Денешна дата
18/11/2019

ЃИЛАС: НЕМА „МАКЕДОНСКО СЦЕНАРИО“ ВО СРБИЈА, ИМА ЉУБОМОРА ЗОШТО ЗАЕВ ГО РЕШИ СПОРОТ СО ГРЦИЈА

Драган Ѓилас е еден од основачите на „Сојузот за Србија“, коалиција на опозициски партии која се приклучи на протестите „Еден од пет милиони“ кои неколку месеци се случуваат во повеќе градови низ Србија. Изјавите на претседателот Александар Вучиќ, но и на неколку министри од српската влада, откако Ѓилас се сретна со премиерот Зоран Заев дека Скопје е центар за разузнавачки дејности против Србија, но и дека се подготвува „македонско сценарио“ за рушење на власта не однесе во Белград. За овие квалификации, но и други теми, разговаравме со Драган Ѓилас.

Интервјуираше: Александар Тодески

Инбокс7: Господине Ѓилас, во Србија се протестира повеќе од 4 месеци. Кои се барањата на „Еден од пет милиони“ и дали Владата има исполнето некои од барањата?

Ѓилас: Нема никакви одговори, нема дијалог, нема комуникација, нема ништо. Се завршува со речениците на претседателот дека нема да разговара со никој од опозицијата, едноставно дека нема за што да се зборува. Нашите барања се борба за нешто што е навистина неверојатно, дека после 20 години од промените во Србија, 30 години од првите протести против Милошевиќ не бараме ништо различно. Бараме на државната телевизија да се слушне второ мислење, можност приватните телевизии да не прават линч врз сите нас како што направија врз Оливер Ивановиќ пред една и пол година, бараме увид врз избирачките списоци, како и фер избори. Тоа е нешто што би било нормално денес да го има секоја земја во Европа, но за жал Србија тоа го нема.

Инбокс7: Кога сме кај изборите, рековте дека во моментов избори не се добра идеја. Што предлагате за да се промени власта?

Ѓилас: Ние на избори нема да учествуваме затоа што тие се бесмислени, имаме и искуство во Македонија, како бојкот на изборите. Да отидеме на избори со тоа да имате 5 телевизии со национална фреквенција кои за вас објавуваат најстрашни работи за вас без да имате можност да одговорите, со таблоиди, со притисок на луѓето во Србија дека ќе ги отпуштат оние кои нема да гласаат и нема да го сликаат избирачкото ливче, едноставно нема смисла. Ние ќе продолжиме на овој начин, како што гледате и денеска ќе има голем протест, на 13 април најверојатно ќе биде најголемиот протест до сега, едноставно тоа е борба на демократски начин. Во секој случај, нема да има насилство, она што власта нас ни го прави.

Инбокс7: Претседателот Вучиќ повеќе пати рече дека некои земји ги финансираат протестите. Се споменуваше и Сорос. Кој ги финансира протестите?

Ѓилас: Сорос е овде секој месец. Неговиот син секој месец има состаноци со Александар Вучиќ. Ние тие контакти ги немаме ниту пак очекуваме да добиеме помош од било кој од надвор. Ова е внатрешна работа на Србија, ние се бориме за промена во оваа земја, разбираме дека Србија не е остров, туку дел од овој регион, дека треба да имаме добри односи со соседите, за жал денеска имаме катастрофални односи со сите поранешни југословенски земји и само благодарејќи на мудрата политика на македонското раководство кое не одговара на овие бесмислени приказни за македонско сценарио, дека јас со премиерот Заев сум договарал промена на власт во Србија и така натаму, се уште имаме релативно коректни односи помеѓу Македонија и Србија. Ако со некој имаме добри односи ние Србите, тоа се Македонците, мислам дека е и обратно и тоа треба утре да биде осовина на стабилноста на целиот Балкан и очекувам дека ќе дојде време кога ќе можеме на тој начин да комуницираме за доброто на двата народа.

Инбокс7: Неколку пати беше споменато македонско сценарио особено после Вашата средба со премиерот Зоран Заев. Како гледате вие на тоа „македонско сценарио“?

