Денешна дата
26/05/2019

ПРОФИЛ: БЛЕРИМ РЕКА – БИВШИОТ АМБАСАДОР ЗА ПРВ ПАТ ВО ОПОЗИЦИСКИ ДРЕС

  • Пред неколку дена тој ја изненади јавноста со објавувањето на кандидатурата за претседател, која е подржана од двете остри ривали на Муса Џафери – партијата на Зијадин Села и на Билал Касами.
  • Река вели дека неговите очекувања се да собере околу 150 илјади гласови, очигледно недоволни за да оди во вториот изборен круг.
  • Биографијата на Река како да е паралелна и поделена на два дела: еден се однесува на неговиот живот и ангажман во Македонија, а вториот на Косово.

 

Пишува: Светлана Унковска

 

Седнат до екс-вицепремиерот за спроведување на Рамковниот договор од ДУИ, Муса Џафери, актуелниот кандидат за претседател на државата, Блерим Река, пред шест години во Универзитетот на Југоисточна Европа во Тетово ја модерираше дебатата на тема „Квантитативна анализа за статусот на имплементација на Рамковниот договор“. Една ваква слика беше вообичаена – Џафери и река често се појавуваа еден до друг во конференции кога како тема беше токму овој договор, кој и стави крај на конфликтот од 2001 година.

Но, пред неколку дена тој ја изненади јавноста со објавувањето на кандидатурата за претседател, која е подржана од двете остри ривали на Џафери – партијата на Зијадин Села и на Билал Касами.

Постојат две причини за мојата одлука. Првата е дека само со македонски кандидати, без ниту еден Албанец ова мултиетничко општество ризикува да скрене во моноетничка држава, Албанците да бидат само гласачи, но не и гласани. Втората е дека не е доволна само интелектуална критика без да се влезе во политички двобој со цел да се промени ситуацијата. Критиките на Фејсбук остануваат виртуелни, додека животот е реален. Впрочем историјата ја пишуваат државниците, а интелектуалците само пишуваат за историјата“, напиша Река на својот Фејсбук профил веднаш по објавувањето на својата кандидатура.

 

ОЧЕКУВА ДО 150 ИЛЈАДИ ГЛАСОВИ, НЕДЕОВОЛНИ ДА ОДИ ВО ВТОРИОТ КРУГ

 

Уште на самиот почеток во експликацијата за неговата идеја да се кандидира во претседателската трка, универзитетскиот професор и дипломат Река му дава етнички призвук на тоа што значи за него самата кандидатура. Но, во друга прилика се побива сам себе кога вели дека сака да ја види земјата како евроатлантска република, без алудирање на етничките теми.

Додека неговите двајца противкандидати Стево Пендаровски и Гордана Силјановска метите за меѓусебните напади и критики ги гледаат меѓу себе, Река засега е мирен во тој дел и не отвора никакви дуели. Неговите очекувања најверојатно се дека ќе ги добие гласовите од Албанците како единствен кандидат од овој етникум, што се чита во неговата изјава дека тие не треба да бидат само гласачи туку и гласани. Вели дека неговите очекувања се да собере околу 150 илјади гласови, очигледно недоволни за да оди во вториот изборен круг.

Река се промовираше како независен кандидат но зад неговата кандидатура застанаа опозициските партии на Албанците – Алијанса на Албанците и Беса. За ова тој рече дека не повикал ниту една партија да застане зад него, туку него го повикале партиите.

Најави дека ќе води модерна кампања, непопулистичка и со директни средби со граѓаните. Неговиот концепт е враќање на републиканизмот, бидејќи како што вели, Македонија е држава но не и република, нема владеење на право, постои непотизам а Собранието им дава имунитет на лица кои сториле кривични дела.

Ако имате вистинска република, таа ќе ги реши етничките проблеми. Но ние, за жал, 30 години од независност не успеавме да изградиме република, државата ја водеа поединци или кланови. Не можеме да добиеме датум за преговори со ЕУ со непотизам, корупција, инструментализирано судство, имунизирани пратеници, амнестирани криминалци“, истакнува Река.

Тој за својата кандидатура мораше да собере 10 илјади потписи бидејќи партиите што застанаа во негова поддршка Алијансата за Албанците и Беса ги немаа потребните 30 пратеници. Неговите противкандидати – Гордана Силјановска и Стево Пендаровски – иако го имаа исполнето тој услов, сепак и тие решија да собираат потписи.

 

ПОДЕЛЕН ПОМЕЃУ СКОПЈЕ И ПРИШТИНА

 

Биографијата на Река како да е паралелна и поделена на два дела: еден се однесува на неговиот живот и ангажман во Македонија, а вториот на Косово. Дипломирал а потоа и магистрирал и докторирал на Универзитетот во Приштина. Амбасадорот и професор Река е проректор за меѓународни односи на Универзитетот на Југоисточна Европа во Тетово, беше и проректор за истражување, како и декан на Факултетот за јавна администрација на истиот универзитет. Има издадено 18 стручни книги.

Беше амбасадор на Република Северна Македонија во Европската унија во Брисел од 2006 до 2010 година, во време кога Бранко Црвенковски беше претседател на Македонија. Тогаш во кабинетот на Црвенковски беше неговиот сегашен противкандидат Стево Пендаровски како советник за надворешна политика и меѓу другите ја оценувал и работата на Река како амбасадор во Брисел. Река имаше дипломатски и правни советодавни позиции како советник на претседателот на Република Косово за интеграција во ЕУ во периодот февруари и март 2011 година. Потоа до 2013 година е член на Експертскиот комитет за надворешни односи на Собранието на Република Косово.

Бил вклучен во уставното и правното уредување во Македонија и Косово. Бил член на Уставниот комитет на Собранието на Република Северна Македонија, каде бил вклучен во изготвувањето на уставните амандмани во согласност со Охридскиот рамковен договор од 2001 година. Воедно бил и член на уставниот експертски тим на Обединетите нации, кој ја изготви уставната рамка за Косово во 2001 година. Исто така, бил основач и претседател на Уставниот форум на Косово и копретседател на Заедничкиот совет за правни прашања на УНМИК, формиран од Бернард Кушнер од 1999 до 2004 година. Во исто време бил основач и претседател на Косовскиот институт за евроатлантска интеграција. Во периодот од 1993 до 2006 година бил поставен на раководни позиции во неколку медиуми на Косово.