Денешна дата
21/09/2019

Обложувалниците ќе се поместуваат надвор од градот?

Иако тврдеше дека нема да има дислокации, Министерството за финансии до Собранието доставило измени кои предвидуваат казината, автомат клубовите и спортските обложувалници да бидат надвор од градот

 

Државниот буџет од приредувачите на игри на среќа лани се „офајдил“ со 135 милиони евра

 

Пишува: Александар Тодески

 

Собраниските филтри ги поминуваат измените во Законот за игри на среќа предложени од Министерството за финансии, во кои е наведено дека обложувалниците ќе се дислоцираат од градовите. Овие ставови не се исти со оние кои ги имаа од таму пред само една недела, кога за „Инбокс7“ тврдеа дека тоа не е решение и дека наместо дислокација, ќе се зголемуваат казните

 

Како ќе се менуваат локациите

 

Пет километри надвор од градовите ќе бидат сместени сите локали кои приредуваат игри на среќа, казината, автомат клубовите и спортските обложувалници. На овие законски измени им претходат многу премислувања од министерството, бидејќи ако еднаш беше само дислокација од околината на училиштата, а наредниот пат повисоки казни и зголемени трошоци за локали – сега се оди на целосна дислокација од градските подрачја.

„Инбокс7“ го побара целосниот предлог-закон со измените кои Министерството за финансии ги доставило до Собранието, како и информација до каде се измените, но одговор до објавување на текстот не добивме.

Кратката информација која ја добивме беше единствено потврда дека во измените се вметнува дислокација од градовите, а ветувањето за повеќе информации остана празно. Претходно, од таму ни рекоа дека единственото решение кое се бара е поригорозни казни за фирмите.

„Ќе се стегаат правилата, со самото тоа веруваме дека ќе има подобар начин на функционирање. Ќе има многу поголеми казни доколку има малолетно лице во објектите. Оддалечувањето од училиштата не го решава проблемот само по себе, прашањето е дали ќе се пуштаат малолетните лица во објектот, па во тој дел ќе се стегаат условите“, беше одговорот кој минатиот месец го добивме од Јована Аврамовска, портпаролка на Министерството за финансии.

 

 

Обложувалниците – најверни полначи на државниот буџет

 

Асоцијацијацијата на спортски обложувалници на Македонија (АСОМ) реагираше дека приредувачите на игри на среќа го прават бизнис амбиентот во државата подобар.

„Директните приходи кои државната каса на Македонија ги има од индустријата на игри на среќа минатата година изнесуваа 135 милиони евра, што е 12% повеќе отколку во 2017 година. Благодарение на индиректните проходи од ДДВ, локалните такси, придонеси и данок на плати, данок на закуп на локали итн – јавниот буџет во 2018 година беше зголемен за 118 милиони евра, што претставува пораст од 41% на придонесот на индустријата на игри на среќа во стопанството на Македонија“, вели Васко Илијевски, претседател на АСОМ.

Вкупните приходи на оваа гранка, според информациите кои „Инбокс7“ ги доби од Централниот регистар за 2017 година изнесувале 400 милиони евра, што значи дека тие се едни од најпрофитабилните бизниси во државата.

 

Со дислокација ќе се намалат вработувањата

 

Целосната дислокација на приредувачите на игри на среќа од градското подрачје нема да ги намали само приходите од оваа гранка, туку и вработувањата. Ако се намали бројот на локации кои ги поседуваат приредувачите на игри на среќа, тие повеќе нема да имаат потреба од толкав број на вработени.

Од АСОМ велат дека во 2018 година имале во просек околу 7.700 вработени по фирма која приредува игри на среќа.

„Секој директно вработен во оваа индустрија, која има околу 7.700 вработени, одржува уште седум работни места во другите стопански гранки, односно индустријата на игри на среќа поддржува скоро 54.000 работни места. Земајќи ги предвид и членовите на семејствата, тоа значи дека од оваа стопанска гранка директно и индиректно во Македонија живеат 216.000 луѓе. Трендот на раст кој го бележи овој сектор влијае и на намалување на невработеноста. Позитивното влијание на индустријата врз пазарот на трудот се гледа и во фактот што приредувачите на игри на среќа во текот на минатата година вработиле 40 отсто повеќе луѓе во однос на 2017“, вели Илијевски.

Според информациите од Централниот Регистар, казината, автомат клубовите и спортските обложувалници во државава, во 2017 година имале вкупно 5.876 вработени, чија плата во просек изнесувала 19 илјади денари.