Ѓилас: Зоран Заев е еден храбар човек кој со својот колега Ципрас успеа да најде решение за прашањето кое со години ги отпретува односите во регионот, но го спречуваше и вистинскиот развој на Македонија и мислам дека тие ја заслужуваат секоја награда за тоа. Мислам дека постои љубомора од Србија што некој успеал да реши некаков спор, а како што знаете, нашиот претседател го поддржуваше Никола Груевски кога беше власт и не ги прими најдобро информациите дека во Македонија се променила власта. Јас со вашиот премиер имав официјален состанок во владата и тоа јавно го објавивме. Мислам дека е должност на власта и на опозицијата да работат на подобри односи на народите и не гледам што е тука проблем. Кога се вратив, добивме изјава од министерот за одбрана Вулин, министерот за полиција и разни други луѓе од Српската напредна странка како тоа е страшно наместо да ја пофалат таа работа, но добро е што од другата страна нема одговор зошто лесно се расипуваат односите а тешко се прават.

Инбокс7: На еден од протестите заедно со граѓаните влеговте во зградата на РТС. Тоа беше наречено упад во телевизијата, но претседателот Вучиќ потоа рече дека ќе ги помилува осомничените, па судот донесе одлука да нема притвор за нив. Сметате ли дека тоа е одлука на судот откако Вучиќ спомена помилување?

Ѓилас: Па како што ги уапсија на 30 дена така и ги пуштија. Не постоеше никаква причина младите луѓе да поминат ниту 1 час во притвор или затвор зошто немаше никакво насилство и тоа го потврдија и новинарите и останатите вработени во РТС. Значи кога по три и нешто месеци нема одговор на барањето некој од нас да отиде и тоа не некој од лидерите на опозицијата, туку од луѓето и да каже зошто протестираме, зошто се буниме, зошто многу градови во Србија секој викенд се на улица. Народот спонатно влезе, а јас сум среќен зошто немаше насилство зошто нашата идеа не е насилство. Овде се работи за инверзија на реалноста, се тоа што нас власта ни прави. Тоа да се пали куќа на новинари, тоа е обид за убиство, да се напаѓаат жени на работа, да се претепуваат луѓе кои потпишувале некаква петиција, се што нас ни се прави ни се препишува дека ние го правиме, но на крај времето се покажува. Ќе се покаже и тука на крајот кој е за мир и дијалог а кој е против тоа.

Инбокс7: Го споменавте пријателството на Вучиќ и Груевски. Некои луѓе сметаат дека тие се слични, можете ли да направите паралела помеѓу нив?

Ѓилас: Не знам доволно за господинот Груевски, но знам дека Македонија во тие години одеше во погрешна насока. Знам дека имаше огромни тензии, знам дека новинарите работеа во тешки услови, дека се затвораа телевизии, дека некои луѓе погинале, дека имаше многу афери, дека имаше лоши односи во Македонија помеѓу македонската и албанската заедница и мислам дека се тоа се донесе до ниво да сите граѓани кои живеат во Македонија, или Северна Македонија како што е официјалниот назив, денес можат да размислуваат за подобра иднина. Тоа е нешто што ние го сакаме за Србија. Сакаме едноставно да не живееме веќе во минатото. Кога живеете лошо во сегашноста, вие не мислите за иднината, се враќате во минатото и ги барате грешките кои сте ги правеле. Сметам дека иднината на овој регион е во тоа да сите дојдат до тоа да имаме просечна плата од 1000 евра, а не неколку стотици евра, луѓето слободно да патуваат, младите да градат нови односи, едноставно утре сите да бидеме дел од Европа, веќе сме дел од Европа, иако некои не би сакале, сепак сме, да бидеме дел од ЕУ и конечно луѓето да видат светло на крајот од тунелот и да видат подобар живот.

Инбокс7: Стои проблемот на Србија и Косово. Дали владата моментално нуди некакво решение за овој проблем?

