Денешна дата
14/12/2019

ЗАЕВ ПРЕЗЕЛ ЛИСТА НА ОБВРСКИ ОД БЕРЛИНСКИОТ ПРОЦЕС, ДОКУМЕНТОТ ОБЈАВЕН САМО ВО ЛОНДОН  

  • Премиерот Заев минатата година на Берлинскиот процес во Лондон потпишал обврски кои владата треба да ги исполни до јуни
  • Владата не одговара на прашањата зошто овој документ го нема објавено на веб страната
  • Министерката Дескоска вели дека се уште се преговара за Законот за јавно обвинителство кој е дел од правосудните реформски закони и додава дека ако истиот се донесе колку да има некаква измена во законот нема да ни донесе преговори со Европската унија

 

Пишува: Александар Тодески

 

Премиерот, Зоран Заев, на 5 јули 2018 во Лондон, потпишал листа на задачи за кои се обврзал пред премиерката на Обединетото Кралство, Тереза Меј, дека истите ќе ги исполни. Парафот е ставен во рамките на Берлинскиот процес, чиј домаќин лани беше Велика Британија.

Овој процес, кој преставува дипломатска иницијатива за проширување на Европската унија со земјите од Западен Балкан, започната во Берлин во 2014 година, со средба на шефовите на владите на шесте балкански земји со германската канцеларка Ангела Меркел. Слични средби беа организирани секоја година потоа во Виена, Трст, Париз и Лондон, додека домаќин за 2019 година е Полска.

За да се забрзаат реформите кои се клучни за сузбивање на корупцијата и организираниот криминал, сите премиери на шесте земји на Западен Балкан потпишале листи на задачи кои се обврзале да ги исполнат во најкус можен рок. Истиот документ со специфичните задачи за С.Македонија го има потпишано и премиерот Заев. Во писмото до Меј, тој и се заблагодарува за организацијата на Берлинскиот процес и ја известува дека ги потпишал задачите кои треба да ги исполни, а кои се битни за зачленувањето на земјата во ЕУ.

Документот се состои од неколку точки и се однесуваат на реформи во судскиот систем, во разузнавачките институции и во подобрување на капацитетите на институциите и медиумите за справување со организираниот криминал и корупцијата. Но, овој документ до кој дојде Инбокс7 не е преведен ниту пак објавен во некоја од владините официјални веб-страни.

 

Што пишува во документот?

Инбокс7 испрати повеќе прашања до владиниот портпарол во врска со овој документ, меѓу кои и прашањето зошто истиот не е јавно објавен, но одговор до објавување на текстот не добивме.

Премиерот Заев се заложил дека ќе ги исполни обврските по седум точки, кои треба да се исполнат до овогодишниот самит, а од кој зависат и преговорите во јуни. Сепак, тие не се исполнети во целост.

Заев по завршувањето на Берлинскиот процес минатата година изјави дека Македонија имала специјално место на Самитот, но не кажа ниту збор за документот полн со обврски, кој не е никаде јавно објавен, ниту во оригиналот, ниту пак преведен на македонски.

„Со постигнатиот договор македонско-грчкиот спор за името и за стратегиско партнерство со Грција, како и со датумот за преговори со Европската Унија, нашата земја е препознаена како лидер во регионот од аспект на надворешната политика и билатералните прашања и наследство од минатото. Начинот на кој нашата земја ги затвори отворените прашања со сите соседи е модел за успешна приказна што ја поздрави целиот демократски свет, и посебно нашите соседи и нашите партнери во Европската Унија“, рече тогаш премиерот.

Инбокс7 испрати повеќе прашања до владиниот портпарол во врска со овој документ, меѓу кои и прашањето зошто истиот не е јавно објавен, но одговор до објавување на текстот не добивме.

Во документот, премиерот ветува дека ќе ги исполни следните чекори:

„Подобрување во размената на информации помеѓу финансискиот сектор и финансиското разузнавање со цел спроведување на законот преку разузнавање потребно за пронаоѓање и спречување на перењето на пари поврзано со корупција“

“Тело за антикорупција кое е целосно независно, способно, адекватно и со целосна поддршка и соработка со сите гранки од владата. Давање сигурност дека телото за антикорупција покажува проактивен и балансиран приод во деловите како што се конфликт на интереси, лобирање и злоупотреба на средства“.

„Соработка со партнерите од странство со цел зацврстување на законските решенија за борба против корупцијата, за да се добие сигурност дека се направени сите напори да се лишат криминалците кои стекнале нелегални средства“.

„Давање сигурност дека медиумите имаат слобода во известувањето за корупцијата на објективен и независен начин, јавно објавување на информациите за средствата на функционерите преку алатка на која ќе може да се бара низ годините како што е предвидено со законот“.

