Денешна дата
26/04/2019

ВЕЖБИТЕ НА ГОГА, ДОТЕРУВАЊАТА НА РЕКА И ТОРТАТА НА СТЕВО

Гога вежба јога, Река оди на бербер, а Пендаровски се слика со торта за својот роденден.. Ваков е стартот на кампањата на тројцата претседателски кандидати Гордана Силјановска, Блерим Река и Стево Пендаровски. Аналитичарите велат дека таквата форма на претставување кон граѓаните е добар маркетиншки трик со цел да се приближат полесно до гласачите

пишува: Светлана Унковска

 

Ден по првиот митинг претседателскиот кандидат, професорката Гордана Силјановска во Охрид го искористи убавото сончево време и на брегот на Охридското езеро вежбаше јога, за, како што изјави, да го поздрави Сонцето и да шири позитивна енергија. Јогата, вели, е комуникација со себе и со другите и размена на позитивна енергија

„Порано бев многу поревносна, но јога можете да вежбате и сами дома, најмногу во природа зашто една од вежбите е техниката „поздравот на Сонцето“. Токму тоа значи, се обраќате кон Сонцето како извор на животот, барате чиста средина што ја нема и тогаш сте поподготвени за работа“, истакна Силјановска додека на простирката за вежбање практикуваше јога, заедно со уште неколку жители на градот од каде ја почна кампањата.

Иако Силјановска најмногу ја зборуваат за вежбањето јога, Стево Пендаровски пак за зборот кој го употреби дека ќе биде тој „камшикар“ на премиерот, цитирајќи го во еден контекст Зоран Заев кој рече дека нам ни треба камшикар од Брисел за да ни каже кои демократски стандарди ни се потребни. Пендаровски, не пропушта во сите настапи пред граѓаните да зборува за ЕУ и НАТО иднината на земјава, а ја искористи и посетата на грчкиот премиер, Ципрас за која говореше дека е од историска важност за Македонија. Денот на конвенцијата на изборната програма на Пендаровски се совпадна со неговиот роденден, па тој сликата со тортата ја сподели на својата фејсбук страна.

„Роденденот го одбележувам со најблиските. Заедно поминуваме низ најтешките мигови и се радуваме на највеселите. Тие се мојата најголема поддршка и инспирација. Заедно напред“, напиша Пендаровски, притоа искористувајќи го и својот изборен слоган во роденденското славење.

Блерим Река, пак, на првиот ден од стартот на кампањата отиде на бербер, се среќаваше со граѓаните во турската чаршија и во околните кафулиња. Тој ги повика Албанците масовно да излезат на гласање, за, како што рече, да покажат дека не се анонимни 20 проценти од гласачите.

„Другите нудат консензуалност што на албански значи зделка, но, за жал, тие и даваат приоритет на зделката со соседот, додека во нашиот случај се работи за зделка меѓу браќа од иста крв. Гласајте против корупцијата, но особено гласајте против пазарењето со вашиот глас од патриотски тендерџии“, повика Река.

Добар маркетиншки трик или лоша идеја?

Што сакаат да порачаат, а што да постигнат со ваков старт на кампањата? Kаков маркетиншки ефект има сето ова? Аналитичарите велат дека тоа е начин на комуникација со електоратот, што е тренд не само во Македонија, туку и во светот бидејќи гласачите се многу заинтересирани за личниот живот на кандидатите. На тој начин, велат тие, се обидуваат да им се приближат и да им се допаднат на граѓаните.

Најголемиот дел од електоратот не се доволно заинтересирани да ја прочитаат програмата и затоа личноста на кандидатите, нивните лични карактеристики, нивниот личен живот стануваат многу важен дел од одлуката за кого ќе се гласа. Оттаму, електоратот се претвора во еден вид воајер и сака да им ѕирне малку во интимниот живот на кандидатите за да може да направи добра проценка за тоа за кого да го даде својот глас бидејќи неговата личност е значаен дел од одлуката на гласачите. Оттаму Јога со Гога треба да ја претстави Гордана Силјановска како спортски тип кој се грижи за своето здравје и е во допир со природата, берберницата на Река треба да го претстави како традиционален кандидат кој ги почитува традиционалните вредности. И сега и Стево Пендаровски ќе се впушти во таква некаква мини кампања. Тој веќе и пред тоа имаше нешто со своето старо југо од пред 20 години што треба да иницира дека е скромен и домаќин“, анализира Петар Арсовски. Тој уште додава дека ниту јогата ниту берберницата е спорна како елемент во кампањата и таквите форми се доста корисни како маркетинг алатка се додека не го премине прагот кој би можел да му даде карактеристика на несериозност.

