Денешна дата
14/12/2019

МАКЕДОНСКО СЦЕНАРИО 2

Пишува: Александар Кржаловски

 

Минатата недела пишував за т.н. македонско сценарио во Србија, а таа фраза ја брануваше јавноста и кај нас и во Србија, а се прошири и на други земји во регионот, особено во Црна Гора и Албанија.

Не сум добар познавач на приликите во овие земји, но членувам во Балканската мрежа за развој на граѓанското општество, во која со колеги од слични организации како МЦМС во која работам, повремено разменуваме информации и мислења за состојбите во нашите општества, споредуваме добри (и лоши) практики и се обидуваме да примениме и кај нас тоа што функционирало добро во другите земји (секако и тие „купуваат“ од нашите искуства), па следам во доволна мера што се случува и таму. Особено на прашањата на основните човекови права и слободи, како правото на здружување, на мирен протест, слободен јавен говор, слобода на медиумите и слично.

И секако има сличности и на состојбите и на начините како опозициските партии во сите овие земји се обидуваат да дојдат на власт, но тоа што најмногу ми остави впечаток во дискусиите, анализите, изјавите на политичарите и другите инстанци во кои се споменуваше фразата „македонско сценарио“ е што всушност многу луѓе имаат многу различно мислење или интерпретација на тоа што за нив значи такво сценарио. И на што всушност се однесува!

 

На пример, за некои тоа беа „бомбите“, односно објавувањето на прислушувани разговори на високи функционери од власта. За други – употреба на во основа граѓански протести, за предизвикување на општествени промени (вкл. и до промена на власта, но не неопходно). За трети, како српскиот претседател Вучиќ – тоа беа настаните (упадот) во Собранието од 27 април 2017 година. А имаше и други интерпретации! Понатаму, имаше разлика и во карактерот на употребата на таа фраза. Додека за едни „македонското сценарио“ е нешто позитивно, за други, пак да го споменам Вучиќ, тоа е нешто многу негативно и страшно, кое треба да се спречи по секоја цена. Фасцинантно е како понекогаш една ваква фраза, или често и само едно зборче, значи нешто сосема друго за различни луѓе и предизвикува големи расправи и често и жестоки реакции, етикетирања, па и обвинувања, а во основа – тие зборуваат за различни работи. Тоа е често и основа за многу недоразбирања, да се навлезе во расправа, а без пред тоа да се осигура дека има истоветно разбирање за состојбата, фактите или пак, како во овој случај, употребените термини. Затоа и треба прво да се праша соговорникот што мисли кога употребува некаква фраза со можни повеќе значења или да се праша политичарот кој дава изјава со таква фраза, што за него тоа претставува. Или, да употребам една омилена изрека од филм „претпоставката е мајка на сите (понатамошни) проблеми“, односно наместо да се претпоставува „што сакал писателот да каже“, најдобро е да се праша!

 

Увидувајќи (од коментарите на претходниот текст, реакции на колеги и дебати со познаници, а и непознати) дека веројатно и јас не сум бил јасен што мислам кога велам „македонско сценарио“, ќе се обидам да го појаснам тоа, или барем опишам како јас го доживувам поимот. Секако, без амбиции дека тоа толкување е единствено или дека ќе води до „стандардизирање“ на неговата примена, туку да биде мал придонес во изедначување на разбирањето што тоа значи за соговорниците кои го употребуваат, или барем да доведе до сознание дека има различни разбирања и толкувања на тој ист поим.

Да се обидам за почеток со кратка верзија. За мене „македонско сценарио“ е промена на власта по мирен пат, со канализирање на граѓанското незадоволство.

Малку поширока дефиниција би го објаснила тоа граѓанско незадоволство, дека се работеше за трансформација на протести, кои започнаа релативно спонтано, спорадично и на одредени теми (пр. Закон за високо образование, даночење на хонорар(ц)ите и други), во (по)редовни и организирани настани и движења (од Солидарност и Ленка, до Студентски, па потоа и Професорски пленум), па се до масовни демонстрации (#протестирам и Шарена револуција) во која се вклучија и опозициските партии, кои доведоа до политички процес (тоа е „канализирањето“ на незадоволството) – познат како Пржински, што резултираше со предвремени избори (кои пак беа организирани од т.н. техничка (или Пржинска) Влада во која имаше министри од редовите на опозицијата).

