Денешна дата
16/07/2019

НА ПОЛА КАМПАЊА, ГЛАСАЧИТЕ ЗБУНЕТИ: ВЕТУВАЊА ЗА ПАРЛАМЕНТАРНИ ИЗБОРИ, НЕЗАВИСНИ КАНДИДАТИ ВО ПАРТИСКИ АГЕНДИ

• Силјановска води битка за Македонија, Пендаровски предводник на ЕУ и НАТО процесите, Река во обид да воспостави „република“. • Секој од кандидатите со ветувања и програми кои излегуваат од рамките на надлежностите на претседателот. • Експертите оценуваат дека во нивните говори пред граѓаните има и манипулирање на електоратот.

Пишува: Светлана Унковска

На половина од претседателската кампања граѓаните и немаат многу сознанија за кандидатите и нивната понуда. Целата кампања повеќе наликува на парламентарни и локални, а не на претседателски избори. Гордана Силјановска со „правото и правдината“ која ја бара за Македонија, повеќе игра на патриотска карта, занемарувајќи ја реалната политика. Често пати потенцира дека води битка за Македонија, но нејасно е со кого и за што.

Македонија е се што тие немаат а Македонија е се што ние имаме. Не е точно дека денеска не е модерно да се зборува за татковината. Велат сме ве носеле во 19 век во времето кога сите мислители повикувале или истакнувале дека секоја нација си има право на своја држава. Татковината е неразделна од нациите “, истакнува Силјановска обраќајќи се од бината.

Стево Пендаровски, најмногу внимание во своите обраќања посветува на нашето членство во ЕУ и НАТО и дава поддршка на владините политики.

За прв пат седиме на иста маса со клучните држави кои го обликуваат денешниот свет. Таков исчекор е незапаметен, сега треба да продолжиме напред, кон ЕУ да ги отвориме можностите и да ја обезбедиме иднината. Ќе бидам предводник на реформските процеси што ќе доведат до скоро членство на нашата држава во ЕУ“, говори Пендаровски пред електоратот.

Блерим Река уште на самиот старт на кампањата рече дека тој ќе се залага за воспоставување на „републиката“. Пред граѓаните вели дека е потребен државен систем добар за сите.

Јас велам република, а не друштво за сите. Сега Македонија не е држава за сите. Како претседател и како врховен командант ќе се залагам НАТО како гарант на Охридскиот договор. Никој не може да ги натера Албанците да гласаат против себе, против Албанец, преку програмата што ја претставувам ќе работам на тоа да има државен систем што е добар за сите, потенцира Река.

НАДПАРТИСКА КАНДИДАТИ СО ПАРТИСКИТЕ ЛИДЕРИ ДО СЕБЕ

Од досегашниот тек на кампањата експертската јавност оценува дека генерално се води коректна кампања, без меѓусебни дисквалификации. Но, според нив, кандидатите не покажале ништо ново. Можеби најмногу затоа што и овој пат заедно со нив рамо до рамо се и лидерите на партиите што стојат зад нив.


Тодор Пендаров

За некаква натпартиска припадност, а уште помалку натпартиска програма на двата кандидати Стево Пендаровски зад кој стои СДСМ и Гордана Силјановска Давкова со ВМРО-ДПМНЕ нема ниту сенка. Самите главни пораки со кои настапуваат Пендаровски со „Заедно напред“ и Силјановска со „Правда за сите“ во суштинска се партиски слогани“, вели новинарот и аналитичар Тодор Пендаров.

Марко Трошановски од Институтот за демократија истакнува дека е добро што многу брзо се надминаа првичните критики кон Силјановска.


Марко Трошановски

Мислам дека негативните политички пораки насочени кон дисквалификација на ривалот од друга страна се сведени на минимум, што е голем напредок во споредба со претходните избори каде што ad homine нападите првенствено беа присутни. Сметам дека и самите тимови на кампањите имаат сензибилитет за критиките на одредени медиуми каде што имаше некои ексцеси кои беа фокусирани врз шовинизам на родова основа кон Гордана Силјановска, но брзо се корегираа“, оценува Марко Трошановски од Институтот за демократија.

МАНИПУЛИРАЊЕ СО ГЛАСАЧИТЕ ИЛИ НЕМА ШТО ДА СЕ ПОНУДИ

Пендаров вели дека според него и Силјановска и Пендаровски  во своите говори знаат и да манипулираат и кампањата ја водат на актуелните партиски политики.