Ѓилас: Ние за жал не знаеме ниту што е со преговорите, што е на маса, а што не е. Јас можам да го кажам мојот личен став и ставот на луѓето кои утре ќе бидат дел од мојата партија, а тоа е дека не е решението во поделби и цртање граници, туку во помирувањето на два народи. Имаме 100 години лоши односи на српскиот и албанскиот народ. Милам дека никогаш никој не се обидел искрено да работи на помирување, луѓето да можат да патуваат слободно со своите документи, економијата да функционира, да имаме нормални односи во спортот, младите да спортуваат, да имаме соработка во културата, двете полиции да соработуваат со цел криминалците да одат во затвор, обвинителствата, тоа се работи кои можат да донесат до тоа едноставно прашањето за статусот да не биде најважно, туку животот и животниот стандард на луѓето да биде најважен. Ако дојде до тоа, платата во централна Србија и на Косово и Метохија да биде дупло поголема отколку што е денеска, полесно ќе дојдеме до решение, тоа е сигурно.

Инбокс7: Како вие планирате да го решите овој проблем?

Ѓилас: На начинот на кој што ви реков, преку помирување на двата народа, соработка, нормална комуникација. Во Приштина и Белград денеска се запишале на факултет кои не биле ниту родени кога беше бомбардирањето. Луѓето во цела Европа војувале многу пати. Секако дека ќе ги паметиме жртвите, треба да помогнеме на семејствата, да се соочиме со злосторниците кои направиле нешто во име на српскиот или албанскиот народ и едноставно да гледаме во иднината, да градиме односи, да живееме нормално. Какви беа војните на територија на Европа и Прва и Втора светска војна, па 10 години подоцна почна приказната за Европската Унија. Мислам дека е време да почнеме да размислуваме на тој начин сите кои живееме во овие краеви.

Инбокс7: Кои се идните планови на Сојузот за Србија?

Ѓилас: Да продолжиме со протести, да го организираме протестот на 13 април, очекуваме огромен број луѓе во Белград, повторно да биде мирно се разбира, без насилство, да покажеме колку не има и едноставно да ја примораме власта да почне да разговара. Без разговор нема напредок, кога нема разговор се зголемува тензијата и агресијата кои се огромни во последните 5-6 години, а кои потекнуваат пред се од начинот на кој претседателот на државата зборува. Ако им зборувате на луѓето кои размислуваат различно дека се олоши, дека се предавници, ако зборувате за мене дека сум украл 500 милиони евра, тогаш правите омраза помеѓу луѓето која не води никаде и не е добра. Мора да се смалат тензиите, мора да се почнат разговори, да се дојде до решенија кои ќе бидат прифатливи за сите и мора да се дојде до слободни и фер избори.

Инбокс7: Како ќе му одговорите на претседателот Вучиќ за тоа што ве нарекува тајкуни, фашисти и слично?

Ѓилас: Јас не ги користам тие изрази, сметам дека е непримерно да се користат. Вчера добив пресуда против Српската напредна странка поради тие навреди кои ги говореа против мене. Не е голема сума, 1000 евра, ќе бидат уплатени за хуманитарни цели, но ќе пројде се тоа. И оние наслови на таблоидите, секој ден имаме војна, омраза, многу луѓе во Србија за жал веруваат на тие зборови, се црта мета на сите нас, но за жал, тоа е животот денеска во Србија и мора да се избориме за утре нашите деца да можат да живеат нормално и тоа дали некој гласа за Вучиќ или за Сојузот, не е нешто за кое што ќе се мразиме и ќе бидеме непријатели. Само политички неистомисленици.

Инбокс7: Во Република Северна Македонија има претседателски избори. Кого го гледате како иден претседател?

Ѓилас: Верувам дека кандидатот кој го предлага актуелната власт ќе победи на тие избори затоа што тоа е логично. Мислам дека треба луѓето да имаат малку трпение, не може вие после толку години да промените се за една година, но мислам дека се гледаат некакви поместувања и очекувам дека Европа ќе помогне на Северна Македонија и очекувам дека таа политика која е отелотворена во Зоран Заев е политика која ќе биде прифатена од поголемиот број на жителите во Македонија, па со тоа и таков кандидат да биде избран за претседател на Северна Македонија.