го чувствуваат и притисокот на јавноста. Секој оној кој се обидува да ја опструира реформската агенда треба да биде надвор од Владата. Не може и не смее реформите да бидат предмет за преговарања за ситни поени и за затскривање на сериозни кривични дела“, вели Чупеска.

Според Муслиу, најверојатно е дека ќе се смират турбуленциите и дека сето ова е само наратив на партиски препукувања.

Можеби е фактот дека Вељановски е спасен од тоа да му се одземе имунитетот но не може да се спаси од судската процедура. Така што останува сега да одлучат како ќе функционираат натаму бидејќи мора да ги спроведуваат реформите за кои се задолжија пред меѓународната заедница“, вели Муслиу.

 

ВЕЉАНОВСКИ – КУЛМИНИРАЊЕ НА НЕСОГЛАСУВАЊАТА

 

Тензиите меѓу СДСМ и ДУИ веќе тлеат одреден период но кулминираа во неделата кога претседателот на Собранието Џафери кој седницата ја закажа во 21 часот, само три часа пред истекот на законскиот рок, дозволи да измине времето без да го стави на гласање одземањето на имунитетот на Вељаноски. Со тоа избувна голем револт кај пратениците на СДСМ особено оние кои на 27 април беа крвнички тепани а некои дури и животот им беше загрозен и сето тоа само за да успее гласањето за прогласување на Талат Џафери за претседател на Собранието. Лут е потпретседателот на СДСМ Мухамед Зеќири кого разулавените насилници го бараа низ Собранието, лут е и претседателот на мандатно имунитетната комисија Павле Богоевски, потоа претседателот на Алијансата на Албанците Зијадин Села кого по ходници го влечеа како мртов, а лут е и премиерот Зоран Заев, кого сакаа дури и да го убијат, но за среќа остана само со лузните по лицето.

По кавгите во неделата, меѓусебните препукувања продолжија и другиот ден, а пратениците на СДСМ не присуствуваа во работата на Собранието,а го бојкотираа и координативниот состанок кај Џафери. Досега имаше случаи на бојкотирање на незадоволна опозиција од однесувањето на владејачката партија, но сега практично ова е прв пат владејачка партија да бојкотира Собранието поради незадоволство од коалициска партија.  По два дена бојкот тие се вратија во парламентот но не му простија на Џафери и до него упатиле прашања „Зошто не го ставил на гласање одземањето на имунитетот на Вељаноски“.  Прашања му поставија и новинарите на брифинг но конкретен одговор нема. Прво вели дека причина било однесувањето на пратеникот на СДСМ Мухамед Зеќири, за потоа да каже дека Комисијата за мандатно имунитетни прашања не донела заклучок и тој немал што да става на гласање.

„Правниот дел не беше исполнет поради фактот дека нема одлука на Комисијата. Јас се повикувам според процедурите“, рече Џафери.

Покрај Вељаноски, преживеа и имунитетот на поранешниот министер за земјоделство и актуелен пратеник Љупчо Димовски кој е осомничен во истрагата со доделувањето земјоделска помош и давање под закуп државно земјоделско земјиште. Џафери слично како и со случајот со Вељаноски, рече дека поради истекот на рокот не била закажана седницата за Димовски, иако претходно Комисијата за мандатно имунитетни прашања донесе заклучок и препорака до Собранието да му се одземе имунитетот.