Денешна дата
14/10/2019

БРЕКСИТ ВО БРИТАНСКИОТ ПАРЛАМЕНТ

Пишува: Александар Кржаловски

 

Денес ја задоцнив колумнава, во очекување на гласањето на втората верзија на Договорот за повлекување (на Велика Британија од Европската Унија, т.н. Withdrawal Agreement.. или популарно Брексит договор) во Британскиот Парламент.

Како и нашиот Преспански договор, така и овој договор за Брексит е непресушен извор за коментари, па еве веќе трет пат се осврнувам на турбуленциите околу тоа во Британија и ги споредувам со нашите состојби. Додека нашиот договор по трнливиот пат низ Собранието, конечно стапи на сила минатиот месец, Брексит влегува во својот фото-финиш, во пресрет на договорениот датум за излез на В. Британија од ЕУ  29 март 2019 година, односно за неполни три недели од сега.

 

Денешнава дебата и вечерното гласање, беше како што напоменав погоре, за втората верзија на Договорот, според премиерката Меј подобрена и појаснета (или како што се велеше едно време кај нас – надградена и проширена), а со кој ќе има уреден излез од ЕУ со јасни правила и механизми за таа транзиција. Да потсетиме, првата верзија на Договорот, премиерката Меј го поднесе до Парламентот на почетокот на декември и требаше да се гласа на 11.12.2018 г., но откако пратениците (вклучително од нејзината партија) жестоко реагираа на тоа што е „договорено“, гласањето се помести за 15.01.2019 година. Но и тогаш, резултатот беше катастрофален за Владата, која го претрпе најтешкиот пораз во нивната историја со 230 гласа повеќе „против“ отколку „за“ (432:200), вклучително и со над 80 пратеници на владејачката Конзервативна (Тори) партија на премиерката Меј.

Со таков исход, Меј го врати Договорот на преговарачка маса со ЕУ, па и покрај тоа што претседателот на Европската Комисија Јункер веднаш изјави дека нема да има нови преговори околу договорот, од јануари до сега имаше интензивни обиди да се адресираат забелешките на пратениците од Британија со заедничка цел – сепак да има договор! Па така сега, покрај основниот Договор (на над 580 страници) и Политичката декларација, има уште три нови документи кои ги договорија Владата на ВБ и Европската комисија. Потсетувам на ова, бидејќи во нашиот случај, после неуспешниот референдум – не се направи обид да се подобри договорот низ дополнителни преговори со Грција.

 

Целиот двомесечен напор на Тереза Меј беше да се придобијат дел од тие пратеници што во јануари гласаа против и да се добијат некакви гаранции (повеќето бараа „правно обврзувачки“ односно одредби во договорот, на клучното прашање за границата со Ирска. Имено, опција за Британија да може да излезе кога сака (без дозвола од ЕУ) од царинската унија со ЕУ, но да нема гранични контроли меѓу Република Ирска и Северна Ирска (која е дел од Велика Британија) која е единствената физичка (земјена а не морска) граница на ВБ до ЕУ. Тоа пак е битно, за да не се „вратат“ насилствата во Северна Ирска, кои траеја 30 години, а беа решени со Договорот од Белфаст, со кој се тргна таа физичка граница меѓу нив.

Фасцинантна е таа Британска парламентарна демократија, каде што има борба за мислењето и гласот на секој од пратениците, со аргументи и премерување на секој кажан збор, одредба од документите/законите, за чекор по чекор да се доближи конечното решение до мнозинството пратеници, кое пак верно ќе го отсликува расположението на мнозинството граѓани (бидејќи кај секој пратеник е директно поврзан со изборна единица). И тоа, вон партиските линии, односно има голем број „за“ и „против“ и кај едната и кај другата голема партија. Не сакам да потсетувам како изгледаше кај нас „борбата“ за гласовите… со се можно, како пазари, ветувања, уценувања, амнестии, помилувања, а гледаме и „простени“ затворски казни… а најмалку со аргументи. Се разбира, не сакам да тврдам дека и во Британскиот парламент се е чисто и чесно, а и не верувам дека е така, но разликата со нашето Собрание во однесувањето околу најбитните две дебати во двете земји (Брексит и Преспа, респективно) е драматична.

 

И додека го пишувам текстот, се случи и гласањето. Иако се очекуваше понеизвесен исход, а имаше и надежи дека можеби ќе се стигне и до мнозински глас „за“, сепак повеќето прогнози беа дека подобрувањата на договорот повторно не се доволно добри, па така и гласањето заврши со уште еден пораз на Премиерката, со скоро 150 гласови разлика. Доста подобро од првиот пат, 80 пратеници го смениле своето мислење, или како што изјави еден од нив: ја пративме Меј во Брисел, да извлече „зајак од шапката“, а таа се врати само со глувче, но тоа е доволно добро за мене!

Инаку, и првото а особено второво гласање, во британските медиуми беа карактеризирани како „историски“, но ете – двете беа неуспешни (барем од гледна точка на Владата) и нема голема драма што е тоа така.

 

Уште пофасцинантно е справувањето со новонастаната ситуација. Не само што има План Б, туку следат уште неколку гласања во Парламентот за тоа како да се оди понатаму. Ова, бидејќи таму Владата го прашува Парламентот за нејзините предлози и прашува што да прави, а потоа спроведува тоа што Парламентот е го одлучи. И кај нас нели е така, ама само формално, додека фактички Владата (и оваа и претходната и оваа и веројатно сите други, освен можеби првата во независна Македонија) наложува што треба да се изгласа во Собранието. И се додека е тоа така, далеку сме од Европските вредности, а уште подалеку од Европската демократија.

Веќе утре, британските парламентарци ќе расправаат и гласаат дали се за Брексит без договор со ЕУ, па ако не се – ќе гласаат и за тоа дали да се побара одложување на излезот од ЕУ, по што Меј ќе треба да го побара тоа од ЕУ. Во два од трите можни исходи од овие гласања, ВБ ќе замине од ЕУ без договор (со сите ризици и неизвесности што тоа ги носи), но ако побараат и добијат одложување, иако тоа не го решава проблемот, тие пак не гледаат на работите црно и бело и имаат најмалку седум опции како да продолжат: ново гласање за трета верзија на договорот; пак на крај да нема договор; да има нов референдум; да се гласа за доверба на Владата; да има избори; нови преговори со ЕУ; па се до тоа да Брекситот воопшто да не се случи. Или како што велеа моите учители по медијација, токму од Белфаст во Северна Ирска – немој да одлучуваш за некој проблем, додека не разработиш седум можни опции!

 

*Текстот е напишан исклучиво за Инбокс7. За секое реобјавување треба да се добие согласност од страна на редакцијата. Инбокс7 не секогаш се согласува со ставовите и видувањата на авторите во рубриката за дебата.