Денешна дата
14/12/2019

БАРАТЕЛИ НА АЗИЛ – „ЗАКАНА ЗА БЕЗБЕДНОСТА НА ДРЖАВАТА“

  • Над 300 луѓе побарале азил во Македонија во 2018 и почетокот на 2019 година, а само три лица добиле
  • Најголемиот дел од лицата се одбиени со образложение дека се „закана по безбедноста на државата“
  • Инбокс7 разговараше со Александар Канџов – осуден за измама во Бугарија, барател на политички азил во Македонија

 

Пишува: Александар Тодески

 

Република Северна Македонија – земја со функционален правен систем. Таква треба да биде државава за Европската Унија ширум да и ги отвори вратите. На преговорите со Унијата им претходи скрининг процесот, кој кај нас е веќе започнат, а во кој меѓу другото се „чешла“ и барањето и давањето на азил. Истражувањето на Инбокс7 кој во Македонија добива азил, а кој не, не однесе во Шталковица – село во североистокот на државата во кое живее Александар Канџов, човекот кој шест години бара азил во Македонија.

 

Во лавиринтите на азил центрите пред 6 години влегол и Александар Канџов, државјанин на Бугарија, кој за себе вели дека е единствениот Македонец кој бара азил во Македонија.

БАРАЊАТА ЗА АЗИЛ НАЈЧЕСТО СЕ ОДБИВААТ ОД ЕДНА ПРИЧИНА

 

Азил центрите во земјата не се преполни. Во нив минатата година престојувале 299 лица, а азил добиле само три. Според информациите на Инбокс7, лицата се најчесто одбиени според делот во член 6 од Законот за азил, во кој е наведено дека претставуваат опасност по безбедноста на државата.

Во лавиринтите на азил центрите пред 6 години влегол и Александар Канџов, државјанин на Бугарија, кој за себе вели дека е единствениот Македонец кој бара азил во Македонија. Него го најдовме на околу 130 километри од Скопје, во село Шталковица близу Пробиштип. Таму живее откако по 6 месеци поминати во азил центарот во Визбегово побарал одговорот на барањето за азил да го дочека во сопствена куќа.

Во државата влегол легално преку граничниот премин „Деве Баир“, но од Бугарија излегол нелегално, бидејќи таму е осуден за измама на две фирми со жито, за што добил казна затвор од 2 и пол години. Тврди дека е невин и дека државата му наместила 42 кривични дела, а го осудила само за измама на двете фирми, па затоа одлучил да побара политички азил во Македонија, каде сега чува кози.

„Избегав од Бугарија како политички бегалец и врз основа на политичкото гонење кое го имав таму побарав азил во Македонија со барање за времето додека тече процедурата за добивање азил да не престојувам во азил центарот во Визбегово, туку на мој трошок да престојувам во Шталковица“, вели Канџов за Инбокс7.

Како доказ дека е наместен од актуелната бугарска власт го дава случајот од 2000 година, кога затоа што го нарекол поранешниот министер за правда на Бугарија „топ идиот“, добил условна казна, а по пресуда од Европскиот суд за човекови права, државата му исплатила отштета 4.000 евра.

„Во Бугарија се занимавав со човекови права. Во еден случај во 2000 година бев однесен во притвор затоа што барав оставка на тогашниот министер за правда и гласно го нареков “топ идиот на владата“. Од тогаш почнаа судењата, најпрво во Бугарија, потоа и во Стразбур. Во 2008 година добив решение од Меѓународниот суд за човекови права во Стразбур со што се осудува Бугарија дека ми смета на правото на мислење, правото на зборување и дека незаконски ме држеле во притвор. Два месеца откако го признаа решението, против мене покренаа 42 кривични обвиненија, што е практично невозможно, ниту Ал Капоне не го може тоа“, вели Канџов.

За 40 од обвиненијата не се докажало дека е виновен, но за другите две добил казна. Вели, имал сознание дека во затвор ќе биде убиен по наредба на Бугарија, па затоа избегал зошто му бил загрозен животот.

