Денешна дата
26/05/2019

ОД ПРЕТСЕДАТЕЛСКИТЕ СЕ ПЛАШАТ СИТЕ

Фијаското на овие претседателски нема да е победа за граѓаните. Но ќе биде тоа тежок пораз за политичарите и за нивните политики

Пишува: Зоран Иванов

Никому не му е лесно на претстојниве претседателски. Од причина што нивната успешност е мошне неизвесна. Овој пат политичките партии преставени преку нивните кандидати,  ќе се судрат не толку меѓу себе колку директно со расположението на граѓаните. Никогаш порано широкото гласачко тело не било толку инертно. Никогаш толку депримирано, немотивирано и неподготвено да се одзве на повикот на политичарите. Кампањата уште не е почната па и рано е за попрецизни проценки. Но, судејќи и по излезноста од ланскиот референдум, без оглед на тогашната негативна кампања, граѓаните се потешко се покренуваат да им бидат на услуга на се по неавторитетните политички партии. Макар, како сега,  станувало збор за избор на првата политичка личност на државава.

Електоратот засега не навестува по нагласена заинтересираност активно да учествува на овие претседателски избори. Од таа причина епилогот во однос на цензусот е мошне ризичен. Постреферендумските околности, непопуларниот Преспански, потресите со промената на уставот, забавените реформи, нееднаквата правда, привилегиите на партиските елити, сето си го прави своето. За разлика од референдумот, никој не навестува бојкот. Од таа страна, од тој тип притисок, посебно во првиот круг, партиските гласачите ќе бидат ослободени. Овој пат граѓаните самите ќе си решат колку ќе бидат енергични во доволен број да се појават на гласачките места. Ќе успеат ли и партиските кампањи да ги убедат во тоа, ќе се знае на денот на изборите. Од тие причини, поради евидентната граѓанска рамнодушност, политичките партии како промотори, но и како директни учесници во овие избори, независно од желбата и ентузијазмот на претседателските кандидати, стравуваат за успешноста. Загрижени се, пред се, поради својата политичка кожа. Ниту една од нив досега не покажа сигурност дека граѓаните доволно ѝ веруваат за масовно да ги послушаат нивните покани да излезат на гласање.

Засега, на пример, ДУИ се уште молчи. Манифестира целосна инертност во однос на овие избори. СДСМ се обиде да прати силна порака со експресно во два дена собраните над триесетина илјади потписи за својот кандидат. Претходно, со петнаесетина илјади во еден ден, истото го стори и ВМРО-ДПМНЕ. И првите и вторите иницијално ја покажаа својата партиска моќ, но тоа се сепак главно само чисти партиски гласови обезбедени по директива. Тој пропаганден ефект не е доволен дополнително да ги мотивира граѓаните на изборна излезност во број поголема од четириесет проценти.

Иселувањето на цели семејства по подобар живот што веќе достигнува епидемиски  размери е дополнителен проблем кој на овие претседателски директно ќе удри врз цензусот. Луѓето со години одеа на разни гласања, поставуваа и симнува власти во надеж за подобро утре. Едно те исто речиси три децении. Од избори на избори, од редовни до вонредни. Од еуфории преку надежи до разочарувања. Сега, впечаток е, мотивацијата за оваа незадолжителна демократска обврска како да се спушта на најниската неефективна точка па партиите се соочени со незапаметено рамнодушен електорат.

Апатијата е доминантното гласачко расположение и тоа го знаат и од тоа стравуваат политичките субјекти. Особено најмоќните и највлијателните СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ. Овие две, секоја од свој аспект, имаат добри причини за загриженост за успешноста на претседателските избори. Во ДУИ воопшто не се осмелија да истрчаат со свој кандидат. Авторитетот на Ахмети е паднат па и од тие причини Села и Касами елегантно бргу го откачија за неговиот предлог за заеднички претседателски кандидат. Помалите учесници во оваа трка се порелаксирани. Во овој циклус тие немаат што многу да загубат. Напротив, предизборната атмосфера инклинира во нивен прилог. За Алијансата и за БЕСА секој изборен скор, секој глас на нивно конто, ќе им биде добитен.

