Денешна дата
29/11/2020

За скопските татковци централниот плоштад е приватна нива

За реконструкциите на плоштадот „Македонија“ во Скопје – за десет години се потрошија 5.5 милиони евра

Љубица Иванова и Ѓургица Бојчовска

 

Покрај приматот во загаденоста на воздухот, Скопје е европски, а можеби и светски рекордер по сумата потрошени пари за разни темелни и поситни реконструкции и други градежни интервенции на својот централен плоштад.

За дваесет години целиот овој простор е трипати преоран од корен. Повозрасните скопјани ги паметат старите мали гранитни темносиви коцки, калдрмата што плоштадот го краселе повеќе од еден и пол век.

Во времето на Ристо Пенов, градоначалник во два мандати во деведесеттите години на минатоиот век, таа трајна и практично неуништива подлога на плоштадот е преорана и покриена со бетонски  плочи од увоз. Скопјани знаат да кажат дека со тоа, со првата темелна реконструкција на плоштадот, со масакрирањето на неговиот претходен децениски изглед со кој се раѓаа и растеа генерации и генерации скопјани и не само скопјани, згасна и романтичниот дух на градот.

Не поминаа нити петнаесетина години и овој нов лик на плоштадот е откорнат и од плоштадот, а веќе и од од меморијата на скопјани. За време на поранешниот градоначалник, исто така, во два мандати, Коце Трајановски, во рамките на контроверзниот урбан проект на тогашната влада „Скопје 2014“, плоштадот „Македонија“ повторно беше темелно и длабоко прекопан. Реконструкцијата, најскапа дотогаш, содржеше отстранување на целата подлога од камените плочи и поставување нова со ситни бели мермерни плочки со кои е сега покриена целата површина на плоштадскиот простор. На него никнаа и фонтани и грандиозни споменици со многу контроверзии за нивните историски и естетски вредности.

 

 

За 10 години- 5.5 милиони евра, пари на граѓаните се потрошени за скопскиот плоштад

 

Само за реконструкција на „подот“ на скопскиот плоштад се потрошени 2.500.000 евра во 2003 година, во времето на Ристо Пенов и уште скоро 3.000.000 евра се потрошени во 2013-та година во време на Коце Трајановски.

 Во 2003-та година, за време на мандатот на градоначалникот Ристо Пенов кој со Скопје „владееше од 1996 -та до 2005-та година, плоштадот добива сосема нов изглед.
После земјотресот цело време се правени обиди да се даде вистински облик на централната точка на градот, која мора да признаеме дека не беше, адекватно поставена, решена, направена и во тие дваесетина /триесет години правени се повеќе пати конкурси и обиди тоа да се разреши, но од разни причини до 2003-та, не е направено“, вели Пенов.

Тој додава дека се правени минимални измени. „,Плоштадот по земјотресот имаше сообраќај, паркирање, а потоа стана пешачка зона за да дојдеме до обликот кој во 2003-та година го направивме. Се случи тоа во таа година затоа што тогаш првпат добив овластување. Дотогаш овластувањата ги даваше Mинистерството за транспорт и врски и ние дотогаш како град ги немавме. Во 2003-та за првпат добивме можност да работиме на плоштадот и работевме на првичниот изглед на поставувањето на подот и само тоа успеавме да го завршиме во мојот мандат“, вели тогашниот градоначалник на Скопје.

СКУП по барање за слободен пристап до информации од јавен карактер, упатено до Град Скопје, дојде до целата документација за склучени и изведени договори за тендери, за изминатите 20 години во врска со темелно реконструирање на површината на плоштад „Македонија“, во центарот на Скопје.

Во времето на тогашниот градоначалник на Град Скопје, се склучува договор помеѓу Град Скопје, застапуван од градоначалникот Ристо Пенов – инвеститор-нарачател и ,,Технометал Вардар“ ад Скопје застапуван од Претседателот на Управниот Одбор Кочо Моцан, изведувач-увозник. Предмет на овој договор е испорака и вградување на плочи и коцки од природен камен- гранит „Јабланица“ за поплочување на плоштадот ,,Македонија” во Град Скопје.

Фирмата ,,Технометал Вардар“ – ад Скопје, била избрана како фирма која нуди најквалитетни услуги, иако на тендерот се пријавиле и други фирми кои нуделе услуги од 75 милиони денари па нагоре.
Договорената вредност за испораката и поплочувањето со ,,Технометал Вардар“ изнесува 96.692.454.оо денари со 18% ДДВ, односно нешто повеќе од еден и пол милион евра.

 

 „ Целата таа реконструкција што ја направив со плочките кои чинеа милион и пол евра и асфалтирањето одоздола, целата инфраструктура под плоштадот што ја направивме, се чинеше два ипол милиони евра“, појаснува Пенов.

