Денешна дата
14/12/2019

КАДЕ ОДИ МАКЕДОНИЈА

Пишува: Трифун Костовски

 

Почитувани читатели,

Секој кој е длабоко посветен на својата земја, кој од дното на душата и умот се обидува да ја обмислува иднината на општеството која ќе биде со еманципаторски, солидарен, демократски и европски предзнак, секако дека има право да биде загрижен, но и конструктивно критички артикулиран во опсервациите за она што е и за она што треба да биде. Таков беше и духот на Крсте Петков Мисирков, таков беше духот и на преродбениците, таков беше духот и на оние кои ја направија оваа држава после Втората светска војна. Таков треба да биде и нашиот дух –прогресивно одговорен во однос на актуелните општествени динамики.

Македонија за мене е сѐ. Сум имал можност да живеам во развиените демократски земји. Но, сум одлучил да се вратам овде и да ѝ се посветам на мојата татковина по раѓање – Македонија. Нека ми простат претставниците на Владата, меѓутоа новата додавка Северна намерно не сакам да ја употребам, бидејќи зборот северна е само географска одредница и на крајот на краиштата тоа право му припаѓа на секого во начинот на размислување и прифаќање на нештата, бидејќи сите жители на Македонија и светската заедница се свесни дека станува збор за наметнато, но неизбежно нужно решение.

Да не бидам погрешно сфатен, јас го поддржувам Преспанскиот договор само со една единствена цел, а тоа е да опстоиме како држава и народ и да ја креираме понатаму слободно нашата иднина. Толку од мене за поимот СЕВЕРНА.

Почитувани читатели ни претстои влегување во НАТО и секако на повидок се преговорите за влез во европското семејство. Најголемите дилеми кои ми се појавуваат во моето размислување се како ќе успееме успешно да ги завршиме преговорите со Европската унија. Ќе прашате зошто?

Одамна мина времето кога членки од таканаречениот Источен блок, кои се придружија кон Европската унија, влегоа во европското семејство со минимум потребните реформи, беа потреба за едно гео-стратешко дооформување на унијата. Ниту, Латвија, Летонија и Естонија, а уште помалку Бугарија и Романија ги исполнуваа условите кои ги налагаше Европската унија.

Приказната тука заврши и за нас тука се поставени нови и построги критериуми за инкорпорирање во ова семејство. Причините за оваа строгост на европејците кон нас за мене лежи во фактот дека, во брзото ширење на Европската унија се направија големи пропусти и ако сакаме да погледнеме нејзината реалност, разликите од држава до држава се огромни по сите основи: економски, социјални, а особено во однос на демократските вредности и владеењето на правото.

Не сакам да бидам скептик и да кажам дека Македонија нема да успее на својот пат, меѓутоа, тој пат ќе биде многу макотрпен. За да го изодиме овој пат ни требаат вистински луѓе, на вистинско место. Но, за жал, такви луѓе во мигов, на актуелната политичка сцена не можам да видам.

Веќе две децении живееме заробени во партиско-султанскиот контекст, во кој партијата е побитна од државата, а припадниците на партиите и нивните послушници преку ноќ, добиваат функции, и тоа многу одговорни, за кои не се кадарни да одговорат достојно и со висока експертиза.

Едно од најканцерогените ткива во нашето општество е кадровската политика која во последните две децении се води во Република Македонија.

Лицата наоружани со вештини и знаења се маргинализираат и девалвираат, само со една цел, да не се повредат интересите и лидерот на партијата. Тоа, почитувани читатели, не наликува на демократија туку на авторитарен концепт на владеење.

Ни претстојат претседателски избори, со можеби двајца најсериозни кандидати за оваа функција од Македонскиот блок, кои произлегуваат од фелата на образованието.

Не би сакал во мигов никому да дадам предност или пак да прогнозирам – секој нека има простор во периодот што следува да ги аргументира своите идеолошки, политички, експертски и човечки позиции и квалитети. А ние ќе процениме на крајот.

Кој и да победи нека победи на демократски начин, меѓутоа мора да биде свесен дека функцијата претседател на државата, навидум изгледа небитна, но за мене тоа е многу значајна функција. Претседателот е институција која е одговорна за стабилноста и единството во државата.

Најодговорно ја прашувам актуелната Влада на Македонија, дали има изградено тим од експерти во сите области за претстојните преговори со Европската унија?

Од Владата очекувам доблест да се надмине себеси и своите суети и да го ангажира најсилниот потенцијал од човечки ресурси во областите за кои ќе преговара со Европската унија.

Се разбира, сакам да влеземе во европското семејство, меѓутоа сакам да укажам дека Европа нема на слепо да истури пари во Македонија за да ги подигне економијата, стандардот и сите сегменти во нашето општество. Европската Унија ќе инсистира да најде вистински партнер и соговорник за преговори со кој ќе се утврдат взаемните придобивки и ќе се изгради платформа за можниот побрз развој на Република Македонија.

Почитувани мои, рушењето на еден систем кој владееше 13 години и беше добро инфилтриран во сите сегменти на општеството е тешка работа.

За тој чин благодарам до сите кои беа вклучени внатре во земјата, но и оние кои помогнаа од меѓународната заедница за придонесот за падот на еден авторитарен и недемократски режим.

Сега се поставува прашањето што понатаму? Актуелната Влада која што веќе функционира две години, освен што испорача решавање на деценискиот проблем со нашиот јужен сосед, не испорача ништо повеќе со што ќе го убеди граѓанинот дека креира нов општествен наратив, согласно европските демократски прогресивни вредности.

Многу ми е жал што констатирам дека и оваа Влада го практикува истиот принцип како и претходната – партијата над државата.

Очигледна е апатијата на граѓаните од ваквото однесување на политичките партии на власт, а тоа резултира во сѐ поголемото иселување на младата популација, во кој што сите ние, вклучувајќи ги и самите родители, сме инвестирале, сме ги подготвиле или наоружале со знаење и вештини и денес дозволуваме да си заминуваат од државата и да градат како што вели Коста Рацин „Туѓи бели дворови”. Уште пострашно е што тоа е регенеративната популација која треба да го продолжи опстанокот на државата.

Почитувани мои, и покрај тоа што одговорот на прашањето КАДЕ ОДИ МАКЕДОНИЈА се чини јасен, бидејќи сите знаеме дека оди кон НАТО и Европската унија, но мојот впечаток е дека останува голема непознаница и магловит хоризонт кон каде се движи македонското општество однатре. Можеби ќе стигнеме до НАТО и Европската унија, но се плашам дека ќе се загубиме однатре, останувајќи заробени во културата каде што доминираат ситните лични и партиски интереси а не заедничките добра и интереси. А така, не се гради држава и стабилно еманципирано општество.

 

Текстот е напишан исклучиво за Инбокс7. За секое реобјавување треба да се добие согласност од страна на редакцијата. Инбокс7 не секогаш се согласува со ставовите и видувањата на авторите во рубриката за дебата.