„Пендаровски ја користи евроатлантската интеграција на државата при што во прв ред е процесот за наше полноправно членство во НАТО. Притоа се манипулира, дека кога сите членки на НАТО ќе го ратификуваат протоколот за наше членство и кога ќе добиеме датум за преговори со ЕУ ќе сме добивале минимум 900 милиони евра годишно. Станува збор за најгруба манипулација бидејќи ние како држава и сега не успеваме да ги добиеме оние средства од ЕУ кои ни се одобрени односно да ги искористиме“.

„Силјановска од друга страна манипулира со националните чувства за тоа дека нема да го употреби терминот Република Северна Македонија, ама ете ќе потпишува документи на кои ќе пишува претседател на Република Северна Македонија. Исто така таа вешто манипулира со некои принципи од меѓународното право во смисла на иницирање постапка за враќање на старото уставно име“, оценува Пендаров.

Трошановски пак додава дека Река е најумерен во своите настапи.

„Она што би го забележал дека кандидатот Река може дополнително да мобилизира надетничка поддршка доколку избегне да се профилира како етнички кандидат“.

ПРЕТСЕДАТЕЛСКИ ИЛИ ПАРЛАМЕНТАРНИ ИЗБОРИ, КАКВА КАМПАЊА СЕ ВОДИ?

Но, дали затоа што претседателот има малку надлежности или ги понесува и самата кампања, кандидатите многу малку говорат за тоа што ќе направат доколку бидат избрани за шефови на државата, па нивните настапи се повеќе наликуваат како да се пред парламентарни или локални избори.

Она што е карактеристично е дека и оваа кампања кандидатите излегуваат надвор од своите компетенции во делот на екологија, економија и слично. Ингеренциите се многу тесни, дури може да се каже симболични. Единствено имаат во надворешната политика и во Армијата, но кому ќе му значи кој амбасадор ќе назначи или кои генерали ќе ја водат Армијата и оттука се прибегнува кон ветувања кои барем малку би поттикнале да гласаат за нив. Ова би можело да се каже и дека е еден вид манипулација со гласачите“, вели Трошановски.

Дополнително на самиот впечаток на кампањата дава и присуството на лидерите на политичките партии, кои не пропуштаат да држат говори со нив заедно.

Присуството на лидерите на партиите на предизборните митинзи, држење до партиските програми, сето ова, претседателските избори ги прави да наликуваат на парламентарни, а со тоа и поделеноста во општеството само се зголемува а тоа мислам дека ќе води и кон ниска излезност, посебно во вториот круг. Од она што досега го видовме изборите остануваат на ниво на нашата фолклорна политичка култура со многу ветувања кои на моменти ги надминуваат и уставните надлежности на претседателот“, оценува Пендаров.

И Трошановски и Пендаров не очекуваат дека нешто ќе се смени, барем во втората половина од претседателската кампањата.

Пендаров вели дека и натаму, кандидатите ќе се држат до партиските програми зад кои застанале а учеството на партиските лидери на митинзите ќе се интензивира.

Со слична оценка е и Трошановски бидејќи, како што истакнува, се работи за кандидати со висок академски интегритет, но, сепак од аспект на, како што вели, нивните протежеа кои стојат зад нив може да се очекува искри и негативна реторика. Додава дека кампањата воглавно ќе се сведе во борба меѓу клучните прашања – кој е одговорен за промена на името и дали тоа ќе и помогне на земјава да се интегрира и формално и суштински во ЕУ и НАТО.



УСТАВНИ НАДЛЕЖНОСТИ НА ПРЕТСЕДАТЕЛОТ


Претседателот на Републиката е врховен командант на оруженните сили на Македонија. Претседателот на Републиката своите права и должности ги врши врз основа и во рамките на Уставот и законите.


Претседателот на Републиката е претседател на Советот за безбедност


Советот ги разгледува прашањата поврзани со безбедноста и одбраната на Републиката и дава предлози на Собранието и Владата.


Претседателот на Републиката


Го определува мандатот за состав на Владата
Ги поставува и ги отповикува со указ амбасадорите и пратениците во странство
Ги прима акредитивните и отповиковните писма на странските дипломатски претставници
Предлага двајца судии на Уставниот суд
Предлага двајца членови на Судскиот совет
Именува тројца членовите на Советот за безбедност
Ги предлага членовите на Советот за меѓунационални односи
Именува и разрешува и други носители на државни и јавни функции утврдени со уставот и со закон
Доделува одликувања и признанија во согласност со закон
Дава помилување во согласност со закон и
Врши други функции утврдени со Уставот.