Денешна дата
14/10/2019

ЛАКРДИЈА

Пишува: Трифун Костовски

 

Почитувани мои читатели,

Би сакал да споделам неколку размисли за она што се случува околу кандидатурите пред претстојните претседателски избори. Се сметам себеси за прагматичен и рационален и сметам дека времето треба максимално да го користиме за постојано создавање нови дела, како и за развивање и дооформување на самите себеси како личности.

Бев фрапиран од фактот кога разбрав дека и двата кандидата на СДСМ и ВМРО – ДПМНЕ и покрај тоа што беа номинирани од нивните партии и со самиот факт дека со 30 од нивните пратеници, кандидатурата ќе им беше легализирана, се здадоа за посебно собирање по 10 илјади потписи, божем ќе се кандидираат како независни кандидати. Се прашувам какво лицемерие е во прашање? Кој кого го манипулира овде? Зошто имаат потреба од создавање лажни слики? Зар не ни се доволно илузии, лаги, измами и манипулации произведени на политичката сцена во Македонија?

Бидејќи се дружам со пријатели од двете партии, вчера бев информиран дека партиите го мобилизирале своето членство за максимално брзо собирање на тие 10 илјади потписи. Сиот овој галиматијас, би рекол, повеќе е траги-комичен отколку комичен. Наместо партиите на власт и опозицијата да се ангажираат за многу побитни и погорливи прашања кои ја мачат државата, истите партии се натпреваруваат која од нив ќе ги обезбеди тие апсурдни и целосно непотребни десет илјади потписи за својот кандидат.

Ваквиот апсурд според некои политиколози е вообичаен дел од популистичките ПР кампањи, но за мене е ретрограден, па, дури и опасен. Укажува на нивото на популистичка, лажлива, манипулативна политичка култура. Замислете, партии го мобилизирале сопственото членство не водејќи сметка за неговиот личен интегритет и обврски со цел да најдат време да се потпишат за нивниот кандидат кого го поддржуваат.

Дали еднаш ќе пораснеме и сфатиме дека ваквиот начин на водење кампања е одамна заминат во историјата? Дали политичките партии сфаќаат дека навистина ни треба претседател, кој ќе биде претседател на сите граѓани на Македонија? Дали политичките лидери сфаќаат дека на ваков начин ја деградираат институцијата претседател на државата? Дали со ваквиот начин не ја повторуваат грешката од минатото, со која претседателот ќе биде легитимен само за дел од граѓаните, а за останатиот дел ќе биде оспоруван? До кога треба да учиме дека претседателот ќе биде претседател на сите граѓани и ќе има еднаков третман кон сите граѓани и политички субјекти? За жал, таа лекција сме ја пропуштиле и ќе инсталираме претседател кој треба да биде по мерка на лидерот на партијата. Со сета сила на мојот разум, настојувам да ги оправдам ваквите чекори на политичките партии, но за жал тоа не можам да го сторам.

Сакаме да градиме демократско општество, сакаме да бидеме членка на НАТО и ЕУ? Убеден сум дека повеќето од граѓаните го посакуваат тоа, меѓутоа на начинот на кој ние се однесуваме, кога е во прашање нашата иднина, развојот на демократијата, колективниот и личниот просперитет, секако тоа не е патот по кој треба да врвиме.

Би сакал да грешам со моите заклучоци, меѓутоа немам ама баш никакви причини да верувам дека од мај месец во претседателската фотелја на Република Македонија ќе седне човек кој го избрала партијата и кој ќе служи првенствено на решавањето на партиските проблеми.

Ова ни најмалку не е демократија. Ова е промоција на авторитарни партии, кои се ставаат над државата и државните интереси. Ние, повеќе од сигурно е, дека ја претворивме државата во евтин пазар, панаѓур и лакрдија. Простор во кој не се градат еманципаторски и високи прогресивни политики туку буниште во кое се практикува ситно-пазарџиското мото: КУПИ ДЕН – ПРОДАЈ ДЕН. За жал, во оваа земја ништо не се менува. Живееме заробени во вечниот статус кво во кое само малкумина профитираат.

 

Текстот е напишан исклучиво за Инбокс7. За секое реобјавување треба да се добие согласност од страна на редакцијата. Инбокс7 не секогаш се согласува со ставовите и видувањата на авторите во рубриката за дебата.