Денешна дата
16/07/2019

СЕКОЈА ВЛАСТ СО СВОИ ОФШОР ИНВЕСТИЦИИ: БАХАМИТЕ И БЕРМУДИТЕ ГИ ЗАМЕНИЈА БЕЛИЗЕ И ДЕВСТВЕНИ ОСТРОВИ

 

  • Во 2018 година за прв пат влегуваат инвестиции од Бахамите, земја означена како офф шор дестинација

 

  • Бермудите во топ пет инвеститори во Македонија, но и во топ пет офшор дестинации

 

  • Владата доби нула од германските инвеститори зошто гледала само надворешна политика и го изгубила фокусот во економијата

 

 

Пишува: Александар Тодески

 

 

Бахамите се познати туристички дестинации заради привлечните плажи. Официјалното име на земјата е Комонвелт на Бахамите и се протега на архипелаг од неколку островчиња во Атлантскиот океан, помеѓу Куба и државата Мајами во САД. Брои околу 390 илјади жители.

Посеверно од Бахамите, близу Северна Каролина се Бермудите, држава која се состои од 138 острови во кои живеат не повеќе од 80 илјади жители. Овие две држави се на листата на офшор земји, кои се познати и како даночни раеви заради тајноста и флексибилноста која ја нудат за трансакција на средства од други земји. Минатата година од нив во земјата се инвестирани дури 75 милиони евра.

 

За разлика од претходните 10 години, кога земјата броеше инвестиции од земји како Белизе или Девствени Острови, во текот на 2018 година во листата на топ пет инвеститори се најдоа токму Бахамите и Бермудите.

 

Пред неколку дена премиерот Зоран Заев, вицепремиерот за економски прашања, Кочо Анѓушев и министерот за финансии, Драган Тевдовски се пофалија дека Република Северна Македонија има најголем прилив од странските инвестиции во 2018 година, повеќе отколку во најдобрите години на ВМРО-ДПМНЕ, која беше на власт од 2006 па се до 2016 година.

 

 

КОЈ НАЈМНОГУ ИНВЕСТИРАЛ МИНАТАТА ГОДИНА?

 

 

Земјите означени како офшор дестинации се поделени во три групи: Првата група се земји за кои се има генерална слика дека имаат висок квалитет на надзор, кој во голема мера се придржува до меѓународните стандарди, Втора група се земјите за кои се смета дека има процедури за супервизија и соработка, но вистинските перформанси паѓаат под меѓународните стандарди и постои значителен простор за подобрување, и Третата група, во која се земјите за кои се смета дека имаат низок квалитет на надзор. За нив се вели дека се со мал или никаков обид да се придржуваат кон меѓународните стандарди.

 

Во државава, со години влегуваат фирми основани во земји од третата група, оние кои немаат никаков надзор, како што се Белизе, Бахамите, Девствените Острови, Коста Рика, Либан, Лихтенштајн, а помалку се фирми од првата и втората група на земји, како Хонг Конг и Бермудите.

 

Минатата година во државава од странските инвестиции имало прилив од 624 милиони евра – 404 милиони директни инвестиции и 220 милиони евра реинвестирање на средствата.

 

Најголем број на инвеститори лани дошле од Велика Британија – 113 милиони евра, Германија – 38 милиони евра, Турција – 36 милиони евра, Бермудите – 36 милиони евра и Бахамите – 32 милиони евра.

 

Интересен е фактот што Бахамите во извештаите на Народната банка се јавуваат за прв пат во 2018 година, додека пак Бермудите во 2016 и 2017 година пред себе имале знак минус кога станува збор за вкупни инвестиции во Македонија. Девствените Острови, кои минатите години исто така имале предзнак минус, сега имаат инвестиции од околу 8 милиони евра.

 

Земји обележани како офшор дестинации не се новост за Македонија. Во времето кога на чело на државата беше Никола Груевски вакви инвестиции доаѓаа од други даночни раеви – Св. Винцент и Гренадини, Кипар, Холандски Антили и неколку други земји.

 

Овие инвестиции, до чиј краен сопственик тешко се доаѓа се чини дека се медот за изборен процес кај сите премиери. Како екс премиерот Груевски, така и Зоран Заев не пропушта на митинзите и на средбите со граѓани да ја истакне бројката од 624 милиони евра инвестиции.

 

„Еве не 7-8 месеци се поминати од потпишување на договорот од Преспа, од поканата од НАТО и добивањето на проектираниот датум за почеток на преговорите со ЕУ. Ги гледате бројките кои се, нови рекорди во странските инвестиции, 624 милиони евра, дупло повеќе од најдобрата година на ВМРО-ДПМНЕ или од самостојноста до сега“, рече Заев на промотивната конвенција за претседателскиот кандидат Стево Пендаровски.

 

 

КАКО ВЛАДАТА ДОБИ НУЛА ОД ГЕРМАНСКИТЕ ИНВЕСТИТОРИ

 

 

Германските сопственици кои минатата година беа на второ место по инвестирање во Македонија ја оценија владата со нула. Нивната оцена доаѓа по ставот дека фокусирајќи се на надворешната политика, власта го изгубила фокусот во економијата.

 

Нулата со себе ги повлече и даночните реформи, недоволност на стручен кадар, немањето инвестиции во образование, честите промените на закони кои им создавале несигурност, но и борбата против корупцијата.

Патрик Мартенс

Вицепремиерот Кочо Анѓушев по оценувањето свика итен состанок со Патрик Мартенс, директор на здружението на германски стопанственици во Македонија, кој пак по средбата со Анѓушев ја ублажуваше оцената од нула.

 

„Фактот што некоја голема автомобилска компанија го земала предвид регионот за своите инвеститори е знак дека вие работите добро. Фактот што е избрана друга земја не значи дека вие треба да се обесхрабрувате, туку дека треба да работите подобро“, рече Мартенс по средбата со Анѓушев.

 

Анкетата на германската комора, која покажа дека лани економската состојба како добра ја оцениле само 5%, за 56% таа била лоша, а задоволителна за 39 отсто од инвеститорите.

 

Анѓушев овие бројки ги смета за генерално добри, но и како поттик за подобрување.

 

„Кога правите анкета со повеќе прашања и кога само едно е негативно, тогаш се смета дека одговорот е негативен, бидејќи кога некое претпријатие би требало да одговори дека 100 отсто е задоволно, тоа значи дека е задоволно од сите аспекти, но ако каже дека не е задоволно, тоа не значи дека од се е незадоволно“, рече вицепремиерот за економски прашања.