Денешна дата
14/10/2019

ПРЕТСЕДАТЕЛСКИТЕ – ИЗБОРОТ Е МЕЃУ ВЧЕРА И СЕГА

Ако Силјановска и нејзините ментори сакаат повеќе гласови, тогаш ќе треба бргу да ја променат не само реториката туку и да ги редефинираат своите ставови за статусот на државава

 

Пишува: Зоран Иванов

 

Меѓу Гордана Силјановска со Македонија до сега и Стево Пендаровски со Македонија од сега, ќе се тркала претседателската кампања па и самиот чин на гласањето на дваесет и први април. На тој изборен ден и во друштво на Блерим Река како контрапункт на коалициските гласови на македонските Албанци.

Сите тројца непартиски, независни кандидати. Силјановска од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, Пендаровски од СДСМ и коалицијата, Река од опозициските Алијансата и Беса. Идејата на Села и на Касами со Река, очигледно, е уште повидливо да ги изолираат Ахмети и ДУИ од албанското гласачко тело. Битката со интегративците тие ја почнаа на минатите пратенички избори кога по нивното скоро дводецениско неприкосновено коалициско владеење им ги преполовија и рејтингот и собраниската сила. Преку заедничкиот кандидат нивната опозиција сега цели да му ја пратат пораката на ДУИ дека на наредните парламентарни ќе го дотолчат.

Во актуелнава изборна ситуација пак, ДУИ е товар за Пендаровски. Коалициски баласт кој ќе му ги оттргне гласовите на сограѓаните Албанци кои би го подржале ама не во друштвото на Ахмети. Логично, од таа причина значаен грст од тие гласови во првиот круг ќе одат на контото на Река. Но, затоа кандидатот на власта смета на вториот круг кога барем еден пристоен дел мотивирани гласачи Албанци сепак и на петти мај ќе се појават на гласачките места. Тогаш прагматично, наспроти ретроградната реторика што ја манифестира Силјановска, реално е да се очекува својот глас тие да му го дадат на Пендаровски. Оттука, без оглед на бројот на гласовите што во вториот круг би паднале на контото на Силјановска, тие ниту од далеку не ќе ѝ се доволни за изборна победа. Нејзиното учество на овие избори однапред е губитничко во сите варијанти. Нејзината кандидатура е само лакмус за Мицковски со пристоен гласачки скор да ја зајакне сопствената лидерска позиција во партијата.

Силјановска не е безначаен политички кадар. Но, на овие избори на сметка на својот децениски професорски дигнитет, таа свесно одбра да биде алатката, барометарот на нефлексибилното, на нетрендовското националистичко крило на ВМРО-ДПМНЕ и да лепи гласови од разочарани и емотивно повредени гласачи од компромисот со Грција. Нејзината саможртва е во нејзините политички ставови со локација од неповратното минато. Едноставно е неможна, неизводлива било каква реконструкција на од неа оспоруваните интеграциски процеси ефектуирани преку Преспанскиот. И тоа луѓето го знаат. Секако, ќе има таа побаеги гласови. Не поради тоа што луѓето веруваат на нејзините неостварливи ветувања, туку затоа што електоратот е плурален, навивачки, емотивен, па оттаму често и нерационален. Природно, нејзините поени ќе бидат најмногу партиски и од кампусот на граѓаните со поинакви политички па и идеолошки убедувања од оние на нејзиниот против кандидат. Но, никако поради лагите дека ќе поништува договор,  устав, име. Силјановска во старт промовираше поделби, вокабулар и реторика која не би смееле да бидат својствени на обединувач, на идната мајка на нацијата како што ја нарече нејзиниот партиски ментор.

Втората и поважна причина зошто Силјановска никогаш нема да стане првата жена претседателка на Република Северна Македонија е фактот што таа по инерција пак на актуелната доктрина на нејзиниот партиски промотор, ја продолжува реториката на сеење магла пред реалната стварност во врска со веќе случените промени со компромисот со јужниот сосед. Дури и лидерот на грчката опозиција, исто така тврдиот националист и ксенофоб Мицотаксис, со издишани раменици и со помирлив тон, деновиве мошне јасно порача дека договорот не е по негов ќеиф, но дека нема друг избор освен да го почитува. Не дека Силјановска тоа не го слушнала. Но и без тој сигнал таа секако знае, но на луѓето тоа не им го говори, дека државата за чија претседателка се кандидира, во светот е веќе прифатена со нејзината нова уставна позиција дефинирана како Република Северна Македонија.

Оттука, нејасно е зошто Силјановска сѐ уште не ја репозиционира својата кандидатска улога за функцијата за која пледира. На секој од своите досегашни настапи таа упорно, како да се бори за партиски престол, ветува приоритети како што се провоцирање предвремени парламентарни избори, промена на власта, уставни ревизии и слични нејаснотии. Ваквите неостварливи надежи што таа им ги нуди на граѓаните, уште повеќе ја оддалечуваат од преголемата амбиција по двеипол децениска апстиненција од таа сурова турбулентна сфера, на голема врата да ѝ се врати на политиката. А квази патриотските емоции врз кои сега, исто како и нејзината партија промотор, гази Силјановска, е токму таа губитничка  варијанта. Ова од проста причина што преспанскиот колку и да е лош, тој е рационален и е единствената можна врата за интеграциите кои отсекогаш биле составен дел на програмите на сите политички партии и определби на мнозинствата нивни гласачи.

Исто така, во опозицијата, посебно кандидатката, би требало да знаат дека, кај и да е, граѓаните, некој побрзо некој побавно, ќе ги преболат непринципиелните и неправедни отстапки. Зошто компромисите со арно или на сила, веќе сеедно, се преточени во уставот на земјата и прифатени од сите за нас меродавни меѓународни субјекти.  Силјановска меѓутоа, уште го игнорира тој ригиден факт па на половината милион гласови за кои сонува нејзиниот партискиот промотор, сепак малку ќе се почека.

Се на се, како на ниту едни претходни, кристално е јасно дека на овие и во двата круга ќе се избира меѓу политиката на ќорсокак на Силјановска, политика која е  неостварлива, која повикува на промена на непроменливи настани и меѓу политиката на Пендаровски која ќе треба да се занимава со предизвиците што престојат. Впрочем никој, ниту од власта ниту од опозицијата, граѓаните најмногу,  не ја посакуваа промената на уставот поради промената на уставното име. Ама и едните и другите, третите исто така, знаат дека во ова време и во овие регионални и глобални околности, без интеграциите земјава веќе беше ризично бесперспективна.

На овие претседателски изборот е меѓу вчера и сега. Затоа, доколку и во двата круга, особено во вториот, СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ успеат да ги мотивираат луѓето во потребниот број да излезат на гласање, за Силјановска оваа трка е однапред изгубена. Ако таа и нејзините ментори сакаат повеќе гласови, тогаш ќе треба бргу да ја променат не само реториката туку и да ги редефенираат своите ставови за статусот на државава.

Да го сторат тоа јасно, онака школски како пред училишна табла. На граѓаните да им го предочат објективното и конечно да го одвојат неможното од можното. Да престанат со поттикнувања на лажни надежи дека ќе го вратат времето и дека ќе ги променат нештата. Тоа не го заслужуваат ниту нивните најверни гласачи.

Впрочем, нека прашаат во Брисел, во Вашингтон, во Њујорк, па веќе и во Атина,  дали се изводливи нивните политики.

Заклучокот е во одговорите оттаму.