Денешна дата
14/12/2019

МАКЕДОНСКО СЦЕНАРИО ВО СРБИЈА?

Пишува: Александар Кржаловски

 

Додека кај нас се уште не се разгорела претседателската кампања, а во Британија е неизвесно дали Брекситот и навистина ќе се случи за десетина дена (теми за кои пишував во претходните две колумни), минатава недела светот го вознемири масакрот во Нов Зеланд, а во регионот главна вест беа протестите во Србија.

 

За првото, што уште да се каже освен шок и неверување дека има луѓе кои можат да направат такво злосторство и одземат живот на 50 други луѓе. Со секој нов ваков случај, одново се поставува прашањето – дали тоа некогаш ќе престане, а и дали има било каков начин тоа да се спречи. Исто така, го обновува и прашањето за злосторството и казната. Во Нов Зеланд нема смртна казна (укината е 1989 година), па нема сомнеж дека злосторникот ќе ја добие следната максимална казна – доживотен затвор. Иако укинувањето на смртната казна во речиси целиот свет се смета за цивилизациска придобивка (142 земји ја укинале), во вакви случаи човек се прашува дали некој кој убил 50 други луѓе заслужува да живее или треба да ја има истата судбина која тој им ја одредил на тие 50 луѓе? И дали е во право на пример САД која сѐ уште ја нема укинато (покрај на пример Кина, Иран, Ирак и Саудиска Арабија, во кои се извршуваат над 85% од егзекуциите годишно)? Од друга страна, и таму заканата од смртна казна не е доволна да ги спречи масовните пукотници (главно во школите) и убиствата притоа, кои на пример лани ги имало речиси 15000 со двојно повеќе повреди, меѓу кои и на над 3000 деца!

И кога сме кај злосторствата и казните, неколку споредби и со поголемите случаи кај нас… за размислување:

– во случајот Диво Насеље, во кое беа убиени 8 полицајци (и уште 10, или според некои извори 14, од вооружената група, или терористите според обвинението), беа судени вкупно 37 лица, од кои 7 беа осудени на доживотен затвор, 13 на 40 години, а останатите 13 меѓу 12 и 20 години затвор (додека 4 се ослободени), односно покрај доживотните, просечна должина на затворската казна на осудените е 28 години;

– во случајот Монструм (убиството на 4 младинци и 1 возрасен кај Смилковското езеро) имаше пресуда за 6 лица (од 7 судени) – сите на доживотен затвор, но потоа таа се поништи и се врати на повторно судење кое се уште трае;

– во конфликтот од 2001 година (убиени 75 припадници на македонските безбедносни сили – АРМ и МВР и 85 припадници на ОНА или според различни извори вкупно меѓу 700-800 лица вклучително и цивили, како и вкупно 30-тина исчезнати лица), имаше општа амнестија, па и притворените 88 лица беа ослободени во неколку месеци по конфликтот. И за 4 од 5-те т.н. Хашки случаи се прогласи амнестија во 2008 година, па така со затворска казна (10 години) заврши само едно лице;

Конечно, споредбата ја направив и заради тоа што минатата недела се изрече и пресудата за упадот во Собранието на 27 април 2017 година (според обвинението – за терористичко загрозување на уставниот поредок… со елементи на обид за убиство на пратеници, но и без жртви во смисла на загинати лица), со која од 33 првично обвинети, по амнестијата за 15 лица во јануари, во петокот беа осудени 16 од нив на вкупно 211 години затвор (еден е ослободен, а на еден сѐ уште му се суди) или просечно 12 години затвор по обвинет.

Не би коментирал за правичноста на пресудите и одмерувањето на казните, а уште помалку за амнестиите (и во последниот, но и во претходните случаи), но сметам дека оваа (а и други) споредба/и заслужуваат и стручна дебата, а и читателски/граѓански коментари, особено од поборниците на слоганот „нема правда, нема мир“ – и за последниов, но и за другите наведени случаи!

