Денешна дата
14/12/2019
Фото: МКД

КОИ СЕ ТРОЈЦАТА ПРОФЕСОРИ – ПРЕТЕНДЕНТИ ЗА ПРЕТСЕДАТЕЛСКАТА ФУНКЦИЈА?

  • Тројца професори – Стево Пендаровски, Гордана Силјановска Давкова и Блерим Река се кандидатите за идниот шеф на државата.
  • Пендаровски е заеднички кандидат на партнерите на власта СДСМ и ДУИ а зад неговата кандидатура застанаа уште триесетина помали коалициски партии.
  • Гордана Силјановска е кандидат на ВМРО-ДПМНЕ, додека зад Блерим Река застанаа Алијансата за Албанците и Беса, но неговата кандидатура останува неизвесна.

 

Пишува: Светлана Унковска

 

На претстојните претседателски избори што ќе се одржат на 21 април првиот и на 5 мај вториот круг засега е сигурно дека националниот координатор за НАТО Стево Пендаровски ќе се соочи со професорката Гордана Силјановска Давкова. Зад кандидатурата на Пендаровски застанаа владините партнери СДСМ и ДУИ, а го поддржаа и уште околу триесетина помали партии, додека Силјановска како кандидат на ВМРО-ДПМНЕ беше избрана на конвенцијата на опозициската партија во Струга пред две недели. Кандидатура најави и професорот Блерим Река зад кој застануваат Алијансата на Албанците и Беса, но неговата кандидатура останува неизвесна додека не се собрани потребните потписи.

 

ПЕНДАРОВСКИ ПО ВТОР ПАТ КАНДИДАТ ЗА ПРЕТСЕДАТЕЛСКИТЕ ИЗБОРИ

 

Професорот Стево Пендаровски и национален координатор за НАТО, иако е силен поддржувач на СДСМ а беше и носител на листата во првата изборна единица, тој формално не е член на владејачката партија и оттука неговата кандидатура се смета како натпартиска.  Тој стана кандидат по преговорите на СДСМ со ДУИ и со помалите партии, а неговата официјална верификација на Конгресот на социјалдемократите.  Пендаровски втор пат е кандидат за претседател на СДСМ, откако по вториот круг на претходните избори во 2014 година загуби од Ѓорге Иванов со 140 илјади гласови. Премиерот Зоран Заев по заедничката средба изјави дека кандидатурата на Пендаровски е обединувачка за сите етникуми во земјава. „Застануваме сите позади Стево Пендаровски, натпартиски, европски, граѓански – пријател и претседател на сите и за сите граѓани на Република Северна Македонија. Стево е човек кој одамна донесе одлука да влече напред, не назад. Ги избра граѓаните“,изјави Заев. Изборот на Пендаровски го прокоментира и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски кој рече дека тој претставува лик на “зевизмот“ и негова „традиционална матрица“.

Пендаровски е професор од областите на меѓународна безбедност глобализација на Американскиот колеџ во Скопје.  Бил  советник  за национална безбедност и надворешна политика во кабинетите на поранешните претседатели Борис Трајковски и Бранко Црвенковски. Во 2004 и 2005 година беше и претседател на Државната изборна комисија.

 

СИЛЈАНОВСКА, ПОКРАЈ ПАРТИСКАТА ПОДДРШКА, СОБРА И 10 ИЛЈАДИ ПОТПИСИ

 

Професорката Гордана Силјановска ќе трча како кандидат од редовите на ВМРО-ДПМНЕ и иако пред две недели беше избрана на партиската конвенција во Струга со големо мнозинство од 408 гласови од 519 делегати, таа сепак рече дека и е потребна поддршка и од граѓаните и дополнително собра 10 илјади потписи. Поддршката од ВМРО-ДПМНЕ ја оправда со, како што рече „ако зад себе немате партија ќе бидете политичка менекенка“. По конвенцијата, претседателот на партијата Христијан Мицкоски рече дека Македонија доби мајка на нацијата.
Честитки што се одваживте да аплицирате за кандидат за претседател и иден претседател Република Македонија. Македонија доби мајка на нацијата. Гордана Силјановска е наредниот претседател на државата“, рече Мицкоски.

По нејзиниот избор голем број реакции имаше за тоа дека беше дел од Владата на Бранко Црвенковски но и дел од Фондацијата отворено општество наречено Сорос. Таа беше министер без ресор во периодот од 1992 година до 1994 и експерт на Женевска група за заштита на човековите права и слободи и на Обединетите нации.

Силјановска важи за високо почитувана и респектирана професорка со јасни и прецизни ставови. Таа беше против потпишувањето на Преспанскиот договор и многумина од експертската јавност оценија дека пресудно за нејзиното фаворизирање да биде кандидат за претседател на ВМРО-ДПМНЕ биле токму овие ставови. Од СДСМ тогаш изборот на Силјановска го оценија како извршител на Мицкоски и втор Иванов и дека професорката му се попклонила на „груевизмот“.

 

РЕКА ЌЕ ТРЕБА ДОПРВА ДА СОБИРА ПОТПИСИ, ПАРТИИТЕ НЕМААТ ДОВОЛНО ПРАТЕНИЦИ ЗА ПОДДРШКА

 

Пред неколку дена изненади и професорот Блерим Река кој најави дека ќе се кандидира за претседателските избори по што партиите Алијанса за Албанците и Беса застанаа зад неговата кандидатурата. Двете партии излегоа со став дека како опозиција сметаат оти претседателските избори во земјава немаат значење без кандидат Албанец и дека во спротивно Албанците на претседателските избори ќе бидат сведени на само на гласачи кои гласаат, но не и на субјект за кој треба да гласаат. Но и покрај поддршката од двете партии на Албанците Река ќе мора да собира 10 илјади потписи поради тоа што за кандидатурата преку политичка партија потребно е таа да има најмалку 30 пратеници. Овие две партии заедно имаат 4 пратеници.

Својата кандидатура професорот и поранешен амбасадор на Македонија во Европската Унија, ја објави на својот Фејсбук профил. „Има две причини за оваа одлука. Прва – само со кандидати Македонци без ниту еден Албанец, ова мултиетничко општество ризикува да се претвори во моноетничко општество, а Албанците да станат само гласачи, но не и оние за кои ќе се гласа. Втора – само интелектуалните критики без политичко соочување не се доволни за промена на состојбата. И последно историјата ја испишуваат државниците, а интелектуалците само пишуваат за историјата“, напиша Река.