Денешна дата
11/12/2019

Што после конгресот на СДСМ?

Бурниот внатрепартиски период во најголемата опозициска партија кој излезе на виделина по изјавата на Црвенковски, аналитичари очекуваат да стивне по конгресот во недела. Потоа, велат тие, сите опции се отворени

Единствена сигурна  работа непосредно пред конгресот на СДСМ што се одржува во недела е дека тој нема да биде мирен и досаден. Долгогодишниот партиски претседател Бранко Црвенковски го поттикна испливувањето на несогласувањета во јавноста. Откако изјави дека ниту Заев ниту тој не се решение за СДСМ посочувајќи на изборниот резултат на Стево Пендаровски се чини не запира лавината реакции. Но после недела аналитичарите прогнозираат неизвесен период, во кој страстите полека би требало да стивнуваат.

Во меѓувреме се огласија повеќето спротиставени страни во најголемата опозициска партија.

За многу работи не се согласуваат, но идентично, во обраќањето на сите од нив ги има зборовите поделба и криза. Долгогодишниот пратеник  и поранешен потпреседател на партијата Јани Макрадули оцени дека “СДСМ е исправена пред досега невидена поделба и уште подлабока криза” , Заев пак дека “на СДСМ во овој момент не му се потребни доплонителни поделби” а Црвенковски оти ” продуцирањето на внатрешни поделби во партијата, за жал, не гарантира успешно лидерство”.

Помирување по конгресот

На професорот Јове Кекеновски сите овие случувања сега околу СДСМ го потсетуваат на несогласувањата во ВМРО-ДПМНЕ во 2004 година. Разликата според него е во тоа што Груевски бил поенергичен и после познатите случувања во скопскиот хотел Панорама ги разрешил состојбите побрзо од Заев сега. Кекеновски е убеден дека во недела актуелниот лидер на партијата ќе ја добие поддршката од делегатите и ќе остане на нејзино чело.

Заев со партиските кадровски смени што ги направи по неговиот избор мислам дека ја контролира партијата и дека ќе добие на конгресот.  По недела, незадоволствата ќе стивнат и тој ќе си ја води партијата, прашање е колку успешно- смета Кекеновски.

И аналитичарот Петар Арсовски се согласува дека состојбата е слична како и во ВМРО-ДПМНЕ по доаѓањето на Груевски, но за разлика од Кекеновски тој не сака да прејудицира што ќе се случува во недела.

petar arsovski

Петар Арсовски

Расправијата сега меѓу партиските членови е непријатна, но мислам дека таа нема да нанесе трајна штета на партијата ако по конгресот партијата излезе сплотена-вели Арсовски.

Можна нова партија?

После конгресот пак сите варијатни се можни, оценуваат соговорниците.

Мислам дека Црвенковски ќе треба да се повлече од таквиот став откако Заев во недела повторно ќе ја добие поддршката на конгресот и со тоа дефинитивно ќе се заврши кариера на долгогодишниот партиски шеф.  Постои можност Црвенковски да се обиде да формира и друга партија која мислам дека ќе помине лошо, слично како и партијата што ја формираше Љубчо Георгиевски кога замина од ВМРО-ДПМНЕ-вели Кекеновски.

Според Арсовски пак се зависи од конгресот и дали тој ќе заврши во пријателска атмосфера.

Сите опции се можни. Изборите покажаа дека помалите партии поминуваат лошо и дека сепаке потребна голема опозициска партија. Затоа мислам дека е добро да се обединат и да застанат зад оние што ќе добијат поддршка во недела бидејќи држава без силна опозиција не е демократија– вели Арсовски.

На почетокот на годинава процес на разединување на опозициската партија се случуваше во Србија.

Поранешниот српски претседател Борис Тадиќ реши да ја напушти неговата матична Демократска странка која ја водеше осум годино поради несогласување со актуелниот лидер  Драган Ѓилас. Набрзо тој ја формираше Нова демократска партија во која преминаа голем дел од членовите на старата партија на Тадиќ.

dimeska@inbox7.mk