Денешна дата
05/04/2020

Оживеаја најавите за регулација на онлајн порталите?!

Лични ставови или пробни балони за јавноста? Изјавите кои доаѓаат од раководството на Агенцијата за медиуми, повторно ги актуелизираа стравувањата од законска регулација на онлајн медиумите во Македонија

„Соодветен режим на регулација“. Вака ги опиша првиот човек на Агенцијата за медиуми и аудио-визуелни медиумски услуги, Зоран Трајчевски, во интервју за порталот Прес24, мерките кои според него би требало да се преземат за регулација на онлајн медиумите во земјава.

– Според мое лично убедување и интернет-порталите како сите останати медиуми треба да бидат под соодветен режим на регулација. Токму на овие избори се покажа дека токму тие најгрубо не го почитуваа изборниот законик.

zoran trajcevski press 24

Зоран Трајчевски (фото: Пресс24)

– Ние како Агенција добивме десетици и десетици приговори од политичките партии за непочитување на Изборниот законик од страна на интернет-порталите, но, за жал, не можевме да реагираме, бидејќи немаме никаква надлежност. Исто така, многу приговори за непочитување на Изборниот законик од страна на интернет-порталите  пристигнаа и до ДИК. Не станува збор за санкции, туку за регулација, како и за сите останати медиуми, рече Трајчевски во интервјуто за порталот.

Инбокс7 во неколку наврати се обиде да стапи во контакт со Трајчевски за да прашаме детали за тоа што би значел ваквиот режим на регулација за порталите, но тој не беше достапен за коментар.

Иако првиот човек на Агенцијата нагласува дека тоа е негов личен став и убедување, сепак ваквите коментари не поминаа незабележани во медиумската заедница. Повторно се разгореа стравувањата дека ваквите најави се „пробни балони“ од власта и водат кон поголема контрола врз онлајн медиумите.

Изјавите доаѓаат само неколку месеци по носењето на Законот за медиуми и откако ЗНМ и Владата кажаа дека се договориле порталите да бидат изземени од законска регулација.

Директорот на Здружението на новинарите на Македонија, Драган Секуловски, за Инбокс7 вели дека ставот на Директорот на Агенцијата е спротивен со ставот на Владата и на Парламентот, кои во декември минатата година ја прифатија забелешката на ЗНМ, ОБСЕ, Советот на Европа и останатите медиумски интернационални организации, интернет-порталите да не бидат ставени под законска регулатива.

 

dragan sekulovski

Општо прифатлив заклучок за сите страни е дека интернет-порталите не треба да се регулираат од државата, туку потребно е да се дел од медиумска саморегулација, бидејќи не е практика за демократски земји државата да наметнува правила во интернет-медиумите, a особено не во кревки демократии, како што е Македонија, вели Секуловски.

Од ЗНМ велат дека инсистирањето законски да се регулираат интернет-порталите и критичните оцени за нивната работа, ги сметаат за притисок и обид да се дисциплинираат и тие малку медиуми, кои се надвор од директна контрола на власта.

Секој обид да се стават под законска регулација интернет-медиумите, ќе придонесе Македонија уште повеќе да падне на листите за слобода на изразување, а тоа нема да помогне за интеграција кон ЕУ и НАТО, што Владата го третира како стратешка цел. Со тоа Македонија ќе биде единствена земја во регионот и во Европа што се обидува да ги регулира интернет порталите, вели Секуловски за Инбокс7.

Сличен став имаат и сопствениците и уредниците на онлајн порталите кои ги контактиравме. Сопственикот и уредник на порталот: Локално.мк, Драган Антоновски, вели дека во поглед на регулацијата на интернет-порталите, сосема е доволно она што сега е дефинирано во законите.

– Се согласувам дека треба да се знае чиј е порталот, треба да има контакт, се согласувам дека треба да работи според професионалните стандарди, но традиционалните медиуми не работат според стандардите. Нека ја регулираат сферата на традиционалните медиуми, нека ги регулираат телевизиите, нека ги регулираат дезинформациите и упадот во новинарството, вели Антоновски.

Уредникот на порталот НОВА ТВ, Борјан Јовановски, пак, вели дека во Македонија не се проблем законите, туку тоа како тие се применуваат во практика.

– Јас немам ништо против регулацијата или Законот за медиуми, но она од што стравував во најавата на тој закон е она што сега го имаме во практика и она што го гледавме за време на изборите од страна на Агенцијата за медиуми.

Министерот за информатичко општество, Иво Ивановски и претседателот на ЗНМ, Насер Селмани, на заедничка прес-конференција во декември минатата година, соопштија дека интернет-порталите нема да бидат регулирани со Законите за медиуми.

Се согласивме дека интернет-порталите не треба да бидат дел од оваа легислатива. Тоа значи дека електронските публикации ќе се бришат од Законот, рече тогаш Ивановски.

Според последниот индекс за слободата на печатот за 2014 година на „Репортери без граници“, Македонија е најлошо рангирана земја во регионот и се наоѓа на 123-тото место во светот. За споредба, Косово се наоѓа на 80-тото место, Босна и Херцеговина на 66-тото, додека Србија е на 54-тото место.

Интернет-порталите не се медиуми во Македонија?!

Коментирајќи ги состојбите во медиумите и оценките на странските медиумски организации за слободата на медиуми во Македонија, Трајчевски во интервјуто за интернет порталот Прес 24 нагласува дека новинарите кои давале „најцрни оценки за медиумската состојба“ или „воопшто не работат како новинари подолг временски период или работат во интернет-портали, кои не претставуваат медиум според Законот за медиуми“. Од Здружението на новинарите на Македонија велат дека директорот на Агенцијата за медиуми наместо да се занимава со работата на интернет-медиумите, треба да посвети поголемо внимание на забелешките од годишниот извештај на Европската комисија за напредокот на Македонија за 2013 година во делот за слободата на медиумите.

– Се надеваме дека Владата ја сфаќа сериозноста на ситуацијата и нема да ги прифати ваквите апсурдни идеи кои, за жал, доаѓаат од директорот на Агенцијата и кои истовремено се косат со принципите и со стандардите на Советот на Европа, ОБСЕ  и на Европската Унија. Ако некој се осмели да предложи такви измени на законите, ќе се направи огромна штета на слободата на говорот, „мечкина услуга“ на Владата, но и непоправлива штета на интересите на Македонија, како земја-кандидат за членство во ЕУ и во НАТО, вели Секуловски од ЗНМ за Инбокс7.

За разлика од кај нас, во светот веќе подолго време е разјаснето дека онлајн порталите се медиуми. Пулицеровата награда за најголемите достигнувања во новинарството одамна се доделува на истражувачки стории објавени во весници и во интернет-портали. Сајтот ProPublica.org, на пример, уште во 2010 година стана прв онлајн медиум кој освои Пулицерова награда за новинарство.