Денешна дата
21/09/2019

ТИВКО ЗГОЛЕМУВАЊЕ НА ЦЕНИТЕ: ПОТРОШУВАЧКА КОРУПЦИЈА ВО МАРКЕТИТЕ

  • Платите растат – растат и измамите на производителите и трговците
  • Производителите на храна и трговците против граѓаните – измама -цените исти количеството намалено
  • Производителите, уште од 2015г. започнаа наместо да ја коригираат цената на производите кои ги нудат на пазарот, да ја намалуваат грамажата.

  

 

Автор: Љубица Иванова

 

„Со години станувам се посилен и посилен. Торбата со намирници за 2 илјади денари ја носам се полесно и полесно“. Ваквите шеги на корисниците на социјалните мрежи се показател дека цените на производите поскапуваат, а поскапувањето најчесто останува незабележано од страна на потрошувачите.

Истражувањето на онлајн магазинот Инбокс7 покажа дека многу артикли, наместо покачување на цената, имаат намалување на тежината.

 

ЦЕНИТЕ ИСТИ, ТЕЖИНАТА НАМАЛЕНА

 

Потрошувачите кои ги консултиравме велат дека со право можат да сметаат дека производителите на храна и трговците ги мамат. Го прават тоа тивко без најава.

Се пораширена е појавата да се задржува нивото на цените, но да се намалуваа тежината на производите. Ова и на фабричките производи и на оние кои од рефус ги пакуваат самите маркети како што се брашното, шеќерот, солта, оризот, тестенините, кикиритките и други апетисани како и многу други производи.

Во нашето истражување наидовме на неколку производи кои наместо 1 килограм или литар, имаат 900 грама или милилитри. Или 100 грама помалку кај производите кои порано тежеле половина килограм.


Едно пакување кикиритки во еден од ланците  на маркетите во земјава до неодамна тежеше 500 грама, а се продаваше за 50 денари. Во истите маркети, на истите гондоли се продава исто така за 50 денари но нето тежината сега му е 400 грама. Значи маркетот всушност ја покачил цената за цели 20%.

 

ИЗМАМИ НА ПРОИЗВОДИТЕЛИТЕ И ТРГОВЦИТЕ

 

Инбокс7 ги истражува негодувањата на купувачите во маркетите. Нивните забелешки главно се однесуваат на повеќегодишни непроменети цени на одделни производи, особено на прехранбени и на други за широка употреба. Но притоа, истите тие производи периодично ја менуваат тежината. Значи, за истите пари дома носиме помалку грамови и милилитри од производите што се продаваат во трговската мрежа.


Тоа се забележува и преку извештаите од Државниот завод за статистика, каде вредноста на синдикална минимална кошница која од 32.102 денари во 2016 година се искачила на 32.671 денар во 2018 година. Од вкупната вредност за храна во 2016 година се одделувале 13.174 денари, додека во 2018година пресметаната вредност која се одделува  за храна достигнува 13.513 денари.

Неминовно е дека расте и просечната минимална плата, која до крајот на 2018 година достигна до 25.784 денари, но водејќи се според бројките од Државниот завод за статистика, во случај кога само еден член од семејството има примања (што не може да се исклучи како опција во нашава држава), забележуваме дека кога од 25.784 денари (минимална просечна плата) ќе ја одземеме вредноста на синдикална минимална кошница 32.671 денар добиваме негативна разлика од минус 6.887денари. Ако трошоците пресметани за едно просечно четиричлено семејство се поголеми од примањата и се јавува дефицит од 110 евра, тогаш  ситуацијата кај повеќечлените семејства е далеку полоша.

РАСТАТ ПЛАТИТЕ, НО РАСТАТ И ИЗМАМИТЕ

 

Феноменот скриена инфлација со години се провлекува пред очите на граѓаните во скриени форми. Не ретко од повозрасните слушаме како за 1000 денари можело да се испазари полна количка прехранбени производи, споредено со денешницава кога за 1000 денари одвај полниме една кеса.

Проверивме колку продукти еден потрошувач може да испазари за 1000 денари. Полу-празната количка содржеше 12 продукти:
млеко, брашно, зејтин, јогурт, 10 јајца, сирење, вегета, кафе, ориз(Сончева Долина, 900гр.), шеќер(900гр.), леб(Жито Лукс, 470гр) и чоколадо(Европа, 85гр.).

Конкретно кога станува збор за храна и пијалаци, скриените форми на инфлација ги осознаваме преку трендот на намалување на нето количеството на производите кои ги задржуваат истите цени или во полош случај ги зголемуваат цените. Оризот и шеќерот веќе одамна се продаваат во пакувања од 900грама, леб од 470грама, чоколадата се почесто се по 90, 85 грама.
Едно од основните потрошувачки права на потрошувачите е правото на информирање: Ова право наметнува обврска за трговците да ни дадат навремени, точни и веродостојни информации за сите аспекти поврзани со производот или услугата за да не бидеме доведени во заблуда и да може да направиме правилен избор на производи и услуги.“

 

РЕАГИРААТ ГРАЃАНИТЕ: ОВА Е ИЗМАМА

Маја, 21 – Скопје
-Навикнати сме чоколадата да се по 100грама. Избегнувам да купувам чоколада од 90/80 грама, сметам дека тоа е измама и оптичка “варка“, за што не си свесен се додека не погледнеш на амбалажата. Практикувам да ги читам пакувањата бидејќи сепак грамажата е втисната на амбалажата, а со реагирање на каса не би постигнала ништо.

