Денешна дата
26/10/2020

САМО ВО МАКЕДОНИЈА НОВИНАРИТЕ ПЛАЌААТ ЗА ДОКУМЕНТИ КОИ ГИ ПОСЕДУВА ЦЕНТРАЛНИОТ РЕГИСТАР

  • Во името на јавноста пристапот до информациите да стане евтин, едноставен и лесно достапен
  • Институциите како повеќе да се плашат од вистината на јавноста отколку од тајните на криминалот
  • За новинарите фриленсери нема бесплатни документи од Централен регистар

 

Пишуваат: Љубица Иванова и Ѓурѓица Бојчевска

 

Еден новинар во Бугарија, Албанија, Србија или Црна Гора може во реално време да добие документи за сопственоста на компанија или друго правно лице, или пак биланс на успех и состојба за истата. И не само новинарите туку и граѓанските организации кои имаат за мисија да создадат потранспарентни институции за граѓаните. Една ваква ситуација не е во Македонија, каде само новинарите преку барање и чекање од околу една недела можат да дојдат до овие информации. За директен пристап преку електронскиот дистрибутивен систем на ЦРМ се плаќа за секој документ – од 150 па се до 2000 денари.

 

ТРАНСПАРЕНТНОСТА ИМА ЦЕНА

 

Новинарскиот тим на „Инбокс7“ истражува за причините кои оневозможуваат побрзо и поефикасно да се дојде до податоците со кои би се откривале коруптивните појави.

Меѓу основните се цените на услугите што ги наметнува државниот Централен регистар.

 

 

 

Ценовник на ЦРМ

Тековна состојба на субјект на упис 256,00 денари
Историјат на субјект на упис 1.245,00 денари

 

Поединечен податок 101,00 денари

 

Фотокопија од решение со прилози и збирка на исправи 200,00 денари до 10 страни

над 10 страни + 5,00 денари страна

Заверка на фотокопија од решение со прилози и збирка на исправи 25,00 денари страна
Отпечаток од скенирани записи 200,00 денари до 10 страни

над 10 страни + 5,00 денари страна

 

Дали овие цени се пречка за поголема транспарентност на институциите?

Меѓу клучните фактори за успешна борба против корупцијата, перењето пари, избегнувањето данок, местењето тендери и сличните коруптивни махинации е лесната и брза достапност до податоците за сопствениците на компаниите. Тие главно се лоцирани во неколку институции како што се Управата за јавни приходи, банките, берзата и други, но најклучна е Централниот регистар на државата.

Таму, во оваа државна институција се депонирани вистините за сопственоста на компаниите кои се генератор на развојот на државата, но меѓу нив и генератори за матни зделки. За затајување даноци, местење тендери, конфликт на интереси со политичките центри на моќ.

Во сите извештаи на Европската комисија како и на бројни меѓународни и домашни организации кои се занимаваат со декетирање на коруптивните појави и со истражување на корените за нив, со години Македонија е при врвот на коруптивноста.

Покрај надлежните институции кои во минатото не дадоа задоволителни резултати во борбата против корупцијата во земјава, со овој канцер на општетсвото се занимаваат значаен број невладини активисти, здруженија на граѓани и особено новинарите.

Новинарството, посебно специјализираното истражувачко новинрство, ја има улогата да истражува, да трага и разоткрива сомнежи за корупција како негов придонес кон здрава држава и праведно општество. И иако истражувачкото новинарство во Македонија не е на некое завидно ниво, најверојатно на властите тоа им оди во прилог.

Владата неодамна, токму на инсистирање на новинарите одобри Правилник со кој за истражувачките новинари некои документи од Централниот регистар стануваат бесплатни, за други плаќањата се симболични, за трети треба да се платат процедуралните постапки. Но, и покрај овие позитивни промени инертноста при добивањето на бараните информации и натаму остануива меѓу елементарните пречки во борбата против корупцијата со помош на новинарството и јавноста.

 

НОВИНАРИ: ПРИСТАПОТ ДА БИДЕ БЕЗПЛАТЕН, ДОКУМЕНТИТЕ ГИ КОРИСТИМЕ ЗА ЈАВЕН ИНТЕРЕС

 

Неколкумина македонски новинари од регионов кои се занимаваат со истражувачко новинарство за оваа сторија на „Инбокс 7“ ги пренесуваат своите искуства.

Пристапот до поголемиот дел од информациите на ЦРМ треба да е бесплатен, како што е тоа случај со некои земји од регионот  како во Бугарија, Србија, Хрватска, Грција, итн, а да не зборувам за западните земји“, вели Игор Петровски, истражувачки новинар.

Гоце Трпковски, истражувачки новинар од РСМ, вели дека цените се пречка во истражувањето од страна на новинарите. „Цените се огромна пречка. ако се плаќа за основните три информации кои што треба да се добијат тоа се: тековна, историјат и биланс. Тоа се вкупно 3.000.оо денари и тоа е најмаиот трошок бидејќи понекогаш тие субјекти кои се бараат се во сопственост на други правни субјекти или дури и на трети правни субјекти. Па ако се оди натаму во истражувањето, ако се оди до крајот на тој ланец, тоа може да чини и неколку стотини евра и ретко за која редакција тоа би било исплатлив трошок.“

Цените се пречка. Тие не се безначајнои. Слободни бази на податоци се основен предуслов за квалитетно и објективно новинарство, особено за истражувачкото. Сопственост во фирма, раководна структура, приходи, профити, не смеат да бидат податоци скриени од јавноста, односно достапни само со плаќање. Погледнете го само ценовникот на ЦРМ и ќе сфатите дека ви е потребно вистинско мало богатство доколку на пример, ви требаат податоци за 20 фирми за некоја истражувачка сторија, а да не зборуваме за нешто покрупно. Регистарот на Србија, на пример, главно е достаспен и бесплатен за секого“, вели Трпковски.

