Денешна дата
20/11/2019

РЕЈТИНЗИ, АПСЕЊЕ И ЗАПАЛЕНАТА ЦРКВА

Пишува: Александар Кржаловски

Кампањата за претседателските избори влезе во својата завршна недела, а вчера се објавија и последните рејтинзи на кандидатите. Се одржаа и централните митинзи на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ во Скопје, но посетеноста и на двата како да не ги исполни очекувањата, па се повеќе се поставува прашањето за постигнување на цензусот од 40% во вториот круг. Тоа значи и дека водечките партии тешко успеваат да мобилизираат поддршка надвор од партиските кругови (членството и симпатизерите), а се разбива полека и „митот“ за натпартизмот на кандидати1те. И конечно, дека кампањата се чини, не е толку интересна за граѓаните.
А други впечатливи работи како да имаше на претек минатава недела. Во Белград се одржа Меѓународната недела на граѓанското општество – најголемиот глобален настан во оваа сфера. Таму, меѓу другото, се констатира дека граѓанските организации тешко успеваат да допрат до граѓаните со своите пораки, односно да ги надминат врежаните стереотипите за овој сектор (манипулатори, пералници на пари, „соросоиди“). Се чини и јас не успеав во тоа со минатата колумна („Граѓанско општество“), со оглед на коментарите кои без исклучок се вклопуваат во тие исти стереотипи, вклучително и тој за „испраните мозоци“.
Во Белград се случи и најголемиот протест од серијата „1 од 5 милиони“. Добро, не знам дали беше најголем, но така беше најавен. Бидејќи бев присутен, можам да потврдам дека имаше многу луѓе на протестот пред Собранието на Србија, секако многу повеќе од проценката на властите дека таму биле само 7,500 присутни, но секако и многу помалку од очекувањата на организаторите и опозицијата. Многу далеку и под 100 илјади, а камоли пак 1 или 5 милиони. Веројатно на митинзите и на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ имаше повеќе граѓани отколку на протестот во Белград. Тешко така до „македонското сценарио“ (иако и кај нас така некако почна)!

Сепак два други настани во светот беа повпечатливи – апсењето на Џулијан Асанж и пожарот во катедралата Нотр Дам во Париз. Се уште под импресии од ноќешното уништување на Богородичната црква во центарот на Франција (и буквално, нултата точка од која се мерат сите растојанија во таа земја е пред вратата на оваа монументално здание), ќе почнам од таа сторија.
Не е познато (се уште) како настанал пожарот, но засега се отфрла варијантата дека се работи за терористички чин, а се укажува на можен пропуст во реставраторските работи кои подолго време биле во тек. Доброто во целата несреќа е што немаше човечки жртви (се јавува само за еден потешко повреден пожарникар). За дискусија ќе е наредните денови (и во истрагата) зошто не се применија порадикални мерки за гаснење на пожарот (авиони или хеликоптери со вода) и се остави огнот да го сруши кровот и централната кула, а веројатно и се што беше вредно внатре, а остана само структурата (надворешната ѕидана конструкција).
Но, тоа се основните и главно технички информации за настанот, а впечатокот од известувањата на медиумите од самото место е масовен шок на Французите (па и сите други), неверување дека вакво нешто можеше да се случи, силни емоции, тага и плач. Разбирливо, кога се знае колкаво значение има црквата во колективната меморија на Франција, како место на многу од бурните настани низ нејзината историја. Започната во 1,163 година (во 2013 беше славен нејзиниот 850 роденден, иако се смета за комплетирана дури во 1345 година), таа е место на кое Наполеон е (само)прогласен за император, каде се погребани неколку француски претседатели, каде што се прославило ослободувањето од фашизмот во 1944 година.
Често во новинските артикли за пожарот, се наведува дека Нотр дам (или во превод – Нашата дама) е симбол на Париз и Франција. И денес тоа се доживува главно во позитивна конотација (и заради погоре наведените примери), а и јас така ја доживеав кога ја посетив туристички пред многу години. Но, ќе цитирам еден колега од Бугарија, кој потсетува дека низ историјата, луѓето различно доживувале што всушност таа симболизира. Па така, француските протестанти (хугенотите) во 1,584 година уништуваат голем дел од оригиналните статуи (сметајќи ги за „идолопоклонство“). Потоа, во времето на француската револуција 1870 година, едвај е спасена од целосно уништување, бидејќи револуционерите ја сметале за симбол на монархијата. Притоа, на 28 статуи им се „отсечени“ главите зошто потсетувале на француските цареви (главите се најдени при ископувања во околината дури во 1977 година). Дури и статуата на Богородица (по која го носи и црковното име) тогаш е заменета (во духот на револуцијата) со Божицата на слободата. Запуштена потоа, дури по светскиот успех на романот на Виктор Иго за нејзиниот ѕвонар Квазимодо, во 1844 започнала масовна реставрација, по која за околу 20 години го добила денешниот лик. Сето ова, вели колегата, зборува и за една темна страна на француската верска (а и друга) (не)толеранција.
Сепак, во денешно време, како што наведов, симболиката е главно позитивна, а веројатно и нема Французи кои не ја посетиле, или ги врзуваат и посилни емотивни моменти (не само крштевки и венчавки) и тоа беше видливо во реакциите на граѓаните кои немоќни сведочеа за вчерашната трагедија. Претседателот Макрон обраќајќи се до целата француска нација изјави дека „со ова изгоре дел од сите нас“. И ова е сосема разбирливо чувство – кога ќе се загуби дел од личниот или националниот идентитет!

