Денешна дата
26/04/2019

ЕК: ПОДГОТВИТЕЛНИОТ ПЕРИОД Е ЗАДОЛЖИТЕЛЕН ЗА СЕКОЈА ЗЕМЈА КАНДИДАТ

Која е вистината за пристапниот период за која говореше Хан, дали е тоа нормална фаза во преговорите или пак како што вели опозицијата само начин да се заобиколи земјава за да не се започнат преговорите за членството во Европската унија. Се обративме до Европската комисија со прашањата за овие дилеми, дали е тоа вообичаен процес и дали го поминале и другите земји пред нивното зачленување. Од ЕК ни одговорија дека покрај Северна Македонија и Албанија има подготвителен период и него поминале и други земји членки. И експертите се децидни, тоа е официјална процедура од Европската комисија.

пишува: Светлана Унковска

 

Подготвителниот период за кој говореше еврокомесарот Јоханес Хан е фаза која секоја земја кандидат мора да го помине пред да ги отворат поглавјата и не е никаков обид за заобиколување на процесот на пристапните преговори.

Ова за Инбокс 7 го изјавија од Европската комисија. Во одговорот на прашањата што ги упативме уште се наведува и дека покрај Македонија во подготвителен период влегува и Албанија со која заедно чекориме на патот на процесите за членство во Европската унија. Инаку, пристапниот процес беше расцепкан уште од почнувањето на преговорите за членството на Хрватска во Унијата.

Комесарот Јоханес Хан во својата изјава на Комитетот за надворешни работи на Европскиот парламент истакна дека е уверен дека земјите-членки ќе и дадат зелено светло на Северна Македонија и на Албанија за отворање пристапни преговори под услов двете земји да продолжат да ги спроведуваат реформите“, велат од Европската комисија. Оттаму уште додаваат и дека Хан во својата изјава исто така се осврнал и на следните чекори надевајќи се дека откако земјите ќе добијат зелено светло во Советот за општи работи во јуни, односно подготвителната работа за преговорите, за рамката за преговорите и одржувањето на првата Меѓувладина конференција. 

„Ова е процедура која сите земји кандидати мораат да ги преземат пред да го отворат првите поглавја. И овие подготовки се причината зошто во сите претходни процеси на пристапување, имаше празнина од неколку месеци помеѓу политичката одлука на Советот на Европа за отворање пристапни преговори и одржувањето на првата Меѓувладина конференција. Во случајот на Србија, на пример, одлуката на Советот на Европа од јуни 2013 за отворање пристапни преговори беше проследена со усвојување на преговарачка рамка во декември истата година и првата Меѓувладина конференција беше одржана во јануари 2014“, објаснуваат од Европската комисија за Инбокс 7.

 

По изјавата на Хан лавина реакции од опозицијата

Сомнежот беше посеан по изјавата на Хан пред околу десетина дена, дека земјава треба да го започне тој подготвителен период, што беше доволно за опозициската ВМРО-ДПМНЕ  да обвини дека власта манипулира и дека е многу веројатно во јуни воопшто да не започнеме преговори.

“Морам да констатирам дека изјавата на Хан е најдобар дипломатски и политички демант на изјавата дадена од премиерот Заев во јуни 2018 година кога се сликаше во авион со колегите на Мухамед, Бујар Османи, Никола Димитров и Кочо Анѓушев изјавувајќи дека штотуку ја добивме радосната вест – Македонија може да прославува, добивме историска одлука, безусловен датум за преговори во јуни 2019 година. Очигледно е дека датумот го нема и тоа потврдува дека или премиерот Заев лажел дека сме добиле датум за преговори а тоа не се случило или Хан лаже дека не добиваме датум, но некаде е сокриен и се очекува“, истакна пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Антонио Милошоски веднаш по изјавата на Хан.

Хан од Вашингтон: Западен Балкан е геополитички интерес за ЕУ

Сепак, еврокомесарот Хан деновиве од Соединетите Американски Држави истакна дека Вашингтон и Брисел веруваат дека сите земји од Западен Балкан треба да се приклучат кон Европската унија.

