Денешна дата
26/11/2020

СЛОЖНИ ПОПОВИ И ВО ПЕТОК МРСАТ

Ќе биде интересно ако поранешниот собраниски спикер си се испазарил за сметка на кожата на својот екс лидер и ако некаде некому ветил дека својот показалец ќе го впери кон Будимпешта

Пишува: Зоран Иванов

 

Фарса на неделата беше ноќната сеанса во македонското собрание. ДУИ му ја спаси кожата на Велјановски. Го најави тоа прво со кидавелата на нејзиниот член на комисијата за имунитетно мандатни теми па спикерот Џафери, човекот од истиот актерски тим, наредната ноќ приказната ја дозаврши во минута по дванаесет, веднаш по свирежот за тајмингот. Се разбира, помагаа анимирани статисти од СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ. Глума, правна бурлеска. Какви граѓани, каква правда, каков суд, какви бакрачи. Сложни попови и во петок мрсат. Партиска држава со партиски штабови може во НАТО, ама за ЕУ ќе почека малку побаеги. Нечесното е што граѓаните при очи ги  прават слепи.

По се, ќе објасни ли Џафери зошто претставата ја проектираше на само три часа и на очиглед на целата јавност, навидум спонтано, седницата ја водеше кон цајт нот. Ќе објасни ли Богоевски како тоа школски, во џаровски стил, го спакува нерешениот комисиски резултат. Ќе го сторат ли тоа истото за своите улоги и Митревски, Милошоски, Груби, Илиевски, Зекири, Камческа и останатите активни собраниски глумци. Ќе кажат ли зошто таа ноќ толку невкусно ја правеа јавноста глупава, а себеси недоветни.

Со сета ограда дека некој од инволвираните не бил информиран за сценариото, ДУИ ќе треба да објасни за очигледниот партиски налог за машкото бегање на својот пратеник од сеансата на надлежната собраниска комисија. Наместо трапавото објаснување дека госпоѓата заменичка член од истиот партиски штаб не е од тука, туку од некаде од Аљаска па ѝ требало многу време да стаса до храмот на измамата, истото треба да го стори и комисискиот претседател. И тој прецизно да го образложи своето тегавење и да каже зошто, на пример, не испрати автомобил по заменичката на избеганиот. Ова посебно зошто токму оттаму, од матичната комисија беше даден првиот еклатантен сигнал дека во прашање е договор.

Фингирана меѓу партиска местенка. Се друго натаму е само фарса. Наивна аматерска претстава. Истото сценарио во поширок состав СДСМ, ДУИ и ВМРО-ДПМНЕ го продолжија и го одглумија и на ноќната собраниска седенка. И наредниот ден наместо од јавноста малку некаде да се сокријат, еве можат на Малдивите, зошто да не, се истопорија по пресови. Продолжија со сеење магла и меѓусебни обвинувања со својот  познат вокабулар од празни фишеци. Не е утврдено дали им е срам за постапките, ама по три децении демократија би требало. Возрасни се и политички уки. Едноставно веќе не им доликуваат толку евтини приказни. Можеа просто и веднаш, во истите тие нивни партиски штабови да се договорат и без матење и меѓусебни надмудрувања да му одговорат на судот дека не го даваат Трајко. И актуелниве политичари уште еднаш силно потврдија дека со нив земјава ни од далеку не е подготвена за европските стандарди. Дека заткулисните кабинетски проекции за правда се порелевантни од судските процедури. Дека и Шарените пропаднаа во партиските вртлози. Дека партиите се најмоќната институција и дека  граѓаните ја имаат загубено својата држава.

Како сложни попови кои во петок мрсат СДСМ, ДУИ и ВМРО-ДПМНЕ пак си ги поделија ролјите и изиграа мајтап пред грогираниот и изигран граѓански аудиториум. Секако, клучното прашање е мотивот и оваа игра да се постави на репертоарот на храмот на измамите. Кому и зошто сега му беше потребна. Кои и какви причини би биле тие за партиските водства да ги саботираат, да им пркосат на судот и на правдата. Конкретно за имунитетот на пратеникот Вељаноски. Или е тоа сепак договор за некакви повисоки државни интереси. Сето засега може само да се претпоставува. Но секако, ќе биде интересно ако поранешниот собраниски спикер си се испазарил за сметка на кожата на својот екс лидер Груевски. Ако проговори, ако посведочи за тоа кој е главниот командант за настаните на тој 27-ми април од пред две години. Ако некаде некому ветил дека својот показалец ќе го впери кон Будимпешта.

Неделава, по којзнае кој пат, трите најголеми политички партии ја згазија земјава за врат. Продуцираа нов настан за да прикријат последици од претходните или од некои други лукративни ама за нив важни причини. На пример за тоа кој толку се возбудува за сегашниве, но и за минатите партиски и роднински вработувања. Сега актуелен е имунитетот, а набрзо секако ќе дојде и нешто трето. Институциите се запоседнати од партиски војници. Државните, јавните претпријатија и другите буџетски служби, исто така. Сакате вработување, преку партија. Сакате тендер, преку партија. Сакате стипендија, преку партија, сакате унапредување, исто така преку партија, сакате проект, пак преку партија. Сакате живот, и тоа само преку партија. Најновиот трик непотизмот да се сузбие со непотизам ја потврдува искуствената народна за петочниот пост на свештениците.

Оттука, што и да е во прашање со аферата со имунитетот на пратеникот и екс претседател на собранието и со неговата улога на тој крвав четврток или бргу ќе се разбистри или, по веќе испробаниот рецепт, и таа ќе биде заматена со пепел. Искуствата со владеењето со државава упатуваат дека причините за  заткулисните меѓупартиски договори не се интересите за истерувања правди. Никој веќе не ѝ верува на политиката. Сите доверби бргу се стават на коцка. За месец и пол партиите ги чека ново соочување со граѓаните. Но, дури и тој факт како да не ги допира. По примерот со последнава собраниска мимикрија, без трунка совест тие продолжуваат да мамат.

Патем, има решение за оваа најнова рашомонијада. Ако се толку искрени и во СДСМ и во ДУИ, клучот е во нивните раце. Утре нека го распуштат парламентот, нека прогласат вонредни парламентарни па јавноста да им поверува во приказните за меѓусебните несогласувања. Такви кавги меѓу Груевски и Ахмети пред секои избори се изнагледавме една цела деценија. Ќе го продолжи ли и Заев истиот танц со вечниот партнер во власта.

Довербата нагло ветрее, претседателските ќе поминат или ќе пропаднат, кому е веќе грижа. Исто и со најавениот попис. Етничката графа пак се враќа во игра. Тоа ли е сега инаетот на ДУИ или е тоа СЈО или е нешто трето. Ќе помине и таа етно статистичка операција или поради истите причини како со претходниот обид, пак ќе доживее фијаско. Но, и тоа е веќе неважно. И со претседателските и без нив, и со пописот и без него, земјава се исели.

На нашиве во партиите и во парламентот важно им е да си се имаат. Да си се чуваат, да си се најдат за кога ќе си притребаат за да произведуваат магла. И заедно, како сложни попови, да си мрсат и во петок.

Другите, сите ние другите, во недела на причеста.

 

Текстот е напишан исклучиво за Инбокс7. За секое реобјавување треба да се добие согласност од страна на редакцијата. Инбокс7 не секогаш се согласува со ставовите и видувањата на авторите во рубриката за дебата.