Денешна дата
26/10/2020

ПРЕТСЕДАТЕЛСКИ КАНДИДАТИ

Пишува: Александар Кржаловски

 

Изминатава недела донесе разјаснување на прашањето кој се ќе учествува во претстојната претседателска трка. По изборот на Гордана Силјановска Давкова за кандидат на ВМРО-ДПМНЕ пред две недели, викендов беше потврдена номинацијата на Стево Пендаровски како заеднички кандидат на СДСМ (и нивната коалиција од триесетина партии) и ДУИ. Исто така и опозициските партии во „албанскиот“ блок, ја поддржаа кандидатурата на Блерим Река, со што може да се очекува дека и тој ќе ги собере потребните 10,000 потписи од граѓани за да може да биде кандидат на изборите.

Во игра за можна кандидатура се уште неколку лица кои  бараат поддршка од 10 илјади граѓани, но малку е веројатно дека тие ќе успеат во тоа до крајот на рокот – сабота, 9 март, до полноќ, па доста е извесно дека трката ќе се сведе на гореспоменатите три професори.

 

Што беше карактеристично за овие номинации? Па, иако имаше напредок од претходните изборни циклуси, не може да се пофалиме дека беа многу демократски. Во ВМРО-ДПМНЕ имаше повеќе кандидати (10 пријавени и 9 прифатени), кои имаа можност и да се претстават на Конвенцијата во Струга и да бидат гласани. Исходот со убедлива поддршка за еден кандидат уште во првата рунда на гласање, укажува на во најмала рака насочување на делегатите како да гласаат. Но, барем демократската процедура беше испочитувана и имаше тајно гласање за сите прифатени кандидати.

Кај СДСМ, процесот се одвиваше малку похаотично. Прво се најавуваше „консензуален кандидат“, кој требаше да ги вклучи сите коалициски партии на СДСМ, но и партиите во албанскиот блок, по можност сите. Потоа, по објавувањето на ВМРО-ДПМНЕ дека има неколку пријавени кандидати за нивната конвенција, СДСМ исто така отвори конкурс за претседателски кандидатури и според последните информации пред Конгресот, на него се пријавиле 24 кандидати. Во меѓувреме, се растурија (т.е. не се ни одржаа) преговорите со Алијансата за Албанците, а во топло-ладно беа односите и со ДУИ. Конечно, претседателите на СДСМ и ДУИ во средата постигнаа договор за заеднички кандидат, кој во петокот беше обелоденет, а на Конгресот во неделата беше и потврден. Самиот конгрес испадна и непотребен, бидејќи делегатите гласаа само за кандидатот Стево Пендаровски. Но, беше нагласена и поддршката од 31 партија од сите етнички заедници, а беше претставен и како консензуален кандидат (за ова малку подолу).

Конечно, не е јасно (или барем мене не ми е јасно, со ограда за лимитирано следење на вестите на албански јазик и/или во медиумите доминантно за албанската етничка заедница), во каква постапка беше утврдена и поддржана кандидатурата на Блерим Река.

Се на се, повторно отсликување на карактеристиката „султан-партии“, односно на доминантниот начин на одлучување „од горе – надолу“, кој не ветува дека наскоро ќе се смени нешто битно на подобро кон подемократски практики, прво во партиите, па потоа и на ниво на државата.

 

Нејсе, тоа (начинот на избор на партиите на свои кандидати за претседател) и не е најважното прашање на овие избори. Една од битните флоскули која често се користи од владејачката коалиција ја споменав и погоре е – консензуален кандидат!

Тврдењето е дека за прв пат имаме кандидат поддржан истовремено од двете најголеми (а и сите други) етнички заедници – Македонците и Албанците. И тоа е така – но, дали тоа го прави Стево Пендаровски консензуален кандидат? Не би рекол! Бидејќи самиот збор консензус значи договор со широка поддршка или во најдобриот случај – на сите! Во Европска Унија одлучувањето со консензус значи согласност од сите 28 земји членки и ние, за жал, многу добро го научивме тоа, бидејќи само заради една членка – Грција, немаше досега (додека не си го сменивме името на државата) консензус за прием во НАТО и почеток на преговорите со ЕУ. Така и овде, прашањето е – кои се сите? Ако се тоа само СДСМ и ДУИ – тогаш да, кандидатот е консензуален. Но, самото тоа што има и друг кандидат (Силјановска) значи дека нема согласност од сите (а изборите ќе покажат колку многу не се согласуваат), односно нема консензус за Пендаровски. И аргументот за поддршка и од Македонците и до Албанците, иако сам по себе е значаен и за поздравување, со кандидатурата на Блерим Река пропадна, во смислата на меѓуетнички консензуален кандидат.

