Денешна дата
19/11/2019

ВРХОВЕН НЕ МОЖЕ ДА ГИ СПАСИ ТАЧИ И МИЈАЛКОВ: „ТИТАНИК 2“ СЕПАК „ПЛОВЕЛ“ ВО МАНДАТОТ НА СЈО

  • Врховниот суд ќе го врати „Титаник 2“ на повторно судење, велат извори на Инбокс7
  • Катица Јанева и обвинителскиот тим чекаат на политичката волја дали ќе останат на „Рузвелтова“, или по 4 години работа, ќе ги пакуваат личните работи, а предметите ќе им ги остават на новите „специјални“
  • „Поплавата во подрум“, за која пишуваа речиси сите медиуми, всушност е пукната цевка од парно во сутерен, а оштетените документи се за случаите „Триста“ и „Шпион“

 

Пишува: Александар Тодески

 

По истекот на 18 месеци, Специјалното јавно обвинителство (СЈО) не е овластен тужител за преземање на предистражни и истражни дејствија, предвидени со Законот за кривична постапка.  Вака беше наведено во известувањето на Врховниот суд на 30 јануари годинава, кога судиите расправаа за СЈО, на иницијатива на двајца адвокати кои ги бранат обвинетите во повеќе случаи на обвинителството на Катица Јанева. Судиите без да бараат мислење од СЈО ги ослободија од притвор Орце Камчев и дел од другите осомничени во „Империја“, токму поради ова мислење. Но, до каде може да отидат Врховните судии предводени од Јово Вангеловски?

Јово Вангеловски

 

ВРХОВЕН ЌЕ ГИ СПАСУВА МИЈАЛКОВ И ТАЧИ?

 

Случајот „Титаник 2“ донесе 19 години и 8 месеци затворски казни за обвинетите. Екс директорот на УБК, Сашо Мијалков доби тригодишна затворска казна, а лидерот на ДПА, Мендух Тачи, два месеци повеќе од него. Двајцата и останатите осудени имаат право на жалба, за што извори на Инбокс7 велат дека Врховниот суд ќе се обиде да ги спаси, со тоа што ќе ја поништи пресудата и ќе го врати предметот на повторно судење.

Одлуката на Врховниот суд да не ги почитува истрагите на СЈО не важи за случаите кои се во судска постапка. Од обвинителството на Катица Јанева за Инбокс7 велат дека овој случај не спаѓа во оние за кои Врховен донесе мислење.

„Истрагата за предметот со кодно име „Титаник 2“ беше отворена на ден 12.02.2016 година, а на ден 29.06.2017 година е поднесен обвинителен акт. Одлуката на Врховен суд се однесува на обвиненија и истраги по истекот на рокот од 18 месеци и не го засега овој предмет“, велат од СЈО.

 

ОБВИНИТЕЛИТЕ ОД СЈО ЈА ЧЕКААТ ВОЛЈАТА НА ПОЛИТИЧАРИТЕ

 

Специјалните јавни обвинители на чело со Катица Јанева го чекаат законот за СЈО. Додека едните се децидни – обвинителите да се менуваат на шест месеци, за обвинителството на Рузвелтова да добие комплетно нов тим, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски од премиерот Зоран Заев побарал наместо постепено менување, новиот закон да предвидува комплетно нов тим веднаш.

,,Ние предлог текстот го добивме во четвртокот. Немавме време да го разгледаме составот, но според нас постоечкиот тим не треба да ја добие довербата. Но, сепак треба да ги отвориме темите и за тоа ќе се дебатира. Претседателот на Владата се согласува да ги отвориме сите теми”, рече Мицкоски во неделата, по средбата со Заев.

Од другата страна, премиерот Зоран Заев истакна дека треба да им се даде шанса на обвинителите од СЈО да се види како со новиот закон ќе се однесуваат кон власта.

„Работни групи ќе разговараме за законот за СЈО. Ние остануваме на ставот дека овој тим треба да остане. Очекувам да се постигнат услови да се донесе законот консензуално. Не треба да робуваме на рокови, но до крајот на март ние мора да ги изгласаме законите”, рече Заев.

За законот по втор пат испративме прашања до Специјалното обвинителство, но иако ни одговорија на другите прашања, за тоа прашање немаше ниту збор.

Во неделното интервју на Радио Слободна Европа, пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Илија Димовски, кој е обвинет во случајот „Титаник“, рече дека е можно да гласа за законот за СЈО.

„Во поглед на Специјалното јавно обвинителство мислам дека е генерален услов за владеење на правото во Република Македонија виз-а-ви процесот на почнување проговори со ЕУ. Јас посебно поради тоа што сум дел од обработката на СЈО, се обидувам да диференцирам став, којшто ќе значи и поддршка, ако е потребно, на понатамошно постоење и функционирање на СЈО. Како и во Парламентот и во судството, како и во образованието, така и во СЈО, мислам дека има и квалитетни и неквалитетни луѓе има и квалитетни и неквалитетни постапки. И ние носиме и добри и лоши закони, дел од предметите на СЈО се базирани на некои сериозни докази, дел се политички“, изјави Димовски.

 

КАКО МЕДИУМИТЕ ГО „ПОПЛАВИЈА“ СЈО?

 

Речиси сите медиуми ја пренесоа веста дека се поплавил подрум во Специјалното јавно обвинителство, но и дека во поплавата се уништиле документи за случајот „Империја“,во кој меѓу другите се обвинети Јордан Камчев и Сашо Мијалков. Сепак, ниту една од информациите не е точна бидејќи се работи за пукната цевка од парно во сутерен, а поплавата ги зафатила дел од доказите во „Триста“ и „Шпион“.

„Во врска со веста објавена од страна на некои медиуми, информираме дека ниту еден документ поврзан со предметот „Империја“ не е оштетен. Потенцираме дека не станува збор за поплава, ниту за подрум, туку за прскање на вода од една цевка за парно греење во сутеренски простории на објектот. Во ова Јавно обвинителство сите документи се чуваат соодветно според процедурите, воедно тие се скенираат и се чуваат и во електронска форма. Доколку се увиди дека е потребно обновување на некој документ во однос на други предмети, како на пример за „Триста“ или „Шпион“, тоа и ќе биде сторено“, велат од СЈО.