Деновиве, согласно законската динамика, изборната комисија го затвори кандидатскиот процес. Наспроти волјата и амбициите на уште неколку влијателни партиски кандидати, СДСМ повторно го извлече Стево Пендаровски. Кај граѓаните и по пет години тој повторно има повисок рејтинг од било кој од останатите партиски аспиранти. Но, со изборот СДСМ потврди дека нѐ негува внатрешна перспективна кадровска политика. Партијата не успева да одгледа и од свои редови да изнедри автентичен, но и кредибилен авторитетен кандидат. Се разбира, со исклучок на актуелниот лидер и премиер Зоран Заев кој во овие околности, судејќи и според резултатите од неколкуте испитувања на јавното мислење, веројатно би бил неприкосновениот победник на овие претседателски.

Исто и ВМРО-ДПМНЕ. По изневерените надежи и мноштвото криминали за кои јавноста слушна и од снимените телефонски разговори, партијата не само што ја изгуби власта, туку остана и без довербата кај неутралните гласачи. Новото раководство само маркетиншки галамеше за некакви вонредни парламентарни. Во суштина знае дека по децениското криминално владеење е прерано изборно да се појави пред граѓаните. Од овие причини прибегна кон непартиски кандидат па на изборите и таа излегува со позајмената Гордана Силјановска. Претседателските се шанса за проверка на партискиот рејтинг, но за претседателот Христијан Мицковски тие се и меч со две острици. Доколку, како што самиот најави, на сметка на својата кандидатка не извлече барем приближно половина милион гласови и уште ако овие избори успеат, а тој нив ги загуби, тогаш ќе се соочи со натамошни партиски делби и со внатрешно партиски провокации за конгрес за негова смена.

И за ДУИ овие избори се мошне ризични. На последните парламентарни оваа партија со без малку дваесет годишно коалициско учество во власта, загуби половина од пратениците и половина од довербата кај своите верни децениски гласачи. Во својот актуелен коалицискиот партнер таа најде закрила за да не истрча сама и да прикрие со која брзина нејзиниот партиски рејтинг и лидерскиот на Ахмети, стрмоглаво се движат надолу. Оттука, гледано прагматично, успешниот изборен епилог за нив би значел дополнителен неуспех. Неостварувањето на изборниот цензус пак, пропаѓањето на претседателските, ќе ѝ ја поврати моќта на ДУИ. Ако таа не е веќе толку силна на теренот, се уште е во парламентот. Таму со своите десет гласа е уште неизбежна во процесите за надминување на кризата што евентуално би се создала со неизборот на претседател на државата.

Гледано од овој ракурс, излегува дека на овие избори единствени партиски субјекти кои немаат од што да стравуваат и што да загубат се само Зијадин Села и Билал Касами со нивните Алијанса за Албанците и Беса. Со својот заеднички и исто така непартиски кандидат Блерим Река, барем ќе го тестираат расположението на гласачите Албанци во однос на својот партиски конкурент Али Ахмети и неговата ДУИ.

Се на се, од аспект на излезност, од аспект на нивната успешност, претстојните избори ќе бидат со мошне неизвесен епилог. Доколку од оваа причина тие пропаднат, за половина година, согласно уставот, алтернативата би требало да се бара во повторени избори. Се разбира, рано е за вакви елаборации. Но, и една таква варијанта би била неперспективна. Учесниците на тие избори по втор пат последователно би се соочиле со рамнодушното гласачко тело. Во такви засега претпоставени околности, најлогично би било да се отвори процесот за нова уставна регулација која би овозможила изборот на шефот на државата преку партиските штабови да им се препушти на пратениците во Собранието.

До априлските избори партиите ќе дишат на шкрги. Доколку се случи да пропаднат, за нив тоа ќе е мошне непријатно. Особено за СДСМ и за ВМРО-ДПМНЕ. И ќе биде тоа уште по непријатно за нивните лидери.

Фијаското на овие претседателски нема да е победа за граѓаните. Но ќе биде тоа тежок пораз за политичарите и за нивните политики.

 

Текстот е напишан исклучиво за Инбокс7. За секое реобјавување треба да се добие согласност од страна на редакцијата. Инбокс7 не секогаш се согласува со ставовите и видувањата на авторите во рубриката за дебата.