Денешна дата
16/07/2019

АГЕНЦИЈА ЗА РАЗУЗНАВАЊЕ СЕ РЕФОРМИРА ПО 24 ГОДИНИ: ЌЕ СЕ ОГРАНИЧАТ ЛИ НАДЛЕЖНОСТИТЕ НА ПРЕТСЕДАТЕЛОТ?

 

  • Министерството за правда не знае какви измени ќе внесе во законот за Агенцијата за разузнавање

 

  • Тимот за односи со јавност на министерката Дескоска не испрати одговори да бараме во МВР, иако овој предлог го објавило Министерство за правда

 

  • Законот веќе еднаш претрпел апсурдна промена

 

 

Пишува: Александар Тодески

 

 

Иако е формирана во 1995 година, четири години откако Македонија станала независна држава, Агенцијата за разузнавање била оставена настрана од сите реформски процеси во текот на изминатиот период. Овластена за собирање, анализа и обработка на разузнавачки информации коишто се значајни за безбедноста, одбраната, политичките, економските и други интереси, Агенцијата функционира врз основа на Закон донесен пред 24 години. Иако е еден од најважните органи во државата, ниту една власт низ годините не се сети да ја реформира.

Министерството за правда во февруари годинава најави дека ќе го менува законот за Агенцијата, со која раководи Претседателот на државата, а една од клучните измени ќе биде токму раководењето, но и надминување на лоцираните слабости. Дали се работи за реална потреба за реформа на Агенцијата, или пак владата преку овие измени ќе ги ускрати ингеренциите на идниот шеф на државата?

 

Инбокс7 испрати повеќе прашања до Министерството за правда, кое на Електронскиот национален регистар на прописи (ЕНЕР) го има пуштено известувањето за промена на овој закон, а првичните одговори кои ги добивме беа зачудувачки.

 

МИНИСТЕРСТВОТО ЗА ПРАВДА „НЕ ЗНАЕ“ ДЕКА ЌЕ ГО МЕНУВА ЗАКОНОТ

 

„Надлежна институција за Законот за Агенцијата за разузнавање е Министерството за внатрешни работи. Вашите прашања треба да ги доставите до нив“. Ова беше одговорот на тимот за односи со јавност на Министерството за правда на три прашања испратени од Инбокс7.

 

Но, известувањето на ЕНЕР како и информациите за контакт се од Министерството за правда, а не од Министерството за внатрешни работи (МВР). Затоа, испративме порака со прашањата до министерката Рената Дескоска, која кратко ни пиша дека одговор ќе добиеме од Владимир Делов, лице назначено за односи со јавноста.

 

Во својот писмен одговор испратен од Делов се вели: „Во моментот во Министерството за правда во фаза на формирање е на интерресорска Работна група за изготвување на Предлог – закон за Агенција за разузнавање, во чии рамки ќе биде уредена надлежноста, раководењето и внатрешната организација на Агенцијата за разузнавање. Процесот е се уште во почетна фаза а генералните насоки/ставови ќе се оформат по завршување на процесот на формирање на Работната група и нејзиното отпочнување со работа. Се надеваме дека во блиска иднина ќе имаме повеќе информации со кои би можеле да дадеме одговор на вашите прашања“.

 

Како клучни измени, на ЕНЕР се впишани надлежноста, раководењето и внатрешната организација на Агенцијата за разузнавање. Преку измената во Законот за Агенцијата за разузнавање, од министерството очекуваат дека ќе се надминат лоцираните слабости во постојните законски одредби во оваа област.

 

Со Агенцијата моментално раководи претседателот во заминување Ѓорге Иванов. Иако тој не го признава ново име на државата, на официјалната страна на Агенцијата за разузнавање сепак стои Северна Македонија.

 

САМО ПРВИОТ ДИРЕКТОР ИЗДРЖАЛ ЦЕЛ МАНДАТ

 

 

Законското решение со кое се уредува постоењето на Агенцијата за разузнавање датира од 1995 година. Иако оваа агенција е креирана со цел да биде под надлежност на претседателот на државата, преку актуелното законско решение Владата има можност да влијае врз Агенцијата, бидејќи може да бара одговорност од директорот, но и да влијае врз буџетот.

 

Единствени измени кои ги претрпел овој закон од 1995 година до денеска се укинувањата од страна на Уставниот суд на неколку членови од овој закон кои биле оценувани за неуставни, иако биле изгласани од пратениците, Уставниот суд ги укина членовите со кои на вработените им се забранува штрајк против одлуките на директорот, а на лице обвинето или осудено за кривични дела против уставниот поредок или безбедноста на Македонија му се забранува да работи во Агенцијата за разузнавање.

 

Од 2017 година на чело на Агенцијата за разузнавање е Зоран Иванов, кој на оваа функција доаѓа како началник во Сектор-Служба за воена безбедност и разузнавање. Во историјата од 24 години, оваа Агенција имала 10 директори, но само првиот, Владо Поповски издржал четири години.

 

По ова, се менуваат неколку имиња, меѓу кои Доста Димовска, Лазар Китановски, но и актуелниот заменик-министер за економија, Кире Наумов и државниот секретар во Министерството за надворешни работи, Виктор Димовски. Китановски и Димовски на функцијата биле по две години, а Димовска и Наумов директори на Агенцијата за разузнавање биле само по една година.