Денешна дата
24/03/2019

Општински ревизии: Трошеле на вработувања и садници, не се знае каде отишле парите

Кисела Вода најмногу пари потрошила на привремени вработувања иако немало потреба за тоа. Во Македонски Брод не е познато на кои клубови градоначалникот им доделувал пари. Општина Боговиње доделувала субвенции на јавно претпријатие, но не се знае на што отишле парите

пишува: Светлана Унковска

 

Општинските каси под контрола на Државниот завод за ревизија. Последните анализи се направени во Општина Кисела Вода, Македонски Брод и Боговиње за работењето во 2017 година. Кисела Вода најмногу пари потрошила на привремени вработувања, а не е познато и зошто и кои невладини организации и спортски клубови биле финансирани од општината.

Истото се случува и во Македонски Брод каде не е познато на кои клубови градоначалникот им доделувал пари. Општина Боговиње доделувала субвенции на јавно претпријатие, но не се знае на што отишле парите. Се набавувале и садници, а од нив нема ни трага дали воопшто биле насадени.

 

 

 

 

Кисела Вода потрошила над 170 илјади евра за привремени вработувања непотребно

 

Општина Кисела Вода во 2017 година потрошила 10.655.000 денари или нешто над 170.000 евра за привремени вработувања за околу 34 лица месечно кои ги ангажирала преку Агенција за привремени вработувања, покажала анализата на  Државниот завод за ревизија. Во неа се наведува дека тие не биле ангажирани ни поради зголемен обем на работа, ниту за привремено отсутен работник, ниту за работа на проекти или сезонска работа, туку за вршење редовни работни задачи, што е спротивно на законот. Кога ќе им истечел законскиот рок од една година ангажман преку Агенцијата,  повторно биле склучувани договори.

 „Со цел да се испочитуваат Законот за вработените во јавниот сектор и Законот за агенциите за привремени вработувања за ангажираните лица кои континуирано работат во општинската администрација, по истекот на временскиот период од една година се склучувале нови договори со кои лицата се прераспределуваат во друго звање или на друго работно место во рамките на општинската администрација“, стои во извештајот на ДЗР.

Ревизорите оценуваат дека таквиот начин на в

работувања има намалена транспарентност и субјективност во изборот на лицата кои ќе работат, но и нивна повластена положба при постапката за нивното ангажирање.

Од општинската каса се потрошени 147 илјади денари за репрезентации и угостителски услуги или околу 2.400 евра, но нема точно за што конкретно се потрошени парите.

„Не е дадено образложение за основот на репрезентацијата односно дали истата е потрошена за службени цели“, потенцираат ревизорите.

Општината во 2017 година префрлила 89 илјади денари (околу 1.500 евра) на сметки на невладини организации, културно-уметнички друштва, здружение на граѓани и спортски клуб, но нема валидни докази дека средствата биле наменски и законски искористени. Општината нема донесено акт за начинот постапката и критериумите за финансирањето, а изборот на организациите и клубовите, како и висината на средствата кои се доделувале не биле извршени од страна на надлежна Комисија. Средствата биле исплаќани по доставени поединечни барања, без оглас, а оние кои ги добиле средствата не поднеле извештај за нивно наменско трошење.

Нешто слично е и со исплаќање награди за талентирани ученици, за што во 2017 се доделени  1.150.000 денари (околу 18.700 евра), за кое ревизијата не може да утврди дека средствата се искористени наменски и законски. Една година потоа, во 2018 година, наместо општинскиот Совет, новиот градоначалник на општина Кисела Вода донел процедура за услови и критериуми за доделување награди за талентирани ученици од основните училишта во Општина Кисела Вода.

За одржување на улиците во зимски услови, општината преку тендер ангажирала фирма за што било исплатено 4.000.000 денари или околу 65 илјади евра, иако фирмата немала целосна банкарска гаранција.

Ревизија е направена и на буџетирањето на општината за што е констатирано дека нема транспарентност и јавност во процесот на донесувањето на буџетот. Исто така се наведува и дека во 2017 приходите и расходите биле повеќе од двојно зголемени во однос на претходната година.

