Денешна дата
24/11/2020

Општините кријат на што ги трошат парите

Истражувањето на Центарот за управување со промени покажа дека индексот на транспарентност во сите општини е само 20%

Најтранспарентни општини се: Штип, Битола, Кавадарци, Велес и Охрид

 

автор: Горан Лефков

 

Повеќето општини во Македонија не се толку заинтересирани да ги информираат граѓаните како ги трошат јавните пари. Истражувањето на Центарот за управување со промени, во рамките на проектот „Следење на принципите на Јавна администрација во зачувување на вредностите на добро управување“, покажа дека индексот на транспарентност во сите општини е само 20%. Во 2016 година индексот на транспарентност бил 16%, што значи дека новите локални власти не ја практикуваат транспарентноста на потребното ниво.

Ивана Ќурчиева од Центарот за управување со промени вели: „Резултатот на тој т.н. барометар на веб транспарентност, покажа дека општините во просек објавуваат 16% од податоците коишто ги поседуваат, а кои треба да бидат јавни и се во согласност со потребите на граѓаните“. Таа додава дека не можеме да бидеме задоволни со фактот дека податоците се објавуваат на општинските веб страници.

Ваквите состојби за познавачите на приликите во локалната власт е лоша практика.

Професорот на Правниот факултет, Борче Давитковски нагласува дека на општинско ниво никој не дава отчет, ниту нешто прави. „Тие си се газди, паши на својот пашалук“, смета Давитковски.

Според податоците од истражувањата на Центарот за управување со промени, најтранспарентни општини се: Штип, Битола, Кавадарци, Велес и Охрид.

Градоначалникот на Велес, Аце Коцевски се пофали дека нивната веб страница е многу транспарентна. „Општина Велес со години наназад е рангирана на врвот по транспарентноста во својата работа“, вели тој.

Важна алатка за зголемувањето на транспарентноста и отчетноста се и начините на кои општините ги нудат своите услуги на граѓаните.

Општините треба да имаат доволно канали за комуникација со странките или доволно да ги информираат како да треба да завршат одредена услуга. Во рамките на нашиот проект ги посетивме сите општини на терен за да се информираме како се даваат услугите на терен. Податоците покажаа дека само 17% од општините објавуваат на видно место како да се добијат услугите. Само 28% имаат објавено како да се плаќаат административните такси и 25% имаат испечатени формулари или формуларите се достапни на лице место“, потенцира Мартин Тодевски од Центарот за управување со промени.

Од централната власт воопшто не се задоволни од транспарентноста на општините.

Според министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски општините мораат многу повеќе да бидат отворени кон јавноста, да објавуваат податоци кои треба да се достапни, на нивните веб страни или внатре во самите простории.

Потешкотии во истражувањата за транспарентноста на општините имале и партнерските организации на Центарот за управување со промени, додека ги вршеле теренските истражувања. Тие се жалат дека има општини како Кратово, од кои воопшто не можеле да добијат податоци што им биле потребни за истражувањето, иако нивната намера била јасна и искрена.

Таљат Агуш, кој е член на „ЏЕФ Македонија“, истакнува дека со самото тоа што се бара транспарентност од општините, со тоа и се подобруваат нивната работа, како и услугите за граѓаните.

Владата се обидува да направи некои навидум пионерски чекори за зголемување на транспарентноста со објавување на дел од фактурите што ги плаќаат во државната администација. Но, истовремено таа ги блокира системските алатки кои треба да донесат поголема транспарентност во општините и на централно ниво. Незапамтена во македонската историја е блокадата на Комисијата за слободен пристап до информациите од јавен карактер. Така, на 2 мај годинава за претседател на Комисијата за слободен пристап до информациите од јавен карактер експресно е назначен поранешниот заменик, Блерим Исени. Владата на Заев не назначи членови на оваа Комисија, со што веќе шест месеци поднесените жалби за барањата за слободен пристап до информациите од јавен карактер кон општините се блокирани бидејќи нема кој да ги одобри решенијата на Комисијата.

Од Центарот за управување со промени во текот на овој проект ја проучувале и транспарентноста на многу општини надвор од Македонија, каде свеста за информирањето на граѓаните е на многу повисоко ниво.

„Позитивните примери во светот кои се веб транспарентни дирекно влијаат на подобрување на квалитетот на живот на граѓаните“, вели Ивана Ќурчиева, од Центарот за управување со промени.

Некои од градоначалниците се свесни колку е значајна транспарентноста. Според нив, чесно е граѓанинот да знае каде се трошат неговите пари кои во форма на даноци и давачки заминале во општинската каса.

Аце Коцевски, градоначалник на Велес ни изјави:

„Транспарентноста е многу важна, ние сме избрани од граѓаните и постоиме заради нив. Треба да им служиме на граѓаните, и граѓаните секогаш треба да знаат каде, како и колку се трошат нивните пари кои се слеваат во општинскиот буџет“. Тој додава дека целта на општината е документите што ги носат да бидат колку што е можно повеќе прилагодени на приоритетите на граѓаните.

Најбрзорастечки пристап за пласирање на податоците кон заедницата се веб страниците на општините. Ќурчиева од Центарот за управување со промени уверува дека над 65% од граѓаните се информираат преку модерните медиуми, односно интернетот. „Општинските веб страници се користат за промоција за профилот на градоначалникот. Треба да се користат многу повеќе за објавување на податоци кои се од јавен интерес и коишто ги засегаат граѓаните. Она што најмалку се објавува во општините од областа на финансиите е извештајот за реализиранијавни набавки и во 2018 година ова го направиле само 4% од општините“, вели таа.

Транспарентноста ја потенцираат и од општина Студеничани. Тие во минатато организирале и форуми во заедницата за да се утврдат потребите на граѓаните. Тие потреби подоцна треба да станат приоритети на општината. Сега главна алатка за транспарентност им е општинската веб страница.

„Имаме така поставена цел- транспарентност пред се. Се обидуваме преку социјалните мрежи фејсбук, инстаграм, веб страницата на општината, секое движење на градоначалникот, секретарот на општината како семинари, посети, презентации на вработените, градоначалникот, советниците се обидуваме тоа да го објавиме истиот ден на веб страницата и на службените страници во социјалните мрежи“, појаснува Бурхаедин Нухиу, секретар на Општина Студеничани.

Од документите најмногу се објавувале финансиски документи како завршна сметка или буџет на општината. Околу 70% од општините ги објавувале овие информации на веб страниците, додека најмалку се известувало за загадувањето и животната средина. Така катастар за животна средина во општините е објавен во само 3% од општините, додека листа на загадувачи има во само 1%.

 

*Ова истражување е продуцирано со финансиска поддршка од Европската Унија, во рамките на проектот „Следење на принципите на јавната администрација во зачувување на вредностите на добро управување“. Содржините во видеото се единствена одговорност на Центар за истражувачко новинарство СКУП и на никаков начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на Европската Унија.

* Сторијата е поддржана од ЦИН СКУП Македонија во рамките на НЕД проектот “Промовирање отчетност преку истражувачко известување”.