Денешна дата
25/10/2020

Преговори со ЕУ како казна?

Пишува: Денко Малески

 

Претседателските избори мораат да поминат во најдобар ред и во демократска атмосфера што ќе биде препорака за отпочнување на процесот на преговори со вашата земја, ми вели дипломат на важна европска држава на заеднички ручек. Вие знаете, додава, дека ние пишуваме извештаи за политичките состојби во земјата и често сме пред дилема што да напишеме во нив. Ако ја напишеме вистината, ги намалуваме шансите за доближување до ЕУ, ако лажеме, се чувствуваме непријатно зашто се однесуваме неодговорно. Дипломатот искрено го вели ова охрабрен од мојот критички однос кон сопствената политичка реалност и ме прашува како да ја реши дилемата: да ја зборува вистина или да лаже. Одеднаш, попушта мојата критичност кон македонската реалност, и се обидувам да му докажам дека без да го прикачиме нашиот вагон на европската локомотива и без да почнеме да работиме на поглавјата под бриселски надзор, шансите да се извлечеме сами со свои сили од балканските реалности се мали. Мала земја како нашата не може да направи големи пореметувања за сојуз од над 500 милиони жители, но врските со сојузот од корен можат да го променат нашиот живот и реалностите на Балканот. Морате да мислите повеќе политички, велам. За една балканска земја, членството во ЕУ е дел од еден мировен план преку кој допрва се создаваат услови за демократска трансформација на политичкиот, правниот и економскиот систем. Поставете си го прашањето онака како што си го постави првиот американски пратеник во нашата земја во 1992, амбасадорот Роберт Фровик и полесно ќе ја решите дилемата. Тој тогаш ја нарече Македонија, „бебе од катран„. Тоа се зборови со кои се опишува (лоша) ситуација во една земја и на Западот му кажува две работи: ќе зажалите ако се вплеткате и помогнете и ќе зажалите ако не се вплеткате и помогнете. На крајот, кај нив, сепак надвладува чувството дека треба нешто да сторат за нас.

Кога ќе помислам, тоа е во основата на сите Западни интервенции во нашите внатрешни работи: сознанието дека без нивниот ангажман, работите ќе станат полоши. Значи, вие сугерирате да лажеме во извештаите, вели дипломатот. Не да лажете туку да ја гледате „големата слика“, одговарам. Конечно, отпочнувањето на преговори со ЕУ е политичка одлука на земјите членки кои треба да се свесни дека ако дадат датум на земја за која мислат дека не е сосема подготвена, можеби ќе зажалат, но ако не дадат датум ќе зажалат уште повеќе. Ќе се обидам ова што ми го кажавте некако да го дешифрирам кога ќе го пишувам извештајот, вели, на смеење, дипломатот чија земја може да биде една од главните пречки за отпочнување на преговори со Македонија во 2019. Особено сега откога Велика Британија се повлекува од ЕУ. Имено, се досега, „пазарот“ наречен проширување се одвиваше помеѓу инсистирањето на продлабочување на односите помеѓу државите на неколку држави-членки и британското инсистирање на проширување. Сега, останавме без британската политика, па доминантна ќе биде онаа на продлабочување и јакнење на критериумите за прием. Унијата денес се движи во насока на јакнење и продлабочување на односите помеѓу членките, пред проширувањето. Да не им се лутиме на земјите кои сакаат построги критериуми за прием во нивниот сојуз, а уште помалку на нивните претставници во земјата кои ги пишуваат извештаите. Тие ги гледаат сите дефекти на нашето живеење, токму како што ги гледаме и ние и нивната дилема е на чесни луѓе: да лажат или да ја кажат вистината. Оти, како што ми вели дипломатот, ако напишеме дека е се во ред, вашите политичари се опуштаат, ни ги покажуваат истите извештаи и ни велат нам: Гледате што пишува во извештаите, се е во ред! А, и ние и вие знаеме дека не е така.

Знаете што, му велам, триесет години независна држава се доволен доказ дека македонската политика може толку сама и ништо повеќе. И повторувам дека големата дилема е како да се прикачи македонскиот вагон на европската локомотива, оти ова се нашите потенцијали, толку е нашата енергија. Имаше времиња кога мислев поинаку. Некаде на почетокот на независноста реков дека ние како народ и како политика треба да се надминеме себеси ако сакаме да успееме како мала држава. Како се „надминува себеси“? Постои ли такво нешто. Можеби постои, но ние не сме направени од таков материјал. Сето искуство ме учи дека она што сме, сме. И ќе бидеме многу долго време ако бидеме оставени самите на себе. Загледан во мониторот на мојот компјутер, размислувам за нешто што пропуштив да му го кажам на дипломатот: немојте да мислите дека со препорака за отпочнување на преговорите со ЕУ им повладувате на лоши политичари, помислите дека така ги казнувате и ќе ви биде полесно.

 

Текстот е напишан исклучиво за Инбокс7. За секое реобјавување треба да се добие согласност од страна на редакцијата. Инбокс7 не секогаш се согласува со ставовите и видувањата на авторите во рубриката за дебата.