При реконструирањето беа извадени старите коцки и беа увезени нови од рудникот „Јабланица“ во Босна и Херцеговина и како што Пенов вели:

Тоа беше неопходно затоа што коцката што била на плоштадот дотогаш не беше адекватна и со естетски и функционални вредности кои што ги бара еден централен државен плоштад“.

Според него, новопоставените коцки биле со техничко-технолошки посебни својства, цврсти, од материјал кој, за разлика од другите камења, е порозен и издржлив.

 

По двете плоштадски реконструкции нема прецизен одговор каде се старите гранитни плочки

 

Старите гранитни коцки завршиле во депото на градското Јавно претпријатие за патишта:

Барем тогаш таму ги оставивме, сега каде завршиле не знам“, вели екс градоначалникот на Скопје, Ристо Пенов.  Прашавме и во ЈП „Улици и патишта“.

„Дел од гранитните коцки беа употребени на улица Ацо Караманов, од Американската резиденција до Претседателската вила и дел од нив внатре во вилата. Другиот дел од коцките беа употребени и на улица „Македонија“ пред хотел „Бристол“, како и  на помали триаголцици пред ТЦ „Скопјанка“ и на други локации. Оние кои беа оштетени се транспортирани во отпад“, ни изјави Ана Николовска, референт за односи со јавноста од ЈП „Улица и Патишта“:

Идејата на тогашниот градоначалник Ристо Пенов била плоштадот да се дообликува со поставувње на фонтана со скулптура. Меѓутоа тој губи на изборите и потоа таа идеја е отфрлена од градското Собрание и од новиот градоначалник Трифун Костовски.

Во времето на Трифун Костовски од  2005-та до 2009-та година, плоштадот „Македонија“ го задржува тогашниот изглед. За оваа сторија на СКУП  Костовски вели:

Не е сериозно во така краток период два пати да биде менуван плочникот на плоштадот Македонија. Градот Скопје има многу посуштествени проблеми каде треба да се насочат парите на граѓаните, а не да се трошат за разубавување на плоштадот, согласно личните критериуми и афинитети на градоначалниците кои тоа го направиле. За мене тоа се фрлени средства од граѓаните. Градот Скопје има многу поприоритетни обврски, особено во подземната инфраструктура, како што се реконструкцијата и возобновување на водоводната мрежа, каде азбестните цевки мора еднаш засекогаш да се отстранат, потоа решавањето на фекалната и атмосферска канализација и секако идната гасификација на градот Скопје “.

Екс градоначалникот Коце Трајановски, татко на градот од 2009-та до 2017-та година, првично најави дека од плоштадот ќе ги вади „плочите на Пенов“ и дека ќе ги враќал старите гранитни коцки бидејќи таа коцка му дава посебен дух и белег на плоштадот и дека дуплата работа и новите трошоци не се важни, оти за тоа имало пари.

На повикот на СКУП, поранешниот градоначалник на Град Скопје, Коце Трајановски, одби да даде коментар на темата за реконструкциите на плоштадот.

 

Во 2013-та градот склучува договор за нова темелна реконструкција, практично за изградба на нов плоштад на истата локација.
Договорот бил склучен од страна на градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски – договорен орган  и ,,Трансмет“ доо Скопје, компанија чиј управител и носител на набавката е Сеад Кочан.
Предмет на овој договор бил регулирање на меѓусебните права и обврски на договорениот орган и носителот на набавката за Изведба на површинска фонтана со реконструкција на тротоари -партер на плоштад ,,Македонија”.
На почетната ранг листа на способни понудувачи за учество на е-аукцијата за набавка на Изведба на површинска фонтана со реконструкција на тротоари-партер на Плоштад „Македонија“, учествувале тројца понудувачи:
Друштво за градежништво, транспорт и трговија ,,Трансмет“ доо Скопје, со понудена цена од 136.163.754,60 денари; потоа Друштво за градежништво, производство и инжинеринг увоз-извоз „Пелагонија“ад Гостивар со понудена цена од 178.616.916,50 денари и Друштво за производство услуги и трговија „Кринг“ кг доо – увоз-извоз Прилеп со понудена цена од 197.672.749,60 денари.
Најниска цена до затворањето на аукцијата ја понудува ,,Трансмет“  во износ од 125.270.658,60 денари. Оваа сума е вредноста на склучениот договор без ДДВ. Додека, вкупната вредност на овој договор изнесува 147,819,378,00 денари со вклучен ДДВ, односно околу 2.400.500 евра.

Цената на изведбата на работите за Изведба на површинска фонтана со реконструкција на тротоари – партер на Плоштад ,,Македонија’’ е со вклучени трошоци  за извршената работа, работна рака во работните часови, транспортни трошоци, јавни давачки и сите други издатоци и помошни работи.

