Денешна дата
26/05/2019

ЦАЦА НИКОЛОВСКА: МОЛКОТ НА СУДСКИОТ СОВЕТ ЗА ПОКРЕНАТИТЕ ПРЕДМЕТИ ЗА СУДИИ ЌЕ НИ ДОНЕСЕ КРИТИКИ ОД БРИСЕЛ

  • Со ефикасноста, транспарентноста, ефективноста на Судскиот совет ќе ја тргнеме од онаа придавка која ја имаме „заробена држава“ како резултат и на заробеното судство, смета поранешната врховна судијка и судијка во Европскиот суд за човекови права, како и претседател на Институтот за човекови права, Маргарита Цаца Николовска
  • Според Николовска, реформите во правосудството се одвиваат споро, но важно е и каква ќе биде нивната имплементација откако ќе се изгласаат во Собранието
  • Судијката смета дека истрага за бегството на Никола Груевски се одвива споро и го повикува обвинителството да објави во јавност до каде е истрага, па дури и ако ништо не е утврдено

 

Интервјуирал: Александар Тодески

 

Инбокс7: Врховниот суд неодамна ја прогласи СЈО за ненадлежна за сите случаи кои ги отвори после 30 јуни 2018 година. Како ја коментирате одлуката на судот кој, наместо од Специјалното јавно обвинителство (СЈО), за нивни случаи да бара мислење од Основното јавно обвинителство (OJO)?

Николовска: Сметам дека тоа најблаго речено е избрзана одлука. Сметам дека во дадениот момент многу поупатно беше да се искористат другите инструменти кои се на располагање, а тоа е барање на автентично толкување на законот ако нешто не им е јасно, или барање пред Уставен суд ако сметаат дека законот е спротивен на уставните одредби. Вака поставеното мислење, фактички препишан само законскиот текст без да се даде некоја голема аргументација зошто одлуката е таква. Моето искуство зборува дека Врховниот суд требал апсолутно да го анализира секој збор на предметниот закон, па дури и запирките и точките во насока на квалитетно давање на она што значи образложение ако веќе се впуштил во таква одлука. Крајното мислење мое е дека ниту е аргументирано даденото мислење кое без аргументација е неквалитетно, ниту пак се користени другите средства од каде што би можеле и судиите и обвинителите да го осетат духот на законот за СЈО. Вака донесена препишана одлука, не носи до разјаснување на она што евентуално би можело да биде правно мислење на највисок судски орган. Имајќи ги предвид законските одредби, Врховниот суд во овој момент не можел да се впушти во носење на таква одлука.

 

Инбокс7: Сметате ли дека СЈО ќе биде независно обвинителство ако стане дел од ОЈО, бидејќи министерката Дескоска рече дека, сепак, ќе си ја задржи автономијата?

Николовска: Јас морам да ви кажам дека конкретниот текст во делот на СЈО со задржување на автономијата не сум го видела. Ова се дискусии и шпекулации кои ги слушам во јавноста. Она што за мене е важно е тоа дека е потребно што и да се донесе како одлука, да се овозможи СЈО да продолжи да работи затоа што таа работа што ја има спроведено не треба да се фрли во вода. Тоа се големи активности и тие активности апсолутно треба да се имаат предвид од било кој орган кој понатаму треба да постапува, дали е тоа редовното обвинителство, дали Специјалното јавно обвинителство ќе добие некој друг статус во редовното обвинителство, битно е да се овозможи понатамошно работење на оваа установа.

 

Инбокс7: Опозицијата тврди дека се злоупотребува мерката притвор, односно дека судовите ја користат за заплашување на нивни членови. Како поранешен судија во Европскиот суд за човекови права, сметате ли дека се повредени правата на дел од обвинетите и осомничените со мерката притвор?

Николовска: Прашањето за мерката притвор одамна било предмет на анализи, дури и кога бев судија во Европскиот суд за човекови права, прашањето за притвор го елабориравме и имавме направено еден водич за примена на мерката притвор. Во сам почеток тој водич беше направен некаде 2008 година, судиите, адвокатите и обвинителите беа многу заинтересирани и го користеа тој водич зошто на некој начин дававме одредени сугестии, пракса на Европскиот суд, се со цел правилно да се употребува мерката притвор. По извесно време, интересот опадна, а сега, во дадената ситуација се пријде и кон злоупотреба на дискусиите околу тоа кога треба мерката притвор да биде изречена, кога е изречена што се постигнува и така натаму. Аргументацијата по однос на сегашната состојба не се движи кон правна елаборација, што не е за прифаќање и лично сметам дека во едни аргументирани дискусии, граѓаните и стручната јавност можат повеќе да добијат сознанија за мерката притвор и да се остави за оценување она што значи донесување на таа мерка виз а ви причини и аргументи за таквата мерка.

 

Инбокс7: Имаме ли слободно судство, какво што најавуваше власта пред изборите во 2016 година?

Николовска: По однос на независното судство, Институтот за човекови права има направено доста анализи, се имам и јас произнесено, се има произнесено и меѓународниот фактор, меѓутоа дека некоја голема реформа не е направена и покрај тоа што има промена во законските текстови. Идејата е во оној момент кога ќе поминат законските текстови пред Собрание да се види нивната примена, нивната имплементација и во таа насока можат да се дадат поконкретни одговори што се случува со независноста на судството. Се уште има големи коментари, се уште има големи напади и сите тие треба сеопфатно да се гледаат за да се донесе една конкретна одлука, односно конкретна оцена и анализа во таа насока.