Ние, од двете страни на Атлантикот имаме заедничка цел, а тоа е да го стабилизираме тој регион и да ги воведеме сите шест земји од Западен Балкан во Унијата под дефинирани услови. Ова е во наш геополитички интерес и ова е прашање на кредибилитетот на ЕУ. Мораме да бидеме многу цврсти, но и искрени и да ги признаеме заслугите кога тоа треба да го направиме. Ја губиме предноста ако не ги исполниме обврските“, порача Хан за време на состанокот на Атлантскиот совет во Вашингтон.

Иво Вајгл

Но, словенечкиот европратеник во заминување и известувач за Македонија во Европскиот парламент Иво Вајгл околу изјавата на Хан за подготвителниот период вели дека тоа тактизирање со фази е реална последица на европската стварност.

„Мора да се наоѓаат меки решенија, затоа велам дека треба да се исполни ветувањето и да се отворат преговорите, но темпото може да биде такво да се интерпретира како некаква почетна фаза, тоа прашање на прилагодување на реалноста. Немам сомнеж дека Европската Комисија уште е на позиција дека треба да се почнат преговорите во јуни, во моите разговори со функционерите во ЕК не се споменувале никакви подготвителни фази, тоа е во воздухот, подобро е да попуштиш некому, подобро е да попуштиш пред да каже “не“ за проширувањето, отколку да направиш некаков чекор напред и ако не изгледа неоптимален“, истакнува Вајгл.

Јовановски: Процесот може да биде успорен поради изборите во ЕП и изборот на нов комесар

Александар Јовановски од Центарот за европско образование вели дека изјавата на Хан за подготвителен период е нормална и официјална процедура од Европската комисија за сите земји кои се во процес на преговори.

Александар Јовановски

Тој период се дава за подготовка на двете страна, значи и на Република Северна Македонија и на Европската унија. Тогаш ЕУ со политичка одлука ја повикува Европската комисија да подготви преговарачка рамка, а потоа ги утврдува сите официјални состаноци со првата Меѓувладина конференција и со тоа да се дадат преговарачките поглавја. Таков е случајот и со Србија и Црна Гора кои знаеме дека прво се даваат поглавјата 23 тоа е правосудсто и темелни права и 24 тоа е правда, слобода и безбедност. Тоа се првите поглавја што ќе треба и ние да ги отвориме“, вели Јовановски.

Го запрашавме дали постои некаква можност сепак да изостане стартот на преговорите, Јовановски вели дека и сите наши сили се впрегнати за да не дојде до тоа. Истовремено додава и дека единствено нешто што може да го забави процесот е новите избори за Европскиот парламент и именувањето на нов комесар за добрососедство и проширување.

Како што гледаме, мислам дека цела надворешна политика е ставена во контекст на оние земји кои се најскептични околу проширувањето на Европската унија. Бевме деновиве и во Германија каде во Бундестагот треба да биде одобрен почетокот на преговорите. Истовремено, тоа зависи и од исходот на изборите во Европскиот парламент и тоа може да го оддолжи зеленото светло за старт на преговорите. Но се покажало дека Унијата е креативна и ќе најде начини да го даде зеленото светло и потоа да се потврди со новата Комисија која ќе биде избрана во ноември оваа година. Значи најрано би можеле да очекуваме, и тоа доколку работите се одвиваат по нормален терк првата Меѓувладината конференција да се одржи во декември годинава и со тоа и официјално да започнат преговорите. Ни политички ни технички нема да се случи до декември, бидејќи со новиот Европски парламент се чека и нов комесар за добрососедска политика и проширување“, истакнува Јовановски.

Инаку, Извештајот на Европската комисија за земјава треба да биде објавен на 29 мај, а земјите членки би требало да го стават проширувањето на агендата кон средината на јуни на Советот за општи работи.