Петар Арсовски

Со слична проценка е и аналитичарот Владимир Божиновски, кој вели дека од почеток е нормално да го гледаме овој стил на претставување, како и преку промотивните пораки кандидатите да ни кажуваат зошто треба да ги избереме. Но, според него, клучен момент ќе бидат дебатите зашто таму директно ќе се соочат ставовите.

Владимир Божиновски

Досега е некако стандардно, има различни обиди, начини и пристап да се привлечат граѓаните и да им се доближат. Она што се прави со јогата не знам колку е тоа ефективно, но се прави обид да се привлече до една категорија на луѓе дека ете има некаква поврзаност со водење здрав живот. И не знам колку тоа ќе и донесе поени на Силјановска. И кај Пендаровски имаше некои повеќе да кажам комични ситуации со претерани изливи на емоции од страна на присутните и тоа е главното што се вади како хајлајт на претставувањето. И одењето на бербер на Река е начин пак да се покаже дека и тој е дел од народот дека ништо не е посебен“, оценува Божиновски, според кого досега целата кампања е млака и без некаква еуфорија.

Силјановска и Река стојат на бина, Пендаровски шета слободно – како ги држат говорите

Стилот на водењето кампањи во кој Силјановска и Река строго и без скоро никакво движење стојат на бината позади говорница прават противкандидатот Пендаровски во голема мера да се разликува од нив. Арсовски вели дека иако како форма е многу потешка за јавен настап има впечаток дека се чувствува покомотен слободно да шета и со микрофон во рака да им се обраќа на гласачите и на тој начин да има понепосреден контакт со нив. Таков стил имаше и лидерот на ДПА, Мендух Тачи, кој во американски стил, со микрофонот во рака говореше шетајќи се на бина. Силјановска и Река, пак, според Арсовски се во малку поформално претставување и така прават обид да проектираат некаква аура на државник.

Што се сака да се порача преку слоганите

Пораките кои сакаат да ги пренесат претендентите за претседателската фотелја секако се читаат и во слоганите под кои настапуваат. Силјановска со „Правда за Македонија“, Пендаровски со „Заедно напред“, а Река со “Река за Република“.Ги прашавме и Арсовски и Божиновски што препознаваат во нив.

Река со својот слоган се обидува да се претстави како кандидат кој што сака да покаже дека иде со некои идеи околу тоа имаме држава немаме република. Тоа воопшто не е лош начин да им се доближи на албанската етничка заедница на кои најмногу им се обраќа. Во слоганот на Пендаровски забележливо е дека тој не го употребува зборот Македонија а кај Силјановска јасно е дека преку самиот слоган се поставува како заштитник и чувар на националите интереси на целата држава“, вели Божиновски.

Со поинакво гледање на слоганите е Арсовски.

„Пендаровски со „Заедно напред„ има едноставна порака и тој имплицира дека треба да се обединиме и во рамките на етникумите, но и помеѓу етникумите и заедно да го продолжиме тој правец кој го исцрта Преспанскиот договор. Гордана Силјановска во „Правда за Македонија“ повикува на некакво патриотско чувство. Спротивно, кај Пендаровски се препознава дека Преспанскиот договор го нарушил патриотското чувство и интегритетот на Македонците. „Река за Република“ имплицира на владеење на народот и тој имаше една синтагма општество за сите и република за сите не е исто. Претпоставувам дека се однесува на тоа дека општество за сите е добра волја, а Република за сите е веќе вграден некаков капацитет за меѓуетнико помирување“, смета Арсовски.

И двајцата сметаат дека стилот на облекување и однесување се во согласност на сие кандидати и дека тие не смеат да бидат екстравагантни и да се одвојуваат значително од обичниот човек.