И Александар Канџов како и најголемиот дел од другите баратели на азил е одбиен според делот од член 6, дека претставува опасност по државната безбедност, но вели ако сакал нешто да направи против Македонија, имал 6 години тоа да го стори.

 

Во јавноста одекна и приказната на Хинд Аболооки, жена од Дубаи која откако побарала развод од сопругот, добивала закани од нејзините татко, чичко и брат.

ЖЕНА ОД ДУБАИ ЗАВРШИЛА ВО СКОПЈЕ

 

Во јавноста одекна и приказната на Хинд Аболооки, жена од Дубаи која откако побарала развод од сопругот, добивала закани од нејзините татко, чичко и брат. Нејзината потресна приказна за тоа што преживувала и зошто се одлучила да ги остави своите четири деца и да избега не била доволна за властите, па МВР го одбило нејзиното барање за азил.

„Утврдено е дека не постои оправдан страв од прогон, односно не се утврдило дека именуваната е прогонета поради својата раса, вера, националност, припадност на одредена социјална група, или политичко уверување и не постојат причини да се верува дека доколку се врати во државата чиј државјанин е, ќе се соочи со реален ризик од претрпување на сериозни повреди”, велат од МВР за случајот на Аболооки.

Откако и беше одбиено барањето и се чекаше одлука од Управниот суд, се носи одлука Хинд Аболооки да биде пренесена во азил центарот во Гази Баба и да и се ограничи слободното движење. Таа преку видео објавено на социјалната мрежа Твитер праша зошто се случило тоа.

„Вашата полиција прашала во повеќе земји, никој не им кажал ништо за мене. Јас никого не сум повредила, за да ме одведат таму, треба да има силна причина. Што имам јас направено надвор од законот, каков криминал сум направила? Јас сум нормална личност која ја бара својата безбедност, животот да не ми биде во опасност“, вели таа во видеото.

Приказната на Хинд Аболооки во Македонија завршува тука, бидејќи на 15 февруари, соочена со реалноста дека Македонија нема да и понуди заштита, заминува со надеж дека друга држава ќе и ја даде побараната заштита.

 

ПАКИСТАНЦИТЕ НАЈМНОГУ БАРААТ АЗИЛ ВО МАКЕДОНИЈА

Во азил центрите во Скопје минатата година дошле 299 лица. Од нив, 89 баратели се од Пакстан, 72 лица од Ирак, 46 лица од Авганистан, 19 од Иран, 14 од Бангладеш, 12 лица од Сирија, 10 од Турција, осум од Индија, по 6 лица од Конго и Шри Ланка, пет од Либија,  три од Мароко, по двајца од Русија и Косово и по едно лице од Алжир, Еририја, Непал, Обединетите Арапски Емирати и Палестина.

Во азил центрите во Скопје минатата година дошле 299 лица. Од нив, 89 баратели се од Пакстан, 72 лица од Ирак, 46 лица од Авганистан, 19 од Иран, 14 од Бангладеш, 12 лица од Сирија, 10 од Турција, осум од Индија, по 6 лица од Конго и Шри Ланка, пет од Либија,  три од Мароко, по двајца од Русија и Косово и по едно лице од Алжир, Еририја, Непал, Обединетите Арапски Емирати и Палестина.

Од овие баратели, Македонија дала супсидијарна заштита на само три лица, сите од Конго, додека пак останатите се одбиени. Дел од нив правдата ја побарале и во Управниот суд, но најчесто тој ги потврдува одлуките на Министерството за внатрешни работи.

Од МВР пак, не известија дека во јануари 2019 година, азил во Македонија побарале пет лица, три од Пакистан и по едно лице од Турција и Авганистан.

Прашања за тоа колку азиланти има во азил центрите во моментов испративме до Министерството за труд и социјална политика, кое е надлежно за азил центрите, но до објавување на текстот, одговор не добивме.

Останува отворено прашањето зошто е толку тешко да се дојде до супсидијарна заштита во Македонија, ако се земе предвид дека нема само баратели на политички азил, туку и поради закани по животот на луѓето, за кои државата веќе истражила дека се чисти пред да донесе негативна одлука.