Но, вакви проблеми нема Владимир Костиќ, истражувачки новинар од Србија. „Кај нас финансискиот извештај за последните три години, биланс на успехот и слично, се бесплатни и се наоѓаат на сајтот на државниот регистар. Што се однесува на историјата на компанијата, тоа зависи од тоа колкава е компанијата. Не е се` скенирано  во електронска форма па ако нешто мора да се копира се плаќа. Една страна е 20 до 30 динара (10 до 15 мкд денари). Скапо е, но, може да се фотогафира или да се запише што значи може да биде и бесплатно“.

Петар Видов

Истата олеснувачка околност ја има и Петар Видов, истражувачки новинар од Хрватска. „Поединечен увид на податоците во Хрватска е бесплатен. Доволно е да се регистрирате на страната на финансиска агенција „Фина“. Но на тој начин може да се пребарува само еден по еден извештај, па рачно да се извлекуваат податоци. Ако е потребна обработка на поголема количина податоци, за тоа сепак има ценовник.“

Костас Коукоумакас, новинар од Грција, вели дека документите од јавен интерес се бесплатни во неговата земја. „Овде во Грција е се бесплатно. Можете да проверите на веб-страницата за државни документи, за јавно-трговско друштво и ДОО. Но, Регистарот на имот е друга услуга и до него  пристап имаат само адвокатите.“

Искуствата од земја во земја се различни. Но за разлика од кај нас секаде има бесплатен пристап до податоците на државниот Централен регистар и во државите од регионов и пошироко. Особено се е бесплатно што се однесува до најосновните, до елементарните податоци за компаниите. Но кај нас и тоа уште не е случај.

 

                             

  • Законот за Централен регистар е прогласен во 2001 година, од тогаш десет пати бил изменуван и дополнуван, но членот кој се однесува на тарифникот останал непроменет.                                        

                                         член 15
Надоместокот околу користење на податоците од Централниот регистар, се утврдува со тарифа која ја донесува Владата на Република Македонија на предлог на Управниот одбор на Централниот регистар.

 

 

Владо Мартиновски, одговорно лице во ЦРМ, за „Инбокс 7“ вели дека е пропишан начин и постапка за подонесување барање за информации од ЦР. Според него, тоа треба да е формално, но прецизно да содржи што точно се бара и да се наведе новинарот, како и да има печат и потпис од главниот уредник на медиумот во кој што новинарот работи. Мартиновски тврди дека нема ограничувања колку документи месечно, односно годишно може да се добијат.

Мартиновски тврди дека темата за која на истражувачкиот новинар му се потребни документи не мора да биде наведена и дека новинарот единствено треба да нагласи дека станува збор за истражувачко новинарство.

Од Централниот Регистар не наведуваат како слободните, независните новинари, оние кои не се врзани, кои не се редовно вработени во одредени медиуми можат да најдат пристап во таа инститиуција која од новинарите бара нивното барање да биде поткрепено со потпис на уредникот и со печат на медиумот каде што барателот на информацијата е редовно вработен. Во светот членската книшка на некое од здруженијата на новнарите е доволна легитимавција за природата на новинарската професија. Кај нас, за жал, институциите како повеќе да се плашaт од вистината на јавноста отколку од тајните на криминалот.

Инаку, рокот за издавање на бараните документи е 30 дена, иако во ЦР тврдат дека од кај нив одговор може да испратат и за ден, два.

Проверивме. Нашиот колега Александар Тодески поденесе барање за пристап до документи.

 

БЕСПЛАТНИ ДОКУМЕНТИ ОД ЦЕНТРАЛЕН РЕГИСТАР НЕМА ЗА ФРИЛЕНСЕРИТЕ

 

Марија Бошковска-Јанковски

Централниот регистар не ги дава бесплатно документите на новинари-фриленсери. Иако, директорката Марија Бошковска-Јанковски најавуваше дека сите новинари, што подразбира и слободните новинари, ќе имаат бесплатен пристап до документите, тоа не можат да го сторат оние кои пишуваат текстови и ги продаваат во редакциите.

За „Инбокс 7“ свое искуство од посетата на Централниот регистар деновиве, за оваа сторија пренесува новинарот фриленсер Александар Тодески

„Службеничките на шалтер не се информирани дека новинарите можат да добиваат тековни состојби бесплатно. Нивните шефови пак, велат дека е задолжителен допис од медиумот каде што работи, во кој треба да наведе дека новинарот бара документи за истражувачки дејности. При тоа, на дописот задолжително терба да стојат потписот на главниот уредник и печатот на редакцијата“.

За фриленсерите, вели  Тодески, е друга приказна. На прашање зошто еден таков новинар не може да земе документи бесплатно и покрај прикажан доказ дека човекот кој ги бара документите е новинар, Централниот регистар остана на ставот дека без документот нема давање на документи.

Инертноста на инситуциите во однос на јавноста се покажа и низ примерот на Централниот регистар. Навистина цените на услугите, поточно цените за информациите што ги бараат новинарите овде се намалени но факт е дека инертноста, бавноста до доставување на бараните податоци често темата ја прави неактуелна, а со тоа и беспредметна и новинарскиот труд залуден.

Во интерес на вистината и на ефикасноста во борбата против корупцијата и на секаквите други појави на сопственички мрежи и на финансиски малверзации, покрај намалените цени, треба уште нешто во правец на ефикасноста да се промени.

Во името на јавноста пристапот до информациите да стане евтин, едноставен и лесно достапен.