Денешна дата
25/10/2020

ИДЕНТИТЕТ & ИДЕНТИФИКАЦИЈА – МАНИПУЛАЦИЈА

Идентитет не е тоа што пишува на документот, туку тоа што е веќе запишано во секој од нас

Пишува: Зоран Иванов

Се заврши со Преспанскиот, со Уставот, со Северна. Избори се па, како се насетува, темата идентитет пак ќе се турка како алатка за гласови, всушност за манипулација за да се дојде до гласови. И секако, ќе биде тоа ново трошење време на нешто што е веќе изветвено, надминато ништо е конечно завршено. Македонија тргна по друг пат. Колку ќе биде успешен веќе не е ниту до името ниту до идентитетот.

Со Грција направивме трампа болна за нас, можеби уште поболна за нив. Им ја дадовме антиката им го земавме името. По сѐ, нашата држава е единствената во светот што го поседува името Македонија. Тоа, како и македонскиот јазик кој уникатно го зборуваме само ние Македонците, се двата клучни меѓународно заверени идентитетски факти за нас. И толку. Тоа е се за и околу нашиот идентитет. Се друго е чиста манипулација. Зашто и пасошот и личната карта и имињата на институциите се само елементи за идентификација, а не на идентитет.

Прашањето за нашиот идентитет е старо колку и нашата самостојност и децении пред тоа. Сега кога тоа е решено за навек, кога конечно по децении светот нѐ признава како народ и нација и како држава со име Македонија, ниски приземни политички страсти и натаму манипулативно ќе ги потпалуваат чувствата на македонските гласачи. Дека прашањето на идентитетот е веќе досадно до степен на дегутантност и дека конечно треба да се стави ад акта, само потсетување дека темава е веќе премногу стара, неатрактивна и јалова.

Во оваа колумна ќе издвојам неколку фрагменти преку ред од текст со ист наслов како и овој објавен во сега веќе згаснатиот, а тогаш престижниот и влијателен дневен весник  „Дневник“ . Истиот автор истата тема. Само што временската дистанца е цели десет години. Изгубени цели наши македонски десет години.

… Идентитет не е некаков документ, лист хартија. Идентитет не е тоа што  пишува на пасошот или на кредитната картичка. Тоа се само обични документи за лична или за административна идентификација. Идентитетот е тоа што е веќе е „запишано“ во секој од нас. Етничкиот, националниот или верскиот идентитет сеедно, не е предмет за кој се има некаква посебна потреба толку да се зборува. Уште помалку, како што тоа сега кај нас за изборни потреби се прави во бранови, за него да се полемизира. Идентитетот е историја, традиција, култура, чувство, заедништво, припадност. Идентитетот е небришливиот порив што индивидуата ја врзува со групата и обратно. Затоа поистоветувањето на идентитетот со идентификација е грубата манипулација што со месеци се наметнува во македонската јавност. Идентификацијата и идентитетот се поими што треба да се разграничат и да се објаснат. Тие ниту по форма, ниту по својата содржина, немаат ништо заедничко.

Тоа е статус што нè мотивира да се однесуваме и така како што ни на сон не сме сониле. Како со Горан Пандев, на пример, поради кого почнавме да навиваме за „Интер“. Дали некогаш како народ и нација сме навивале за овој апенински тим? Сме имале ли мотиви, причини да го правиме тоа толку посветено како што го правевме во штотуку изминатата фудбалска сезона? Воопшто никакви, нели? Ама сега, во таа интернационална конкуренција, е и „листот од нашата гора“. Само од таа причина и само додека е тој таму. Тоа се идентитетските пориви што извираат од нашата македонска припадност. Тие не може да се изгнездат од каде било и не можат да се гарантираат со документ, со некакво парче хартија.