 

Но, да се свртиме малку и кон регионот и да видиме дали се споредливи ситуациите со тоа што се случуваше во Македонија последниве години. Иако протести (на опозицијата) има и во Албанија и во Црна Гора, најголемо внимание привлекуваат настаните во Србија и особено Белград, заради сличноста на движењето кое сега се нарекува „1 од 5 милиони“ со Студентскиот (потоа и Професорскиот) Пленум кај нас, а започна пред повеќе од три месеци како граѓански протест против автократското владеење на претседателот Александар Вучиќ – или како што таму би рекле (а и кај нас велеа исто): против режимот.

Иако повеќето коментатори таму го отфрлија „македонското сценарио“, веќе и самиот опис погоре наведува на неколку сличности – граѓанско движење во почетокот, на кое подоцна се приклучува опозицијата; повремени протести кои полека прераснуваат во редовни (а за очекување е дека наскоро ќе станат и постојани – како двомесечниот „камп пред Владата“ кај нас); слични мотиви за протестите (автократско и апсолутистичко владеење, нарушена слобода на медиумите, партизирање на институциите и со тоа уривање на правната држава), а веќе е сѐ повидлива и поларизацијата во тамошното општество.

Пребројувањата веќе се случуваат и со самиот назив на кампањата, а за секој од протестите до сега, се шпекулираше и од организаторите и од властите за реалниот број на протестанти на улиците (како на фамозните „случувања на народот“ кај нас со митинзите во 2015 година, на СДСМ на 17, а на ВМРО-ДПМНЕ на 18 мај), со прикажувањето на кадри со многу или малку протестанти, зависно од тоа за кој медиум се работи, а кај и да е, ќе започнат и „заокружувањата“ на ликовите на некои од учесниците на протестите во фотографиите од нив.

Викендов се случи и првиот „упад“ во некој од објектите кои го симболизираат “режимот“ на Вучиќ, а тоа во овој случај беше зградата на РТС (Радио Телевизија на Србија). И тука почнуваат првите посериозни разлики во описот на настаните (освен досегашните надмудрувања со бројки), на прашањето дали имало насилство и кој го направил. Додека власта обвинува за насилен упад во РТС (и наведува случај на внесување на моторна пила (?!?) во објектот) и мирно делување на полицијата за заштита на објектот, протестантите обвинуваат за тепање од полицијата, кое вчера беше проследено и со соопштение на неколку влијателни граѓански организации за прекумерна употреба на сила (секоја сличност со мирниот протест пред Владата на РМ во јуни 2015 година, во кој беа повредени 38 полицајци е… случајна).

 

Се на сѐ, премногу сличности, за да не се размислува дали работите во Србија сепак се одвиваат на сличен начин (ете, да не го нарекувам „сценарио“) и дали следи слична разрешница. Мене ми изгледа прилично слично, само се мислам дали се во фаза од пред 2011 година (кога веќе доминацијата на ВМРО-ДПМНЕ на изборите, започна да ескалира во автократски и коруптивни тенденции); или пак токму 2011 година, кога згасна А1 телевизија (некако очекував викендов Вучиќ да се појави ненајавено во живо на некоја од неутралните или критичките телевизии, како што Груевски еднаш се појави во вестите на А1 од пред Владата); или пак веќе се во поодмината фаза на Пленуми / Протестирам / Шарена Револуција ?

А можеби се во право тие што велат дена нема сличности? И дека тамошната опозиција е разединета, слаба и неспособна да предводи или направи било каква промена или реален предизвик на СНС на Вучиќ (да се сетиме само какви квалификации се даваа за СДСМ во тоа време)! Или дека ликовите од опозицијата (Ѓилас, Јеремиќ и други) се истрошени политичари кои веќе имале можност да ја водат државата и не баш се покажале како успешни (а што беа приказните кај нас, до доаѓањето на Заев на чело на СДСМ?).

И на крајот, пак да си прашам: што мислите вие за сличностите? Или уште повеќе: што предвидувате дека ќе се случи во Србија?

 

*Текстот е напишан исклучиво за Инбокс7. За секое реобјавување треба да се добие согласност од страна на редакцијата. Инбокс7 не секогаш се согласува со ставовите и видувањата на авторите во рубриката за дебата.