Денешна дата
26/04/2019

ОПШТЕСТВОТО ЗА СИТЕ СЕ ТРКАЛА КОН ДРЖАВА ЗА СИТЕ

За новиот европски терен на Северна Македонија ѝ треба уште по некоја уставна глазура. Уште по некоја храбра дефиниција без национални комплекси

Пишува: Зоран Иванов

За да нема дополнителни малтретирања и до недоглед одолговлекувања на реформските задачи зададени од Унијата, нека заврши успешно и оваа претседателска тирада и нека се извлечат поуките. Ако овие избори не успеат, што се уште не е баш неизвесно, епилогот ќе води кон предвремени парламентарни и повторени претседателски или кон промена на уставот во делот за избор на претседател на државата. Тезата пак што ја форсираат одредени уставобранители дека со изборот на претседател од страна на пратениците во партијата на власт ќе се концентрирала преголема извршна моќ, е неодржлива од причина што парламентарниот избор на претседател ќе мора да се случи преку легитимен меѓупартиски компромис што не можат да го обезбедат разните предизборни непринципиелни и од политикански мотиви изнудени коалиции.

Договор при изборот зашто и досега сите наши претседатели биле или партиски изданки или партиски презависни од своите политички промотори. Додатно, договорниот шеф на државата ќе ја минимизира етничката мајоризација која во нашиве околности, со сегашниот непосреден изборен модел, е неизбежна уште за недогледно време. Згора, тоа конечно широко ќе ја отвори засега само декларативната институционална можност претседател на модерна Македонија да биде и припадник на некоја од помалубројните етнички заедници. Да биде тоа консензуална и во најшироката јавност доминантна личност со препознатлив дигнитет и со нужна еквидистанца од сите политички партии и од нивните дневни политики. Во меѓународните и во потребните домашни посреднички меѓупартиски околности пак, да биде авторитетен и функционален репрезент на државата.

Ова што сега се случува во претседателското предизборие практично е само уште едно партиско одмерување на силите. СДСМ да добие претседател и да избегне вонредни парламентарни избори. ВМРО-ДПМНЕ во првиот круг да освои поголем број гласови од СДСМ и да испровоцира вонредни парламентарни. Алијансата и Беса изборно да го дотолчат ДУИ и да ѝ ја преземат нејзината дводецениска доминација кај албанскиот електорат. На овие избори тоа се мотивите на партиите па оттаму, од нивните штабови се и темите и дефинициите на пораките што извираат од оваа кампања.

И додека дневната аналитика се забавува главно со арсеналот маргинални теми од дневната кампањска реторика, еве нешто од длабочината на кандидатските изборни платформи.

Таа, на СДСМ, упатува на градење општество еднакво за сите. Заедница на еднакви можности и индивидуални вредности. Втората, на ВМРО-ДПМНЕ, продолжува упорно да гази врз доминацијата на етничкото мнозинство. Третата, на Алијансата и на Беса, е најинвентивна. Иницира нова потреба од уште по некоја системска новина. За наши околности нуди прилично реален модел кој треба да оневозможи етничка изборна надмоќ како што е сега случајот со постојниот моделот според кој може да се дојде до престижната државна функција. Тоа недвојбено подразбира уставни измени во насока изборот на претседателот па и на други високи државни функции да не зависи од мнозинската етничката гласачка волја.

Имено, во оваа кампања додека очекувано Стево Пендаровски е континуитет на интеграциите на СДСМ и се му е подредено на интензивирање на тие процеси, кај Гордана Силјановска, исто како и кај нејзината партија промотор ВМРО-ДПМНЕ, почнува мекото спуштање во реалноста и прифаќање на Преспанскиот и на Северна, а најпровокативни политички тези промовира Блерим Река, кандидатот на Алијансата и на Беса. Нему системот му нуди само теориска можност, но практично не му дава никаква институционална шанса да стане претседател на државата.

Од тие причини, следејќи ги и политиките на своите етнички партиски поддржувачи, тој заговара дополнителна формула која, кај и да е, неминовно ќе треба да се вбризга во македонскиот политички систем. Како што се надзира, сржта на нејзината содржина е елиминирање на етничката мајоризација евидентна во сегашниот модел за избор на претседател. Неговата изборна порака упатува на напуштање на тезата на власта за „општество за сите“ и нејзино трансформирање во „држава за сите“.

Во сѐ уште етнички оптовареното општество, повремените изборни демократски  сигнали дека се можни изборни гласови независно од етничката припадност на кандидатите и на избирачите, уште се далеку од доволни етничките да бидат потиснати од граѓанските изборни релации. Од тие причини не се за игнорирање барањата „општеството за сите“ да се институционализира во „држава за сите“. Тоа подразбира во македонскиот политички систем да се вградат уште еден, два дополнителни механизми кои ќе елиминираат било каква форма на етничка надмоќ во било кои изборни или неизборни околности.

Затоа е вредна за елаборација тезата на претседателскиот кандидат Блерим Река. Особено поради фактичка етничка слика на избирачкиот терен. Според неа, тој или било кој друг припадник на немнозинска, во нашиот случај на немакедонската етничка заедница, е без никакви изгледи да стане шеф на државата. Поради таа објективност, уставната можност за учество на претседателски избори со модел како сегашниот, е беспредметна за кандидати од малцинските етничка групи. За нив изборите се само прилика нивните партии да пласираат по некоја политичка порака како што е оваа на Река за „држава за сите“ или пак само за меѓупартиски пазарења со гласовите на граѓаните.

Актуелната изборна кампања наметна нова тема за политичката прагма. Накусо, на македонскиот политички систем за брзо време ќе му биде потребно нова доза системска инфузија. Инсталирање на уште по некој етнички елемент во правниот поредок кој, заедно со веќе етаблираниот бадинтеров принцип, на некој начин и сега е уставна категорија.

По Преспанскиот, на нашиот државен поредок му треба уште по некоја граѓанска тула. Уште по некое развојно гледиште втемелено во нејзиното државното уредување. Нови изборни решенија, па и нови државни симболи кои ќе елиминираат било какви појави на мајоризации и етнички доминации. За новиот европски терен на Република Северна Македонија ѝ треба уште по некоја уставна глазура. Уште по некоја храбра дефиниција без национални комплекси.

Институционално решение кое ќе гарантира еднакво, етнички неконфликтно и стабилно македонско општество.

 

Текстот е напишан исклучиво за Инбокс7. За секое реобјавување треба да се добие согласност од страна на редакцијата. Инбокс7 не секогаш се согласува со ставовите и видувањата на авторите во рубриката за дебата.