„Поддршка на меѓународните тела како Обединетите нации, Европската Комисија, Г20, Светска Банка и слично, имплементација на нивните препораки во дадениот временски период. Се обврзуваме на целосна имплементација на препораките од Европскиот совет навремено, што вклучува:

 

            – Услогласување на „Кодексот за етичко однесување на пратениците“ и негово почитување
– Зајакнување на судската независност од политички влијанија
– Преиспитување на Судскиот совет за тој да може да служи за обезбедување независно и             професионално судство
– Зајакнување на финансиските и кадровските ресурси на антикорупциското тело во             областите: конфликт на интереси, лобирање и прикривање на средства.
– Забрзување на процесот за давање изјави за интереси и средства од страна на             пратениците, судиите и обвинителите 

 

„Зајакнување на капацитетите во секторите одбрана и безбедност кои се ранливи и под закана на корупција, преку учество во процесот за градење на интегритетот, поддржан од Обединетото Крластво“.

 

Што е исполнето од наведените обврски?

Во периодот кога се одржуваше Самитот за Западен Балкан во Берлинскиот процес, договорот со Грција беше потпишан, но формално-правно не беше влезен во сила. Откако на почетокот на годинава пратениците со двотретинско мнозинство изгласаа уставни измени, а соседна Грција го ратификуваше истиот во својот парламент, европските набљудувања на процесите во Македонија се зголемуваат поради фактот што државата сега треба да ги отвара поглавјата за членство и во догледна иднина формално да стане дел од Европската унија.

Една од обврските која премиерот Заев потпишал дека ќе се оствари е независна Антикорупциска комисија, која од стартот до сега неселективно отвара предмети. Сепак, она што во јавноста предизвика големо внимание е фактот што Нури Бајрами, баџанакот на собранискиот спикер Талат Џафери е еден од антикорупционерите.

Во медиумскиот дел пак, премиерот потпишал дека власта ќе даде сигурност дека медиумите работат слободно, до некаде има резултати, бидејќи ако во 2016 година Македонија беше на 118 место по слобода на медиумите, веќе во 2018 година, се поместува на 109 место, кое е далеку од она на „слободни медиуми“. Полошо од Македонија во 2018 година од земјите во регионот е рангирана само Бугарија која е на 111 место, а освен источниот сосед, до Македонија се наоѓаат земјите како Боливија, Централно Африканската Република и Замбија.

Алатката која владата ја вети за поголема транспарентност пред јавноста функционираше само неколку месеци. Трошоците за функционерите од власта во оваа алатка не се внесени од ноември минатата година.

Во обврските се вбројува и тргање на партиските раце од судството, но и подобрени закони за правосудство. Меѓу овие закони е и Законот за Јавно обвинителство, со кој треба конечно да се реши и статусот на Специјалното јавно обвинителство, за кое премиерот Заев не може да добие двотретинска поддршка поради обвинителката Катица Јанева и нејзиниот тим. Ниту овие обврски не се исполнети, иако во меѓувреме се појавија бројни препреки за новоотворените случаи на СЈО, но и за оние за кои тимот на Јанева се уште води истраги.

Министерката за правда, Рената Тренеска Дескоска вели дека ниту таа не може да се одвои од општиот впечаток за судовите, па затоа има реформи кои треба да овозможат легислатива подлога за независно судство. Таа додава дека Законот за судови и Законот за Судскиот совет се во собраниска процедура.

Законот за јавно обвинителство пак, за кој се крена голема прашина поради преговорите со опозициската ВМРО-ДПМНЕ, се уште не може да се договорат за статусот на СЈО.

„Вчера имавме средба со сите пратенички групи во Собранието за Законот за Јавно обвинителство. Разговаравме за амандманите на ВМРО-ДПМНЕ кои може да се поделат во три дела. Тие сакаат уништување на статусот на Специјалното јавно обвинителство, но сите пораки кои доаѓаат од меѓународната заедницата се дека треба да биде посебен орган. ВМРО-ДПМНЕ сака амнестирање преку уништување на материјални докази за што не може да преговараме, а третиот дел од нивните амандмани се оние за кои има простор за преговарање. Закон заради носење на Закон нема да ни овозможи преговори со Европската Унија. Вчера разговорите со ВМРО-ДПМНЕ не беа успешни“, вели Дескоска.

Според Дескоска, никаде во предлог-амандманите за Законот за јавно обвинителство не се споменати имиња, иако Мицкоски јавно бара да се смени целосно тимот кој раководи со СЈО.

Во делот на одбраната и безбедноста, обврските се делумно исполнети. Иако претседателот Ѓорге Иванов ги врати законите бидејќи не го признава новото име на државата, Република Северна Македонија, пратениците повторно го изгласаа законот за Оперативно Техничката Агенција, но во тек се и измени на законот за Управата за безбедност и контраразузнавање, со што овие две тела ќе имаат поголема самостојност и транспарентност.