Денешна дата
14/10/2019
Фото: МКД

ДАЛИ Е МОЖНО „СРПСКО СЦЕНАРИО“ ВО ПРЕТСЕДАТЕЛСКИТЕ ИЗБОРИ?

  • Цензусот и на овие претседателски избори повторно е надвиснат и се заканува да го урне процесот на избор на новиот шеф на државата.
  • Додека лидерот на власта и опозиција Заев и Мицковски меѓусебно се обвинуваат кој има намера да повика на бојкот, експертската јавност укажува наместо на политички пазарења, да се фокусираат на градење граѓански концепт и претседател кој ќе ги застапува сите.
  • Најголем дел од европските држави немаат предвидено цензус како во земјава.

 

Пишува: Светлана Унковска

 

Додека претседателот на Србија, Александар Вучиќ, гледа „Македонско сценарио“ на смена на власта во протестите што невладиниот сектор и опозицијата веќе неколку недели ги организираат против неговата власт, од друга страна, Македонската јавност стравува од „Српско сценарио“ на претстојните избори за претседател на држава, кои се закажани за 21 април и 5 мај.

Заради малата излезност на граѓаните на избори, во 2003 година во три наврати Србија не успеа да избира нов претседател. Ова криза беше надмината со укинување на цензусот, при што од тогаш шефот на државата се избира без некој праг на излезност како предуслов за успешни избори.

На изборот на 5-ти претседател на Република Северна Македонија цензусот и натаму надвиснува како закана за успешни избори на идниот шеф на државата.

Како што е познато за постигнување цензус во вториот круг ќе бидат потребно да гласаат 40 проценти од запишаните гласачи или околу 720 илјади гласови.

Овој услов во суштина се поставуваше под знак прашалник скоро на сите претходни претседателски избори, но иако постои размислување за надминување на овој проблем засега нема посериозна иницијатива за донесување на друго решение.

Препораки имаше и претходно од меѓународната организација задолжени за следење на изборниот процес ОБСЕ/ОДИХР во чиј извештај беше нотирано дека се препорачува укинување на цензусот со цел да биде елиминирана опасноста од неуспешни избори.

 

ЗАЕВ И МИЦКОВСКИ – КОЈ ПЛАНИРА БОЈКОТ?

 

Во јавноста и натаму се укажува на едно од можните сценарија на претседателските избори дека опозицијата планира да повика на бојкот во вториот круг под изговор дека има нерегуларности и со тоа да го урне цензусот но и изборот на новиот шеф на државата. Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски постојано вели дека стравува од можен фалсификат на изборите како што се случил на референдумот.

Премиерот Зоран Заев на тв дуелот со Мицкоски рече дека за него е важно да има чисти избори, но нагласи и дека е потребен исполнет цензус. Директно го праша опозицискиоит лидер дали планира бојкот.

„Прво што е пред мене е да имаме успешно кристално чисти избори, да нема повторно бојкот, реално се плашам од тоа заради тоа што мислам дека не сме секокгаш искрени по ова прашање. Тоа е главнио императив. Исто така многу норално, реално е да очекувам од мојот опонент да каже дека е против бојкот да каже дека сака кристално чисти избори. Едноставно поставувам прашање дали може шефот на опозицијата да повика граѓаните да излезат и во првиот и во вториот круг да каже дека е против бојкот, заради тоа што јас се плашам дека опозицијата може во одреден момент да донесе одлука за бојкот“, запраша Заев.

Мицковски директно не одговори дали е против бојкот, туку топката за ова ја префрли на владејачката партија.

„Се погласно се слуша опцијата за бојкот во нивните изборни штабови и се погласни се во намерата во вториот круг кога ќе се соочат со катастрофалниот пораз да не излезат на гласање и на тој начин да предизвикаат дополнителна криза во државата. ВМРО-ДПМНЕ не размислува на бојкот доколку имаме фер чисти кристално јасни претседателски избори. Ние имавме референдум, за жал неуспешен тој е позади нас, во кој што имаме гласачи кој што гласаа за 2,4 секунди. Повеќе од 200 се такви избирачки места каде што имаме повеќе од 95 проценти излезност. Ако тоа ни се случи повторно зарем вие ќе останете рамнодушен на таков процес? Јас како претседател на ВМРО-ДПМНЕ нема да повикам на бојкот“, рече Мицкоски.

 

ИЛИ ОТСТРАНУВАЊЕ НА ЦЕНЗУСОТ ИЛИ ИЗБОР ВО ПАРЛАМЕНТ?

 

Дали можеби е крајно време да се размислува за отстранување на цензусот како сегмент што отвора проблеми и стравувања за неуспешност на секои претседателски избори?

Универзитетскиот професор Стефан Буџаковски вели дека за да бидат направени измени потребно е прво да има политичка волја бидејќи се досега тоа се користеше за политички пазар меѓу коалициите.

