Денешна дата
26/04/2019

ОД ШУМСКИТЕ ПОЖАРИ МИРИСА НА ПОЛИТИКА

Години наназад никогаш толку многу пожари немало во овој период од годината кога практично гореше секој дел од државава. Власта тврди дека станува збор за тероризам, чија цел е дефокусирање на јавноста. Јавноста очекува одговори кој и зошто пали

пишува: Светлана Унковска

 

Само во последниве два месеца се случија неверојатен број на пожари кои дури и за летен период се премногу. Секторот за заштита на шумите, надзор и внатрешна контрола во текот на март регистрираше 128 само шумски пожари. Директорот на “Македонски шуми”, Зоран Ѓорѓиев информираше дека изгорена е површина од над 2.800 хектари, опожарени се околу 3.300 метри кубни дрва со што штетата се проценува на околу 54 милиони денари. Но, бројките што се претставени во тоа колку е изгорено и колкава е материјалната штета секако не може да ја одрази вистинската штета што со години ќе се одразува врз еко системот во нашата земја, бидејќи гореа борова шума, багрем, нискостеблеста шума во државна, но и приватна сопственост како и овошни насади. Покрај ова настрадаа и огромен број шумски животни, а на фејсбук беа објавувани слики од изгорени желки, ежиња, птици, гнезда со јајца.

Министерот Спасовски обвини дека во пожарите има политичка позадина

 

Неодамнешниот случај во Крушево каде 19-годишно момче било фатено на лице место како потпалува дабова и букова шума, дознаваме дека во полицијата признало дека за подметнувањето на пожарот бил натеран од други лица. Во средата во непосредна близина на салата “Борис Трајковски” пред почетокот на конвенцијата на претседателскиот кандидат, Стево Пендаровски, беше запалена депонија и тоа синхронизирано на шест места одеднаш, за што беа повикани противпожарни екипи, а и овој случај се истражува. Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски рече дека во пожарите кои се подметнуваат гледа политичка позадина. Ваквото сомнение произлегува од исказите кои ги дале девет лица против кои МВР поднесе кривични пријави.

Доколку ова што ни се случува е од политички причини, а имаме сериозни индиции тоа да го потврдиме во наредниот период, станува збор за сериозен тероризам што се прави на државата. Оние кои што посегнуваат тоа да го прават дали се од бизнис или од политички интереси директно упатувам порака дека тоа не смеат да го прават да размислат добро заради тоа што не вреди за некаква ситна пара или за некаква политичка наредба  утре да се најдете во ситуација на сериозна одговорност. Сакам да упатам порака на политичарите да не се занимаваат со работи што прават директна штета и на природата и на државата само поради ситни политички поени“, изјави министерот Спасовски.

 

Институциите ја губат трката со пироманите

Деновиве по објавувањето на забраната за движење во шума и шумско земјиште кое доколку не се почитува следува казна и до 2 илјади евра, пожарите малку стивнаа. И директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Аднан Џафероски е убеден дека најголемиот дел од пожарите кои ни се случија изминатиов период е подметнат.

Дефинитивно се работи за подметнати пожари, бидејќи не станува збор за високи температури, туку се намерно подметнати. Многу помогна забраната за движење во шумите па деновиве имаме многу намален број на пожари, меѓутоа и активности за поставување на стражи и од МВР и од Шумската полиција, но и луѓето од нашите подрачни единици се ставени на готовност и 24 часа будно следат за да превенираат и да заштитат од такви појави. Верувам дека и свеста кај луѓето ќе биде малку на повисоко ниво, бидејќи ова што се прави се самоуништуваме. Палењето не прави штета на други туку на самите нас и има долгорочни последици, затоа што шумите се општо добро“, вели Џафероски. И тој смета дека во подметнувањето пожари е од политички причини, вели со тоа се сака да се предизвика незадоволство, хаос, дефокусирање и обвинувања кон власта и тоа сега во овој предизборен период со што се сака да се добијат ситни политички поени, но на сметка на огромни штети. Вели дека ова е еден вид тероризам со наштетување на природата но и предизвикување опасност во кој може да настрадаат и граѓани. Не е задоволен од ниските парични казни за тој што намерно подметнува пожар и затоа најавува дека ќе побара измени на законите за да се заострат мерките.

 

Џафероски бара ригорозни казни, сегашните се минимални

Ова е страшно нешто што ни се случува и никаде во светот освен кај нас нема вакво нешто а точно се знае зошто се прави. Казните за тие што ќе бидат фатени воопшто не се големи и мислам дека изнесуваат од 1.200 до 1.500 евра. Јас ќе инсистирам и веќе најавив барање за промена на законската регулатива во делот на Казнениот законик за пироманија. Исто така, најавив и дека ќе барам промена на Законот за шуми за строго да се забрани сеча и евтина продажба на опожарени дрва. Веќе имав разговори со премиерот, со министерот за внатрешни работи, со министерот за земјоделство и шумарство и со министерот за одбрана и се согласивме дека мора да се смени таа законска регулатива. Еве на пример казна за намерно подметнување пожар во Албанија достигнува и до 20 години затвор“, вели Џафероски.

 

МВР апелира до граѓаните да пријавуваат какво било сомневање за подметнување пожар

Од МВР ни изјавија дека полицијата е само една од институциите како што се и Центарот за управување со кризи, Шумската полиција и други органи кои заеднички работат за превентивно да делуваат да се спречат настанувањето на пожарите. Велат дека организираат средби со граѓани и други активности со цел да се спречат овие случувања.

Ги повикуваме граѓаните да пријавуваат било какво сомневање дека некој има намера да подметнува пожар и тоа во најблиската полициска станица или на телефонот 192. МВР има засилени патроли и проверки, сите полициски станици имаат свои планови и програми и го покриваат своето подрачје така што се прават проверки но не може да се очекува дека можеме да ја покриеме цела територија со полицајци. Тоа е невозможно. Но правиме она што е во рамки на нашите можности и капацитети, ги правиме сите возможни дејства за да можеме да превенираме и евентуално да спречиме.  Разговараме и со локалното население да не палат по нивите, но голем дел од нив ги игнорираат нашите сугестии“, велат од МВР.