Водењето политика со иритирање на националните чувства на луѓето, политика на всадување сомнеж во издржливоста на нацијата, промовирање тези за нејзино наводно исчезнување, политика на популизам, го заменија слоганот „остваруваме“. Форсирање делби, „патриоти“ и „предавници“, е сега политиката што се практицира како супститут за сите неостварливи, а громогласно најавувани ветувања. Се разбира, крајот на манипулациите, како и секогаш, е неизбежен и за овој политички циклус. Тука не помагаат нити светската економска криза, ниту ригидните грчки ставови. Луѓето стануваат свесни за тоа. Последиците, за жал, се големи, особено поради загубеното време за евроатланските придвижувања, кое и натаму бесцелно и безмилосно се троши. Тие се големи за целото општество освен за политичките актери кои по правило, па и според сопствените признанија, од обични смртници, само во еден мандат, се добрале до успешни бизнисмени. Стекнале имот кој ним и на нивните поколенија им ја гарантира иднината и кој ќе им обезбеди статус каде било со или без Македонија. Ете, толку е нивниот патриотизам.

На македонската политичка сцена идентификациските прашања се подметнуваат како идентитетски. Тоа се поими што треба да се разграничат и да се објаснат, а не да се промовираат како главната кочница за НАТО и ЕУ. Идентитетот стана конјуктурна политичка алатка. Таа е популистичка, па оттука и посакувана тема за политичките актери. Власта  манипулира со чувствата и ги распламтува стравовите за неговата наводна загрозеност. За опозицијата пак, дефинирањето на идентитетот е сè уште прежежок костен. Се разбира, неправдата што во континуитет ни ја приредува Грција, и не само таа е, непримерна. Но, тоа повеќе не може да биде изговор за нашето балканско вкопување.

Ако таа состојба објективно е ненадминлива, врз решавањето на спорот останува да се атакува со други решенија. Очигледно е, меѓутоа, најповиканите, пред сè претседателот Иванов и премиерот Груевски, или сè уште летаат во античките облаци или се преплашени за својата политичка кожа и немаат храброст за исчекор. А токму од нив, од нивните функции, е легитимно да се очекува повеќе да не го губат драгоценото време и барем да се обидат таквата состојба бргу да ја променат. Конечно, нека го посочат нивниот „разумен компромис“ од кој ќе биде изведена и содржината наменета за тетратките во ООН. Тоа што ќе биде запишано таму, ќе биде таа меѓународна „идентификација“ на нашата земја. Таму не се евидентира ничиј идентитет. Вака на уво, звучи моќно удирањето в гради на политичари, експерти, колумнисти, новинари, уметници, фолирајќи со темата „името не го даваме“ и палејќи ги луѓето со таа лажна теза за загрозен идентитет.

Темата идентитет е политика на натамошно конструирано замајување на јавноста, политика на билдање лажен патриотизам, политика на промовирање херои што го „спасуваат“ нашиот идентитет. Неговото вулгаризирање е само обична алатка, актуелно орудие за одвлекување на вниманието од некадарноста да се материјализира ветениот „разумен компромис“. Затоа, идентификациските прашања се подметнуваат како идентитетски. Се конструира статус со кој се блокираат можностите за какви било обиди, со конкретни македонски понуди, да им се парира на тврдите грчки ставови.

Од ваквата замрзната позиција власта секојдневно и на сите полиња се самопотврдува како субјект без елементарен ментален капацитет за остварување каков и да е напредок. Не успева да ги отвори портите на НАТО и ЕУ. И таму не цветаат рози, ама таму ќе се спастриме подобро и ќе ги имаме и државата и идентитетот. Таму е 21-то  столетие од кое Македонија, на ништо, веќе потроши цели две децении…

Ете, така беше и пред една цела декада. Во меѓувреме, и од тој текст наваму, на општествената сцена стапија неколку нови генерации на кои манипулативната политика им открадна цели десет години. И на овие претседателски избори истата политичка структура пак форсира идентична идентитетска манипулација.

Но, овој пат ќе биде поразена. Ако од ништо друго, тогаш од зрелоста на граѓаните.

 

Текстот е напишан исклучиво за Инбокс7. За секое реобјавување треба да се добие согласност од страна на редакцијата. Инбокс7 не секогаш се согласува со ставовите и видувањата на авторите во рубриката за дебата.