 

 

 

 

Вработен во општината-директор на градинка во Македонски Брод

 

Во општина Македонски Брод, ревизорите утврдиле дека Советот носел одлуки штетни за имотот и општинската каса. Ова го покажува последната анализа на Државниот завод за ревизија за работењето на општината за 2017 година кога до крајот на октомври беше претходниот градоначалник  Милосим Војновски и Живко Силјановски кој стапува на должност од 2 ноември. Во ревизијата уште се наведува дека нема воспоставено систем на внатрешни контрола и контрола на сметководствена документација. Општината нема обезбедено осигурување на средствата со кои располага, а при користењето на службените возила нема издадено налози. Нема ниту правилник за користење репрезентации, па оттука не е познато кој и колку може да троши за репрезентација. Нејасно е и трошењето гориво.

На ревизијата не и се презентирани документи од кои може да се согледа оправданоста на трошењето на набавеното гориво за службени возила во вкупен износ од 254 илјади денари. Дел од сметките се однесуваат на исплата на средства за гориво за користење на возила кои не се во сопственост на општината“, забележуваат ревизорите.

Склучен е договор за јавно приватно партнерство за јавно осветлување, но иако не било исполнета обврската од договорот, општината не побарала надомест на штета, ниту пак продолжување на рокот за целосна реализација на договорот.

Во октомври 2017 година склучени се повеќе анекси за непредвидени и дополнителни работи за изградба на објекти од комуналната инфраструктура, што се склучени по изминат подолг временски период од основниот договор и за време на изборен период, наведува ревизијата.

Нетранспарентност постои и во доделувањето средства за помош на спортски клубови. 256 илјади денари (околу 4.200 евра) биле префрлени на фудбалски клубови и здруженија кои потоа не доставиле извештаи за тоа како биле искористени средствата. Воедно и парите биле доделувани без да постои интерен акт за тоа, па оттука има сомнеж за субјективност во одлучувањето и незаконско користење на средства. Во текот на 2017 на сметката наменета за други трансфери евидентирани се расходи од 837 илјади денари од областа на социјалната заштита. Но од предвидените 13 активности во програмата за социјална заштита извршени се исплати само за еднократна помош за новородено дете. Раководителот на Одделението за управување со човечки ресурси на општината во истовреме во период од неполни 2 години бил именуван и за директор на градинката во Македонски брод, а поранешниот градоначалник се правда дека тој бил назначен на таа функција поради недостиг на кадар.

 

Во Боговиње купувале се и сешто без покритие со документација

 

Ревизијата нема поволно мислење ниту за работењето на оппштина Боговиње.  И во оваа општина не постои систем на внатрешна контрола при плаќања, нема комплетна и потврдена документација при плаќања, нема раководители на Сектори и одделенија, како и одговорен сметководител. Нема правилник за користење на средства од репрезентација, а дел од фактурите за извршени угостителски услуги немаат соодветна спецификација за направени расходи. Вршени се исплати на канцелариски материјали, списанија, весници, горива и масла, за одржување на мрежата за улично осветлување по фактури кои не се поткрепени со потребна документација.

Во текот на 2017 извршени се исплати во вкупен износ од 2.138.000 денари без поткрепувачка документација и тоа за: потрошено гориво и масла во износ од 744 илјади денари , за набавка на канцелариски материјали во износ од 509 илјади денари, списанија, весници и други изданија во износ од 150 илјади денари, одржување на други градби во износ од 324 илјади денари, репрезентација во износ од 411 илјади денари по фактури за угостителски услуги но без опис на услуги и по кој повод се“, се наведува во ревизијата.

Во општината биле вработени 18 лица преку Агенција за привремени вработувања за период над една година што е спротивно на закон. За овие вработувања биле исплатени околу 5 милиони денари (81.300 евра). Општината на име субвенции му исплатила на претпријатието „Шари“ милион денари, но за тоа нема извештај за што се искористени средствата. Одлуката за доделувањето средства ја носел градоначалникот, наместо Советот на општината. Тендерите за зимско одржување на улиците им биле доделени на фирми кои воопшто не се занимавале со тоа.

И во двете постапки, избраните оператори според доставените потврди за регистрирана дејност од Централен регистар немаат регистрирано општа клаузула за бизнис, а имаат приоритетна дејност производство на метални врати и прозорци како и поставување на ѕидни и подни облоги, што не е во согласност со тендерската документацијата“, откриле ревизорите.

Општината спровела и постапка за јавна набавка на садници липи и тоа 200 во износ од 300 илјади денари (5.000 евра), но наместо тоа испорачани и биле 180 садници од други видови дрва, а била спроведена и постапка за набавка на садници за зелени површини од милион и 195 илјади денари (околу 3.200 евра), но нема евиденција дали и каде се тие насадени.