Тоа многу зависи од политичката волја дали ќе го одберат отстранувањето на цензусот или пак изборот да се врши во парламентот. Иако јас повеќе сметам дека претседателот треба да биде избран од граѓаните а цензусот да се тргне за да нема условувања меѓу политичките субјекти. На тој начин кој е најдобар тој и ќе победи, а не како што сета е случај со меѓусебни пазарења на политичките партии, па со добивање одредени државни институции или пак одредени тесно-партиски и политички интереси се гуши целиот развој на државата, а не само изборниот процес за нов претседател“, оценува Буџаковски.

Но доколку се одлучи да се избрише цензусот како услов во вториот круг на претседателските избори или доколку пак се одлучи во иднина изборот на шефот на државата да се прави во парламентот, тогаш ќе мора повторно да се отвора Уставот за да се направат овие измени. Професор Буџаковски вели дека и тоа е еден дел од условувањата во изборот на претседателот на државата, но дека тоа би можело да се реши единствено со граѓански концепт на државата и на политичките партии.

Најголем проблем кај нас е структура на политичките партии. Додека ние не почнеме да имаме политички партии со граѓански концепти чија основа ќе бидат интересите на граѓаните и решавање на нивните проблеми се дотогаш ќе имаме вакви проблеми условување по верска, по национална основа, дали е тоа од левица или десница и тн. Ова ќе се реши само со граѓански концепт кога нема да правиме разлика од која етничка заедница е, туку дали ја остварува функцијата во интерес на граѓаните и дали ги остварува законските надлежности кои се во функција на државата во целост“, вели Буџаковски.

Поранешниот потпретседател на Државната изборна комисија Субхи Јакупи вели дека во многу земји не предвидуваат како кај нас да имаат цензус на излезеност, но додава дека оној кој ја креирал оваа одредба сигурно размислувал дека избраниот претседател треба да има потполн легитимитет кој ќе ги застапува повеќето граѓани во државата. Го прашавме дали смета дека со укинувањето на цензусот нема да се согласат партиите на Албанците бидејќи проблемот е што тогаш, без цензус, во голема мера ќе се намали цената на гласовите на етничките Албанци, односно на партиите од албанскиот етнички блок

Знам дека е ризично тоа дека тој цензус прави некогаш и проблеми во општеството. Но и кај македонскиот електорат веќе почна да се размислува за квалитативно наоѓање на тој што ги претставува и кој ќе се залага и ќе ги претставува сите граѓани. Така да мислам дека веќе се отфрла размислувањето по етничка линија и сега е тој момент што веќе полека кај младите преовладува ова мислење што е добро и не треба да се размислува дали е важна тежината на овој или друг етникум па да добиваме поени“, вели Јакупи.

Втората идеја која провејува во јавноста за избор на претседател во парламентот, но и дека отворањето на уставот во овој дел ќе има барање на албанските политички партии за задолжително воведување потпретседател Албанец, според него не е добра.

Пример има на таков избор во Албанија и имаат многу проблеми и што се доведува до плрашање и изборот на претседател. И тие размислуваат да го сменат начинот на изборот и да биде како во Македонија и сега ние од друга страна размислуваме како да се вратиме од парламентот да се избира. Мислам дека треба да е избран од граѓаните. Опцијата која ја спомнувате за потпретседател Албанец мислам дека таа идеја е надмината бидејќи таа функција нема никаква важност и сега да постои потпретседател само да зема плата нема никаква логика. Веќе се гледа на тоа дали некој што е избран прави нешто добро и е корисен а не само да зема плата и да има функција“, вели Јакупи.

Професорот Денко Малески во една своја колумна размислува поинаку и вели дека моделот со избор на паретседател од страна на граѓаните ја зајакнува поларизацијата во македонското општество кое нема точка на обединување ниту во ликот на новоизбраниот претседател.

Партиите кои загубиле, како и нивните следбеници, не го признаваат поразот. Претседателските избори се само една рунда во борбата на партиите за превласт. Тие всушност се само продолжение на една иста битка во која „сите средства се дозволени“, после која, избраниот претседател станува омразена личност за половина од народот и непризнаен од страна на опозициската партија. Тоа е правилото без ниту еден исклучок“, вели Малески, кој натаму додава дека ако не успее најавениот бојкот, изборниот резултат ќе биде оспорен, заради избирачките списоци или нешто трето.

 

ЕВРОПСКИТЕ НЕМААТ ЦЕНЗУС ЗА ИЗБОР НА ПРЕТСЕДАТЕЛ

 

Цензусот при изборот на претседател во вториот круг на претседателските избори речиси и да не постои во други држави. Ги погледнавме уставите каде е наведен начинот на изборот на претседателот во неколку држави, главно на нашите соседи.

Претходно единствено Србија избираше претседател со цензус, но го укина откако во 2003 година не успеа во три наврати да избере претседател. Во Хрватска се избира претседател со апсолутно мнозинство во прв круг, а ако тоа не биде достигнато се оди на втор круг кога се победник се прогласува оној што освои повеќе гласови независно дали е апсолутно мнозинство или не. Така е и во Бугарија, Чешка, Финска, Исланд, Молдова, Словенија, Босна и Херцеговија и во Црна Гора. Но во Германија, Италија, Израел, Грција, Естонија, Албанија, Ерменија, Унгарија, Косово, Латвија и Швајцарија го избираат својот претседател на долга процедура на гласање на партиите во парламентот.