Денешна дата
23/03/2019

ПРОФИЛ: ГОРДАНА СИЛЈАНОВСКА – ОД МИНИСТЕР НА ЛИБЕРАЛИТЕ ДО КАНДИДАТ ЗА ПРЕТСЕДАТЕЛ НА КОНЗЕРВАТИВЦИТЕ

Во јавноста се промовира како непартиска личност, за што, покрај изборот од опозицијата бараше и 10 илјади потписи како поддршка од граѓаните.

Сепак, годините наназад покажуваат дека била и во политичките води.

Силјановска меѓу граѓаните е признат и ценет професор по уставно право и политички систем.

 

Пишува: Светлана Унковска

 

Либерален министер во владата на Бранко Црвенковски, Македонка родена во турска куќа, со побратим Албанец, жесток противник на Законот за јазиците и Преспанскиот договор и кандидат на конзервативната опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ. Многу елементи од ова блиц-биографија на професорката Гордана Силјановска се противречни, немаат некоја логичка поврзаност, или пак преставуваат оксиморон. Но таа, сепак, велат дека е респектабилен професор која храбро влезе во политиката.

Со ВМРО-ДПМНЕ само еднаш се најде на спротивната страна. Тогаш таа беше дел од професорскиот пленум, кој застана во поддршка на студентските протести во 2014 година, во одбрана на автономијата на универзитетот. Во тоа време имаше и обраќање пред Собранието, кога пред насобраните говореше за реформите во високото образование што сакаше да ги донесе Владата на чело со Никола Груевски. Образложуваше зошто е спорен предложениот закон кој директно навлегуваше во автономијата на универзитетот. Но освен за овој закон, таа всушност и немаше посериозни критики за 11-годишното владеење на Груевски.

 

„ВРЕМЕ Е ЗА ПРЕТСЕДАТЕЛ ЖЕНА“

 Како професорка по уставно право и политички систем на Правниот факултет „Јустинијан Први“, таа ретко се појавуваше во јавноста. Сега, веќе како претседателски кандидат зад која стои опозициската ВМРО-ДПМНЕ, е се поприсутна во јавната сфера. Таа веќе ја почна кампањата: секојдневно има средби со граѓани и посети по разни градови и е препознатлива што патем прави и селфи видеа.

Лесно влезе во чевлите на кандидатурата и во стилот на партијата што ја поддржува, во нападите и критиките на партијата на власт многу чест збор кој го употребува во изјавите е „заевизмот“.

Деновиве добивам информации дека освен моите пријатели, поддржувачи, партиски активисти, студенти, симпатизери коишто на дневна основа ми помагаат да ги презентирам моите идеи, решенија и визии за Македонија, низ цела држава и на социјалните мрежи спонтано помагаат илјадници луѓе кои сакаат промени и мислат дека можеме заедно да го запреме политичкото насилие, непотизмот, неправдата и неспособноста на власта.

Еден од тие што добро ги знаете е Влатко Ѓорчев, кој иако ми беше ривал на конвенцијата на ВМРО-ДПМНЕ, сега помага како тој да е кандидат и според информациите од граѓаните дава огромна помош за да спречиме апсолутна власт на една група приврзаници на Заевизмот“, пишува Силјановска во еден од нејзините последни постови на Фејсбук страницата.

Силјановска во кампањата влезе со големи амбиции. Најавува намалување на привилегиите на претседателот на државата, што се смета како многу силен маркетиншки потег на самиот старт на кампањата. Во тој стил е и нејзиниот став за законот за јазиците, Преспанскиот договор, односно промената на името на државата, како и отворање и уредување на уставот во делот на функционална демократија и вистинска поделба на власта.

Јас предлагам користење на уставните овластувања на претседателот на сосема поинаков начин од сегашните“, вели таа.

Во своите настапи истакнува дека е време Македонија да добие жена претседател.

„Ете, и Македонија но и именката политика е од женски род“, вели Силјановска. Македонија е во женски род не случајно, сите ние сме растеле, сме се радувале со песни со ора, со фолклор, во нив умирале, се мажеле и женеле за Македонија, мечтаеле за Македонија. И политиката е именка од женски род, понекогаш за да ги заведам студентите се обидувам драмски да настапувам велејќи им дека политиката некогаш била уметност на можното, а за бракот пак велам да бидам искрена бидејќи тоа е заедница за што вреди да се живее велам дека е уметност на неможното“.

 

КОЈА Е ГОРДАНА СИЛЈАНОВСКА ДАВКОВА?

 

Во јавноста Силјановска важи за респектабилен професор, личност со силен интегритет и почитуван соговорник. Автор е на околу 200 научни трудови од областа на уставното право. Беше член на телото кое работеше на Уставот во 1991 година, а како експерт учествуваше и во собраниските комисии кога се носеа најголемите уставни промени кои произлегоа од Рамковниот договор по конфликтот во 2001 година.

И покрај тоа што Силјановска како професор се смета за непартиска личност, нејзината биографија говори дека таа како министер без ресор беше дел од првата политичка Влада на чело со Бранко Црвенковски. Во почетоците на политичкиот плурализам Силјановска беше дел од Сојузот на реформски сили, а потоа премина во редовите на Либералната партија (ЛП), кога и стана министер без ресор.

Силјановска е родена во Охрид во мај 1955 година, а уште на самиот избор за претседателски кандидат изјави дека е родена во турска куќа и има албански побратин уште од 10 години. Во брак е околу 40 години, мајка на две деца, ќерката Марија и синот Павле.

Сопругот на професорката е адвокат по професија. Во времето кога Силјановска беше вклучена во политиката, тој имаше приватен бизнис со фри-шоповите, околу кои се крена голема афера во средината на деведесеттите години.

Основно и средно образование Силјановска завршила во Скопје, а Правниот факултет го завршила во 1978 година. Нејзината прва работна функција е асистент на професорот Владимир Митков по предметот меѓународни политички системи.

Докторирала во 1993 на Универзитетот во Љубљана. Основач е на првиот Совет за европско движење во Македонија, експерт во Обединетите нации, ОБСЕ и Советот на Европа, а беше и член на Венецијанската комисија од 2012 до 2016 година.

 

ГОЛЕМ ПРОТИВНИК НА ПРЕСПАНСКИОИТ ДОГОВОР И НА ДВОЈАЗИЧНОСТА

 

Иако е донесен Законот за јазиците, таа се уште е жесток противник и критичар за воведувањето на двојазичноста, а отворено застана и против Преспанскиот договор. Во јавноста потоа се протолкува дека ваквиот став и ја донесе и претседателската кандидатура од ВМРО-ДПМНЕ.

Ако моите родители биле тепани да пишуваат и зборуваат на српски јазик, ако баба ми и дедо ми исто така морале да зборуваат бугарски јазик едно време, таа асоцијација е лоша, а богами за владеење на Втората светска војна во западниот дел на Македонија и документите и актите биле на албански јазик. Значи заканите не можам да ги разберам бидејќи ние и од говорница чувме дека „Ако не сакате , ќе морате да го учите“, зборуваше професорката Сиљановска за Законот за јазиците, за кој најмногу се противеше на начинот на кој е донесен, со европско знаменце.

За неа Преспанскиот договор е неприфатлив а уставните измени кои произлегоа од тој договор рече дека се грубо кршење на сите принципи.

Со тоа  се навлегува целосно во промена на историјата, македонскиот идентитет, македонскиот јазик, културата и образованието, политичкиот и административниот систем, Уставот, слободите и правата на човекот и граѓанинот“, велеше професорката Силјановска.