Денешна дата
26/11/2020

Секоја осма жена е заболена од рак на дојка

Македонија е една од ретките земји во Европа каде што смртноста од канцер се зголемува во последните 15 години, а ракот на дојка е меѓу најчестите причинители на смрт

 

Иако е предвидено болните од рак да не плаќаат за прегледи, сепак никој не поминал без да плати

 

пишува: Светлана Унковска

 

 

 

Најчеста причина за смрт кај жените од малигните неоплазми во период од 2010 до 2017 година е ракот на дојката покажуваат анализите на Институтот за јавно здравје. Стапката на морталитет се движи од 30,0 во 2010 до 26,9 во 2017 година, додека најмногу смртни случаи се бележат во 2016 со 32,7 на 100.000 жени се наведува во анализата. Црните статистики не само во земјава, туку и во светот ја потресуваат женската популација, а според интернационалниот истражувачки центар за канцер Глобокан, Македонија е една од ретките земји во Европа каде што смртноста од канцер се зголемува во последните 15 години, а ракот на дојка е меѓу најчестите причинители на смрт. Инциденцата на карцином на дојка е во пораст и секоја осма жена е заболена од оваа тешка болест. Според истиот истражувачки центар околу 30% од смртните случаи од малигни заболувања се должат на петте водечки ризик фактори:

  • -нездраво однесување и нездрава исхрана
  • -покачен индекс на телесна маса
  • -ниско ниво на консумирано свежо овошје и зеленчук во исхраната
  • -недостиг на физичка активност
  • -пушење и консумација на алкохол

 

Со заболени 1 од 8 жени, Македонија во рамки на европските држави

 

Според проценките на Светската здравствена организација се предвидува бројот на смртни случаи од ракот да се зголеми на 13.100.000 до 2030 година. На европско ниво ракот предизвикува 20% од смртните случаи, а секоја година со повеќе од 3 милиони нови случаи и 1,7 милиони смртни случаи ракот е најважната причина за смрт во Европа по кардиоваскуларните заболувања. На прво ранг место во светот во 2018 година е малигната неоплазма на дојка со стапка на инциденца од 11,7 на 100.000 жени.

Директорот на Клиниката за онкологија Нино Васев во изјава за „Инбокс 7“ вели дека за бројот на заболени и за новооткриени случаи со рак на дојка нашава земја е во ранг на западните земји.

Нашата статистика на заболени жени од рак се движи апсолутно во рамките на другите западни земји и кај новооткриени заболени сме на исто ниво. Кај нас има една заболена на 8 до 9 жени, а во Данска на пример е полош случајот и на секои 7 жени има 1 заболена од рак на дојка. Нема нагли зголемувања на годишно ниво, има некои зголемувања постепено, но тие не се драстични“, вели Васев.

 

Лекарите апелираат да се подигне свеста, но се чека предолго за преглед

 

Сепак, лекарите нагласуваат дека поради овие поразителни бројки уште поважно е да се подигне свеста кај населението дека раното откривање на болеста е многу важно за нејзино лекување и за зголемување на можноста за повеќегодишно преживување. Како и за секое малигно заболување, така и за карциномот на дојка од особено значење е раното откривање на болеста. Клучно за рано откривање на болеста е спроведување редовни контроли или скрининг кај жените особено по навршената 40-годишна возраст со ултразвучен и мамографски преглед.

Минатото лето болните од рак на дојка чекаа со месеци за да закажат контролни прегледи преку „Мој термин“. И министерот за здравство Венко Филипче тогаш призна дека има проблеми со закажувањето најмногу поради недостигот од кадри.

Науката се уште нема одговор која е причината за појава на ракот на дојка, иако има повеќе ризик фактори што може да придонесат за појава на ова заболување.

Доктор Дева Петрова онколог радиотерапевт од Клиничката болница „Аџибадем Систина“ оценува дека ризикот од ова заболување се зголемува со возраста на жената, најчесто се јавува по 50-тата година од животот, кај 25 проценти се јавува на возраст под 50 години, а кај 5 проценти од жените заболувањето се јавува под 35-годишна возраст.

Меѓу ризик факторите за појава на рак на дојка, пред се, е генетската предиспозиција, потоа има влијание хормонската терапија со естрогени, изложеноста на јонизирачко зрачење. Зголемен ризик за појава на ова заболување има кај дебелите жени и кај жените што не раѓале. Поновите истражувања укажуваат дека и одредени животни навики како пушењето, консумирањето алкохол и намалената физична активност го зголемуваат ризикот од појава на овој карцином“, вели доктор Петрова.

Доктор Васев пак, додава и дека улога игра и доцната менопауза, стилот на живот, генетика, но, според него, доколку некој во семејството има заболено од рак на дојка тоа не значи дека со голем процент на сигурност може да го добие и близок во семејството. Вели дека во лекувањето сме на повисоко ниво дури и од некои многу поразвиени земји.