 

Инбокс7: Каде ја гледате вината за бегството на екс премиерот Никола Груевски, во судот, СЈО или МВР?

Николовска: Тоа е една состојба за која секој од свој аспект овие органи имаат дадено свои размислувања и мислам дека дел од тие размислувања кај секој од нив се во една насока прифатливи, во друга насока треба да бидат предмет на поширока анализа. Она што е битно да се каже е тоа дека фактички екс премиерот успеа да изигра многу органи и да побегне. Очигледно е дека имал голема помош и дека таа помош не е лоцирана од каде е дојдена за излез од државата. Истрагата која се уште се спроведува по кажување на факторите, треба да даде одговор на тоа прашање и кога ќе се даде еден таков одговор, тогаш ќе може да се прави поконкретна анализа. Се бараше голема одговорност од министерот за внатрешни работи, се дадоа одредени искажувања, но тие искажувања во дадената ситуација за жал не можат да бидат предмет на правна оценка затоа што фалат многу елементи.

 

Инбокс7: Сметате дека долго трае истрагата?

Николовска: Мислам дека долго трае, меѓутоа од друга страна, самата истрага можеби е во насока да не можат да се утврдат одредени околности. Слушнавме дека камерите биле оневозможени да снимаат или снимките ги немало, меѓутоа тоа е за она што се случува веќе откако поранешниот премиер влегол во Албанија, но не е утврдено како тој излегол од Македонија, а од друга страна факт е дека излегувањето од Македонија не е голем проблем и дека може без некои посебни преземање на мерки да се излезе од државата. Тука имаат одговорност многу органи во насока на следење на однесувањето на екс премиерот, елементи кои не се познати за јавноста, кои претпоставувам дека се предмет на истрага и мислам дека е редно веќе да се даде едно соодветно известување на јавноста до каде е и што може, а што не може истрагата да утврди. Постои можност ништо да не се утврди, но потребно е да се извести јавноста.

 

Инбокс7: Во време кога најголемиот спор за влез во Европската Унија е решен, тапкаат во место реформите во место. Сметате ли дека сме подготвени за влез во ЕУ со ова темпо со кое се движат правосудските реформи?

Николовска: Правосудските реформи се движат во една насока која што лично јас не сум задоволна од брзината. Но, многу работи треба да се донесат во парламентот, законите треба да почнат да се имплементираат, Судскиот совет треба повеќе да работи на она што значи пропусти кај одредени судии, има искажувања, дури и покренато предмети за 5 судии во Врховниот суд и Судскиот совет тука молчи. Идејата да се премолчуваат работите секако дека не е во насока на позитивна оценка од страна на ЕУ и лично сметам дека е крајно време Судскиот совет ако ништо друго, да донесе било каква одлука во овој спор за да може во крајна линија да се утврди и неговата ефикасна и ефективна работа, односно остварување на неговата надлежност и секако транспарентноста. Институтот ја следи работата на Судскиот совет и покрај тоа што има одреден напредок во овие три сегменти, сепак сметам дека напредокот е недоволен и дека повеќе се оди во формално-правна отколку во суштинска насока на остварување на ефикасноста, транспарентноста, ефективноста, се со цел меѓу другото да се тргнеме од онаа придавка која ја имаме „заробена држава“ како резултат и на заробеното судство.

 

Инбокс7: Како Македонија може да добие независно судство?

Николовска: Немаме време тоа многу да го елаборираме, но факт е дека треба неколку работи да се оценуваат. Покрај квалитетот на избраните судии, нивниот интегритет кој што е многу важен и кој може да се оценува преку работата на предметите и секако преку работата на Судскиот совет. Пасивноста на Судскиот совет во делот на оценување на работата на судиите во никој случај не смее да остане така. Напротив и со новиот состав апсолутно треба да се пристапи кон ефикасно спроведување на неговата надлежност.

 

Инбокс7: Дојдоа и првите судски случаи за говор на омраза на социјалните мрежи. Иако тоа го гледаме секојдневно и не се намалува, постапки има одвај десетина. Колку отворањето на вакви случаи помага државата да добие позитивна оцена во европските извештаи?

Николовска: Мислам дека тоа помага. Факт е дека се почнува да се разрешуваат состојбите со говорот на омраза што не беше случај до сега, на некој начин тие само се констатираа од одредени невладини организации без да има судска разрешница. Прашањето на судска завршница, прашањето на евентуалното казнување е многу битно и мислам дека тоа ќе биде позитивно оценувано од страна на Европската комисија и покрај тоа што треба уште многу да се работи и да не се остане само во иницирање на судски постапки за овие предмети. Следењето на состојбата мора да се движи понатаму и што е многу важно, завршување на секоја таква постапка која води до говор на омраза заради тоа што ниту слободното изразување на мисла ќе биде остварувано ниту пак медиумите и другите личности кои се засегнати со тој говор ќе можат да ја остваруваат својата функција на оној начин на кој треба тоа да го прават.