Сметам дека треба да се престане со употребата на тој термин освен ако СДСМ и ДУИ наместо потребните 30 пратенички потписи, успеат да обезбедат поддршка од најмалку 80 – тогаш ќе може да тврдат дека имаат консензуален кандидат. И воопшто, додека има избори и не се смени системот и претседателот се избира со дво-третинско мнозинство во Собранието, нема да може да се зборува за консензуален кандидат.

 

Но, и тоа не е најважно за овие избори.

Една од поважните работи е дали ги имаат карактеристиките кои граѓаните ги ценат. На последната анкета на МЦМС, главни три одлики кои би требало да ги има претседателот беа: чесност, одговорност и толеранција. Олицетворение на овие три карактеристики е покојниот претседател Борис Трајковски. Дали и колку се такви трите кандидати, ќе покаже кампањата, а потоа и изборот на некој од нив и реализирањето на мандатот, но и од првите впечатоци, може да се констатира дека сите тројца имаат доволно од овие потребни карактеристики. Немаат никакви дамки и афери зад себе (чесност), држат до своите ставови и принципи и го почитуваат институционалниот поредок (одговорност), а покажале и високо ниво на трпеливост и разбирање за ставовите на другите (толеранција). Во колкава мерка, особено ова последното, ќе го демонстрираат до изборите, останува да видиме.

Втора важна работа е – што ќе бидат главните точки на конфронтација во кампањата. Сите се професори, па почетната „академска предност“ на ВМРО-ДПМНЕ со изборот на Силјановска, е неутрализирана со изборот на Пендаровски во СДСМ, а и на професорот Река потоа. И со годините не се многу далеку (8 разлика), а родот можеби ќе донесе некој глас плус кај жените за Силјановска, но прашање е дали тоа ќе има некакво поголем влијание (ќе видиме се надевам со првите анкети). Останува сепак битката да се води на некои теми – и најочигледната е Преспанскиот договор. Силјановска беше (и е) противник на договорот (иако изјави дека ќе го почитува, но ќе се обиде да измени некои од последиците што ги носи), а Пендаровски беше (и е) еден од неговите главни пропоненти.

Се чини дека и изборот на ВМРО-ДПМНЕ со Силјановска е токму со цел да се наметне оваа конфронтација во кампањата и на некој начин овие избори да се сведат на (де)легитимирање на Преспанскиот договор и уставните измени (или на некој начин – втор референдум, овој пат без бојкот).

 

Друга конфронтација може да биде во однос на перформансите на Владата. Колку и да велиме дека овие избори „не се за тоа“, односно дека избираме меѓу личности, згора на тоа сите се „непартиски“ (т.е. не се членови на партиите кои ги предлагаат/поддржуваат), сепак тие се кандидати на партиите и голем дел од гласачите веројатно ќе се определат за партијата, наместо (само за) кандидатот, базирано на своето симпатизерство кон една или друга партија, или пак мерејќи ги постигнувањата на оваа Влада во однос на нивните очекувања (или изборните ветувања).

За жал, мислам дека тоа ќе го засени фактот дека овој пат сите кандидати се непартиски, што за мене ќе беше можеби најважната работа во овие избори, како надеж за департизација и постепена деполаризација на општеството. Наспроти тоа, веројатно не очекува уште една високо-поларизирана и конфронтирачка кампања. Да се надеваме дека барем ќе биде поцивилизирана од досегашните, достоинствена и коректна, со почитување на политичкиот противник.

 

*Текстот е напишан исклучиво за Инбокс7. За секое реобјавување треба да се добие согласност од страна на редакцијата. Инбокс7 не секогаш се согласува со ставовите и видувањата на авторите во рубриката за дебата.