Денешна дата
21/09/2020

Контроверзната „Секјуриком“ под стечај, поранешните вработени чекаат плати

Фирмата која до минатата година ги обезбедуваше државните објекти отиде под стечај „Секјуриком“ и сопственикот Волфганг Гампер се осомничени за криминал тежок 11 милиони евра

Александар Тодески

 

Контроверзната австриска фирма „Секјуриком“ на бегалецот Волфганг Гампер отиде под стечај, потврдуваат за “Инбокс7” од Основниот суд Скопје 2. Фирмата оди под стечај како должник на плати за вработените. Освен оние кои беа превземени од Службата за општи и заеднички работи, плати немаат добиено и оние кои биле вработени во фирмата како хигиеничари и обезбедувачи на други објекти.

За ова Инбокс7 пишуваше во јануари годинава.

 

Стечајниот управник на МПМ го презеде „Секјуриком“

 

Од Основниот суд Скопје 2 за „Инбокс7“ ја потврдија информацијата дека е отворена стечајна постапка за фирмата.

„Ве известуваме дека на рочиште за испитување на условите за отварање на стечајна постапка над должникот Друштво за обезбедување и услуги Секјуриком мултисервис интернационал ДООЕЛ Скопје, кое се одржа на ден 28.02.2019 година, судот донесе решение со кое отвори стечајна постапка над должникот“, велат од судот.

За стечаен управник на „Секјуриком“ е назначен Живко Калков од Скопје, кој, исто така, беше назначен за стечаен управник на „Медиа Принт Македонија“, фирмата во чија сопственост беа згаснатите дневни весници „Утрински“, „Вечер“ и „Вест“, а е под истрага на Специјалното јавно обвинителство во случајот „Империја“.

Дел од поранешните вработени во „Секјуриком“ за „Инбокс7“ велат дека деновиве ќе бараат средба со стечајниот управник за да разговараат со него за платите кои им ги должи фирмата. Тие неколку пати протестираа пред седиштето на фирмата барајќи ги своите плати, но откако фирмата одлучи да се пресели на друга локација, а вработените не знаеја каде е новата адреса, протестираа и пред Владата.

 

„Секјуриком“ во две обвиненија, сопственикот Гампер на слобода

 

Како што веќе пишувавме претходно во нашето истражување, иако беше посочувана како фирма во која не се работи законски, „Секјуриком“ ги добиваше тендерите за чистење, тековно одржување, дактилографски услуги и обезбедување од Службата за општи и заеднички работи (СОЗР) во сите влади досега.

СОЗР на последниот тендер минатата година одлучи да ги одвои постапките и наместо преку една јавна набавка да се бараат сите услуги, секоја од овие услуги да биде на посебен тендер. Па така, после 16 години, други фирми ги добија тендерите.

Тогаш „Секјруком“ наместо на платен список, се најде во Кривичниот суд, бидејќи Управата за финансиско разузнавање ги обвини поранешниот директор на СОЗР, Васе Доневски и сопственикот на „Секјруиком“ Волфганг Гампер дека ја злоупотребиле службената должност и направиле штета на државниот буџет тешка 11 милиони евра.

Доневски доби мерка притвор, а на Гампер му беше одземен пасошот, но тој и со таа мерка на претпазливост успеа да ја напушти државата и да се врати во родната Австрија, каде сега слободно се движи.

Името на фирмата се слушна и во судскиот процес за незаконското финансирање на ВМРО-ДПМНЕ, случај кој Сепцијалното јавно обвинителство (СЈО) го нарече „Титаник“.

Во обвинението на СЈО, „Секјуриком“, заедно со уште неколку фирми, за време на предизборната кампања во 2011 година платиле за подлоги за компјутерски глувчиња, подметачи за чаши, но и за услуги за бина, звучници и рефлектори во вкупен износ од 3.120.770 денари, сума која три фирми ја поделиле, но со тоа избегнале да се пријават како донатори на ВМРО-ДПМНЕ.

Администратор

Latest posts by Администратор (see all)