 

 

Корекција на цената

 

На 1-ви Ноември 2013 година, Комисија за јавни набавки на град Скопје доставува известување за аритметичка грешка до „Трансмет“ ДОО – Прилеп во врска со предметот: „Изградба на површинска фонтана со реконструкција на тротоари – партер на плоштад Македонија“.
При проверка и разгледување на понудата, Комисијата ја констатира грешката, со што согласно Законот за јавни набавки, извршена е исправка на, како што се тврди, аритметичката грешка.
Со тоа цената за реконструкција на плоштадот се зглемува. Односно, вкупниот збир на цени за градежно занаетски работи, електрични инсталации и водовод во износ од 178.807.892 со вклучен ДДВ се менува во вкупен износ од 160.673.230,43 денари со вклучен ДДВ, односно 2.612.572 евра. Од „Трансмит“ ДОО ја прифаќаат корекцијата на цената за аритметичката грешка.

Проектот за изградба на фонтана и реконструкција на плоштадот се реализираше со 2/3 финансиски средства од Владата на Република Македонија и 1/3 од буџетот на Град Скопје.

Реакции на стручната јавност

„Со гранитните коцки, плоштадот имаше еден таков специфичен имиџ кој што потсетуваше на минатото и дури таа гранитна коцка се користи и денеска како местимична апликација на обработка на партерите на плоштадите, кога се и современи и модерни, ама скаат да задржат некакви релации со минатото“, децидна е Даница Павловска – Циги, архитект и урбанист. Таа смета дека плоштадот како дел од проектот „Скопје 2014“ е еклатантен пример за еуфорично градење и деформирање и на почетната идеја и почетниот проект на плоштадот. „Површност се гледа во секој аспект на плоштадот. Обработката партерна не е соодветна, апликациите  со скулптурите, какви и да се нивните пораки, не се соодветни и не се добри. Се гледа дека се инцидентно ставени,без анализи,без соодветен третман. Таа естетика која што се нуди ,преку скоро сите  објекти од  ,,Скопје-2014 па и овој не е нешто што ни прилега и квалитативно помогнува на еден повисок колективен етсетски критериум„, смета Павловска. Таа додава дека на плоштадот има „еден лош пример за генерациите кои доаѓаат и за луѓето коишто нè посетуваат.

Интервенции во јавни простори се прават воглавно од популизам, затоа што тие интервениции се некако очигледни  и блиски на граѓанинот и се за негова директна уботреба. Граѓанинот има непосреден контакт со оствареното  од неговите дадени пари за такси и даноци“, смета таа.

 

Граѓаните: На едни им се допаѓа, на други им е концентрација на урбан невкус

 

Граѓаните се уште го паметат поранешниот изглед на плоштад „Македонија“. Шест од десет граѓани сметаат дека поранешниот изглед на плоштадот бил далеку подобар од моменталниот изглед. Мислењата поделени: за едни новиот изглед на централниот дел во Град Скопје довел до поголема посетеност и туристички развиток, додека за други, изгледот на плоштадот не е ништо повеќе од кич и пренатрупаност. Но, сите се согласуваат дека најновото руво на површината на плоштадот е нагрдено. Белите плочки ја отсликуваат сета нечистотија и тие се сега прекриени со „црнила“.

Иако дел од граѓаните сметаат дека плочките се неквалитетни, за други нечистотијата се должи на лошо одржување на самите плочки

 

 

 

Од Јавно претпријатие за комунална хигиена се правдаат:

 

Јавните површини ги работиме секој ден, се подразбира нивно метење и чистење со машини. Машините се користат во зависност на сезона (од април до октомври) лимитирано бидејќи се прскалки кои пуштаат вода. Кога е многу топло може да се случи и вонредно со цистерните да поминеме. Во зимскиот период само метење и празнење на кантите на плоштадот и е помало тоа оддржување бидејќи не можеме да пуштиме прскалки. Како градско јавно претпријатие основано од страна на Град Скопје, сме должни да го оддржуваме плоштадот, не наплаќаме бидејќи нема субјект на кој што би наплатиле.“

 

 

 

Изгледот на плоштадот драстично се менува по земјотресот

Плоштадот „Македонија“, главниот плоштад во Град Скопје, бил изграден во периодот помеѓу 1920 год-1940 год. Се до земјотресот во 1963 година, плоштадот го краселе значајни објекти како: Офицерски дом, Народна банка, Стоковна куќа, итн. После земјотресот и големите претрпени штети, изгледот на плоштадот темелно се менува.

 

 

 

(„Сторијата е поддржана од ЦИН СКУП Македонија во рамките на НЕД проектот “Промовирање отчетност преку истражувачко известување”.)