Магдалена, 32 – Скопје
-Мене лично ме фрустрира тоа што во последно време пакувањата цигари содржат 19, наместо 20 цигари. Ние како редовни потрошувачи на цигари не ја проверуваме амбалажата константно, па многу често доцна дознаваме за измените. Свесна сум дека цигарите се штетни и затоа нивната цена расте, но тоа не значи дека треба да се намалува нивниот квалитет и квантитет.

 

 

Во јули, 2018 година, беше изготвен нацрт-закон кој предвидуваше забрана за пуштање во промет на пакувањата на цигари кои немаат форма на квадар и кои содржат помалку од 20 цигари. Очигледно законот не стапи во сила.

Маријана Лончар-Велкова, претседател на „Организацијата на потрошувачи“ за Инбокс7 изјави:„Од Организацијата на потрошувачи постојано апелираме, при пазарењето да не се гледа само цената и брендот, туку и тежината и содржината. Производителите,  уште од 2015 година. започнаа наместо да ја коригираат цената на производите кои ги нудат на пазарот, да ја намалуваат грамажата. На полиците низ маркетите речиси е невозможно да се најде пакување на шеќер со тежина од 1 килограм или конзерва паштета која содржи 100 грама. Килограм леб одамна се преполови и стана 550 грама и помалку. Чоколадите најчесто тежат само 90 грама, а и цигарите со години не се по 20 туку по 19 во кутија. Теглите исто така тежат 650 грама наместо 800 грама а исто така и супите од кесичка порано беа за 4 чинии сега се предвидени за три чинии. Оваа некоректност спрема потрошувачите се забележа и на пазарот на ЕУ но исто така кај нас е забележена и за тоа известуваше и ОПМ како и медиумите уште од 2015 година. Тогаш а и сега ги предупредувавме потрошувачите на ваквиот тренд“.

Во билтенот за потрошувачите и исхраната, изработен од „Организацијата на потрошувачи на Македонија“, е објавена студијата изведена од експерти на Правниот факултет на универзитетот во Оломоуц, Чешка Република, кои го истражуваат проблемот со двоен квалитет во различни земји членки на ЕУ или различни регионални или локални пазари:
„Производителот ги пласира производите на пазарот со различна тежина, но со ист или сличен изглед на пакувањето (кое е незабележливо за потрошувачот),
па се нагласува дека „Продажбата на производи кои потрошувачите лесно ги забележуваат како идентични производи со интернационално различен квалитет во различни делови на ЕУ е нефер практика и не смее да биде прифатена.“

За жал, Македонија не изостанува од оваа практика, несомнено и домашните производители се користат со истите финти.

 

ИНФЛАЦИЈА ИЛИ СКРИЕНА ИНФЛАЦИЈА?

Иако Република Северна Македонија генерално се карактеризира со ниска стапка на инфлација, особено од 2002 година наваму, со единствен позначителен исклучок во 2008 година кога стапката на инфлација се искачи на 8,3 %, повеќе од очигледен е порастот на нивото на цените што придонесува за зголемување на побарувачката на пари. Односно вредноста на парите се намалува, а рамнотежното ниво на цените се зголемува. Притоа, порастот на количеството на пари е основна причина за инфлација.
Токму оваа теорија ни дава за право да се сомневаме во скриена инфлација.

 

 

НЕМА ТРГОВСКИ ЕСНАФ, НЕМА НИ ТРГОВСКА ЕТИКА

 

Лончар вели дека намалена нето количина на производите, а со иста цена, не се смета како измама, од причина што цените се претставени како и грамажата која е поврзана со  единица мерка. Сепак бараме кога се работи за прехранбени производи подобро да се регулира означувањето на грамажата на целиот производ, како и грамажата на деловите од производот и а тоа да се поврзе со единицата мерка со цел потрошувачот да пресмета лесно ако производот е 650 гр. колку ќе  го чини килограм од истиот производ, како и колку тежи и чини секој дел од еден производ доколку истиот содржи помали делови. “

На прашањето дали и колку граѓаните реагираат, Лончар вели: „Поплаките на граѓаните претежно се за технички производи и бела техника, за прехранбените производи  реагираат поретко.  Агенцијата за храна и ветеринарство има бесплатен телефонски број на кој исто така се јавуваат. За ваквите проблеми се разговара со надлежните институции а особено со АХВ но и со ДПИ како и здруженијата на стопанствениците. Се работи за голем дел увозни производи кои се од познати бендови каде производителите немаат интерес да ги менуваат грамажите само за нашиот пазар. Домашните производители речиси го следат истиот тренд. Се надеваме дека со новиот Закон за заштита на потрошувачите појасно ќе се дефинира означувањето на грамажата со цел потрошувачите барем да можат лесно да пресметаат колку тежи килограм или литар од еден производ и полесно да споредуваат за да одлучат што да купат.“

 

Потрошувачите се принудени  да купуваат производи без да бидат прашани дали им одговара количината, квалитетот и цената по кои се продаваат, а во реагирањето не гледаат излез бидејќи сè е изведено на легален начин. Но каде е трговската етика?