Битен дел од „мојата“ дефиницијата е и делот „по мирен пат“, бидејќи она што беше значајно во целиот тој процес (или „сценарио“) е фактот што до избори (и таков изборен резултат, кој овозможи опозицијата да формира Влада) се дојде без насилство. Е сега, тоа не го вклучува 27 април и настаните во Собранието, кои секако беа насилни, но можеби јас треба да си ја коригирам дефиницијата, бидејќи тој настан беше всушност последниот чин од целиот процес на промена на власта. Од друга страна, тоа беше настан и сам по себе, кој настана по двомесечно одложување на мирното примопредавање на власта од страна на ВМРО-ДПМНЕ, со развлекување на конститутивната седница на Собранието, па за мене е малку вон разбирањето за „македонско сценарио“. Но, прифаќам дека за други луѓе, 27 април е дел од целото македонско сценарио (за некои од нив – клучен дел) и целосното разбирање на поимот можеби треба да го вклучува и тој настан.

 

Толку за појаснувањата, се надевам придонесува за подобро разбирање што се може да значи терминот „македонско сценарио“ или ако ништо друго, барем што јас подразбирам под тоа. Сега на кратко и за „сценаријата“ во другите држави. Минатиот пат наведов неколку сличности со ситуацијата во Македонија изминатите неколку години. И во случајот на Србија, а и со другите две (Црна Гора и Албанија, а можеби е слично и во Босна и Херцеговина и во Косово – но немам доволно сознанија за нив), во тамошната јавност се појавуваат слични или исти елементи како и тука:

  • Се зборува за „заробена држава“, термин кој се појави после „бомбите“ и влезе во масовна употреба да се опише начинот на водење на државата;
  • Веќе во (барем) две од овие држави се споменуваат (или се веќе објавени) прислушкувани разговори (засега како поединечни случаи, а не масовно);
  • Започнуваат протести кои во почетокот се граѓански (или се претставуваат како такви), во Србија пред 15-16 недели, во Црна Гора пред неколку недели, а во Албанија уште од лани, на кои потоа на еден или друг начин се приклучува опозицијата (во Албанија од поодамна главната опозициска партија сега ги води протестите, во Србија се постигна и некаков формален договор „Спогодба со народот“ некаде во јануари, а во Црна Гора опозициските партии сега преговараат со протестантите за истото);
  • Барањата на протестите, од незадоволство за конкретни прашања, преку барања за поединечни оставки, преминуваат во ултиматуми за пад на Владата и предвремени избори (со разни модалитети за тоа кој треба да ги организира таквите избори).

Секако, властите во сите случаи обвинуваат за користење на легитимното граѓанско незадоволство за доаѓање на Власт (по спореден пат). Европската унија засега е главно претпазлива во оценките и изјавите, повторувајќи дека правото на протест е фундаментално за граѓаните во Европа, се додека е тоа мирно односно ненасилно и повикувајќи на дијалог во институциите.

 

Дали и во колкава мерка ќе се повторат настаните од Македонија во другите држави во соседството, останува да се види во следните месеци. Секој случај си има свои специфики, вклучително и оправданоста на протестите и нивото на авторитарност или „забеганост“ на властите. Добро е што кај нас заврши тоа, без оглед како се гледа и доживува целиот процес – како позитивен или негативен, освен ако не почнеме пак да се вртиме во „маѓепсан круг“, бидејќи и нашата сегашна опозиција започнува да користи слична реторика за актуелната власт!

 

*Текстот е напишан исклучиво за Инбокс7. За секое реобјавување треба да се добие согласност од страна на редакцијата. Инбокс7 не секогаш се согласува со ставовите и видувањата на авторите во рубриката за дебата.