Денешна дата
26/05/2019

Сакаа да ме стават во затвор со политички конструирани дела и да ме убијат

Александар Канџов е роден во Бугарија, во градот Плевен. Тврди дека има потекло од Македонија, од селото Шталковица близу Пробиштип, каде сега чека одлука за политички азил. Од Бугарија избегал откако судот го осудил за измама на две фирми, а претходно против него имало покренато 42 кривични дела. За себе ќе каже дека е единствениот Македонец кој бара азил во Македонија, но и дека ако останел во Бугарија и влегол во затвор, таму ќе бил убиен. За тоа како избегал од Бугарија, што се случувало таму и како се нашол во Шталковица, погледенте во интервјуот на Инбокс 7.

Разговараше: Александар Тодески

 

Инбокс7: Господине Канџов како се најдовте во Шталковица?

Канџов: По потекло сум Македонец од село Шталковица, по раѓање сум бугарски државјанин роден во град Плевен, Бугарија. Прадедо ми е бегалец од село Шталковица, јас сум бегалец обратно, во село Шталковица. Тука доаѓам од 90-тите години, а од 2013 година сум барател на азил во село Шталковица.

Инбокс7: Кога побаравте прв пат азил и каков азил побаравте?

Канџов: На 17 октомври 2013 година избегав од Бугарија како политички бегалец и врз основа на политичкото гонење кое го имав таму побарав азил во Република Македонија со барање за времето додека тече процедурата за барањето на азил да не престојувам во азил центарот во село Визбегово, а на мој трошок да си престојувам во Шталковица. Јас сум единствен Македонец кој бара азил во Македонија.

Инбокс7: Што се случуваше во Бугарија, зошто побаравте политички азил?

Канџов: Во Бугарија се занимавав со невладина правозаштитна дејност од 90-тите години. По паѓањето на комунизмот во Бугарија бев дел од Сојузот на демократските сили како коалиција, поточно бев член на националното раководство на Независното друштво за заштита на правата на човекот во Бугарија. Во истото време во мојот град Плевен бев оранизационен секретар на Регионален комитет за заштита на човековите права.

Во еден случај во 2000 година бев уапсен и внесен во притвор зошто барав оставка на тогашниот бугарски министер за правда и гласно го нареков топидиот на владата. Од тој случај наваму, почнаа судењата прво во Бугарија, потоа и во Стразбур и на крајот на 2008, почетокот на 2009 година добив судско решение од Меѓународниот суд за човекови права со кое ја осудувам Бугарија зошто ми смета на правото на мислење, на правото на зборување, зошто незаконски ме притвараат и ме држат во притвор без судски решенија и само од политички причини.

Бугарите ми го признаа тоа решение, а по два месеца од излегувањето на тоа решение против мене подигнаа 42 наместени кривични пријави. Тоа е практично невозможно, ниту Ал Капоне не може да изврши 42 кривични дела за два месеца. Од тие 42 случаи, со кои сакаа да ме прогласат за криминалец, 40 или ги добив на суд или обвинителот ги укина сам како неосновани. По 2 наместени случаи ме осудија првиот месец условно, а другиот месец 3 ипол години. Имав сознание дека во затвор ќе бидам убиен по наредба на бугарската Државна Безбедност и морав да избегам од Бугарија зошто животот ми беше загрозен, тоа сите го знаат.

Инбокс7: Во Бугарија ве гонат за измама со жито на две фирми

Канџов: Надовр од политичката правозаштитна дејност во Бугарија како приватен бизнис работев земјоделие во поголеми размери. Од тоа имав приходи, од тоа живеев. Обработував над 8.000 декари земја и едно од судските дела по кои сум наместен е дело за измама со жито за што тврдам дека имам докази дека не сум извршил такво дело, но судијата не ги прифати и не ги стави кај делото. Нему му беше наредено од Држвната Безбедност да ми пресуди со цел да може да ме затворат и да ме убијат.

Инбокс7: Од 2013 година два пати ви го имаат одибено барањето за азил во Македонија. Кои беа причините?

Канџов: И двата пати во Македонија ми го одбиваат барањето врз основа на член 6 од Законот за азил во врска со националната сигурност и безбедност. Првиот пат кога ми го одбија барањето за азил, го обжалив преку моите адвокати до Управниот суд и тој како незаконско го врати назад кон МВР за да го разгледа повторно со цел да ми биде даден азил. По неколку години, од МВР пак ме одбија за азил и таму пишува дека се што сум изјавил е докажано со документи, но повторно ме одбија поради истиот дел од член 6. Во мометов по втор пат испратив жалба до Управниот суд. Јас ако сум бил опасен за националната безбедност на Македонија, 6 години сум барател на азил, до сега сум можел да направам нешто.

Инбокс7: Кога дојдовте да барате азил веќе бевте осуден или тогаш се случуваше судската постапка?

Канџов: Беше излезена одлуката но не беше стапена на сила. По моето бегство продолжило судењето и потоа од медиуми дознав дека имам три ипол години затворска казна.

Инбокс7: Како дојдовте во Македонија, како избегавте од Бугарија?

Канџов: Преку Деве Баир. Има и еден друг бегалец кој пред еден месец кажа „Мала тајна е како избегав“. На преминот во Македонија влегов законски со лична карта, а од Бугарија како излегов оставам Бугарите сами да откријат. На Деве Баир побарав азил со мојата лична карта. Ги пополнив документите, дојде кола на МВР во Крива Паланка и со неа ме однесоа во Скопје.