Кај нас практично во интервенциите и лекувањата сме побрзи и од Англија. Во однос на нив тука по хируршките интервенции ако е потребна хемотерапија се почнува истиот ден, додека за зрачење 3 недели, а во Англија се чека и дури 2 месеца по операцијата. Ние сме многу брзи во тој поглед. Тоа е добро направено. Имаме најмодерни хемотерапии“, потенцира доктор Васев.

 

Свети Николе еден од градовите со најмногу заболени

 

Даниела Панева претседател на Организација на жени на Свети Николе  вели дека од 2002 година организирале група за самопомош на жени заболени од рак на дојка и во континуитет организираат месечни работилници за да им помагаат не само во набавка на перики и градници-протези, туку и едукативни работилници и психолошка помош.

„Групата во континуитет доаѓа на овие собири, сега ги има 46, некои од претходно починаа, некои нови доаѓаат дури и со 35 години и поразително е тоа што има случаи со многу пониска возрасна граница од порано. Не знам дали се уште нашата општина Свети Николе е со најголем пораст на малигни заболени и со најголем морталитет. Организацијата на жени бараше и доби мамограф пред 7-8 години, така што сега е малку полесно за жените од овој регион да вршат редовни прегледи“, вели Панева. Додава дека кај голем дел од жените проблем се финансиите да ги платат прегледите, а од Фондот за здравство имаат право на еден бесплатен градник. Најголема помош на жените вели дека им е потребна при првото одење на хемотерапија.

„Првиот пат кога се соочуваат со тоа дека треба да примаат хемотерапија го сфаќаат многу трагично и тогаш на жените им е најпотребна психолошка помош. Тогаш се во една многу тешка ситуација и не можат да размислуваат како треба. На овие собири се работи пред се индивидуално, но и групно и освен едукација и набавка на протези, организираме проекти со групни посети со други жени за да контактираат и разменуваат искуства“, истакнува Панева. Ја прашавме дали постојат некакви сознанија или испитувања за да се утврди зошто токму овој регион има драстична појава на заболени од рак.

Ништо официјално не се соопшти. Остана само како некои претпоставки. Првично беше водата па потоа ги менуваа цевките. Потоа постоеше сомнеж и со рудникот за азбест, метеоролошката станица, се тврдеше дури и дека во браната кај Свети Николе има фрлено бомби со радиоактивно зрачење, но точниот причинител се уште не се знае. Поразителен е фактот што секој во семејството има најмалку по еден заболен а никој не направи добра анализа за да се утврди што е вистината причина за големата појава на канцерогени заболувања и да се преземе нешто во врска со тоа“, вели Панева.

 

 

 

Бесплатно здравство за болните од рак само на хартија

 

Снежана Велковска од Свети Николе е оперирана од карцином на дојка пред околу 5 години и оттогаш нејзиниот живот се сменил соочувајќи се секојдневно со борбата против оваа тешка болест. Најголема поддршка има од нејзините најблиски и како што истакнува од нивната позитивна енергија, но клучно за да се носи со болеста е нејзината борбеност и ведар дух.

Кога дознав за болеста верувајте најмногу ми требаше психолог и тоа мислам дека и е потребно на секоја жена, како една голема поддршка и насока како да се справува во лавиринтот на болеста. Брзо се оперирав и заминав на онкологија и таму ме презеде една докторка што немам зборови да опишам колку беше професионална и човечна. Многу ми помогна. И до ден денес ја почитувам и многу сум и благодарна“, се присетува Велковска. Од она што го забележала кај другите истакнува дека соочувањето со недостиг на финансии и психичката состојба многумина ги тера да се откажат и да им падне волјата за да се борат натаму.

Ние сме оддалечени од Скопје и мораме да патуваме со такси. Потребна ни е придружба затоа што во тие тешки моменти на лекување одиме со плачење и со плачење се враќаме. Потребен ни е некој што ќе се најде во тие моменти до нас. Многу подлегнаа поради немаштијата и немањето поддршка бидејќи ние овде имаме многу слаби примања. Јас толку години одам на терапии, а иако велат дека заболените од рак не плаќаат ниту снимања, ниту мамографи, јас ниту еднаш не сум поминала бесплатно. Кога треба да ја направам контролата мене цела пензија од 8 илјади денари ми оди за тоа“, истакнува Велковска. Не знам дали сте слушнале, додава таа, во последните неколку години важевме за втор град во Македонија по заболени од канцер. Кога се оперирала во август 2014 година Велковска била 63-та кај која е дијагностициран канцер само од Свети Николе, а до крајот на годината вели веројатно бројката стигнала и повеќе од стотина заболени.