Вообичаено, на настани надвор од Македонија се осврнувам заради влечење некои паралели со случувањата кај нас или поуки од понапредните од нас земји. Во овој случај, се потсетувам на пожарите во манастирите Трескавец кај Прилеп и Св. Јован Бигорски, во Реканскиот крај, под Галичник. Но се сеќавам и на сцената ден по експлозијата која го сруши Лешочкиот манастир, или палењето на џамијата во Прилеп, двете во конфликтот од 2001 година. Не е случајна ни реченицата со идентитетот погоре, но не би коментирал сега за тоа.
Би се навратил кратко и на друг значаен настан неделава – апсењето на основачот на Викиликс, Џулијан Асанж во Лондон, откако Еквадорската амбасада по 7 години престој таму, му го укина азилот. Освен фактот што ниеден светски медиум, освен Руската телевизија (Русија денес), не го забележа апсењето, односно изнесувањето на Асанж од амбасадата, се отвори (по мој впечаток – релативно скромна) расправа дали тој ќе биде екстрадиран (испорачан) на САД, под обвинение за „објавување нелегално прибавени електронски комуникации“? Ви звучи познато?. Се работи за е-маил комуникациите на американските амбасади ширум светот, како и посебен дел со такви комуникации во Пентагон (американската воена команда). И додека е јасно дека е тоа казниво дело (како и кај нас), тоа е исто така нешто што секој (истражувачки) новинар и медиум го прави секојдневно во светот и е прашање на баланс – дали и кога може/смее такво нешто да се објави. И тоа е отворена дебата – дали се работи за информации од јавен интерес, кој го проценува тоа, дали се открива криминално делување или коруптивно однесување, итн. Додека низ цел свет се слават како херои на слободата на медиумите и информирањето, на одбраната на јавниот интерес и разоткривањето на криминалите и корупцијата на властите, тројцата најзначајни ликови на оваа борба во последнава декада неа или се уште се во затвор, егзил или под азил: Џулијан Асанж – азил во Еквадорска амбасада, сега во Британски затвор); Едвард Сноуден – езгил во Русија; и Бредли Менинг (сега Челси, откако го промени полот додека ја отслужуваше затворската казна) – беше неколку години во затвор токму за Пентагон фајловите што ги достави до Викиликс, а го/ја помилува претседателот Обама неколку дена пред да замине од функцијата). Дилемата останува – херои или криминалци?

На крај, збор два и за она од почетокот – рејтинзите. Согласно со Изборниот законик (и неговата чудна одредба за забрана на објавување анкети на помалку од 5 дена до денот на изборите), вчера се објавија и последните анкети за претстојните избори, од агенцијата Рејтинг, а и ние во МЦМС објавивме втора анкета. Со тоа, водечките агенции за испитување на јавното мислење: М-проспект, Рејтинг и ИПИС, објавија свои прогнози за изборниот резултат и добро е што е така (минатите два-три избори некои недостасуваа).
Второ што е добро, е што резултатите меѓу нив се прилично изедначени. Со ограда за различните методологии (една теренска наспроти две телефонски анкети) и незначително различниот примерок (вклучително кај неговата репрезентативност), кај сите во благо водство е Пендаровски, во рамките или нешто над статистичката грешка, па доколку нема изненадувања последнава недела, може да се очекува негово водство по првиот круг.
Немаше прогнози за излезноста во вториот круг (ќе остане тоа за евентуални нови анкети следната недела), па останува неизвесноста за цензусот тогаш. Се повеќе фактори укажуваат на можен проблем со излезноста на 5 мај… најзначајно ќе е однесувањето на Албанците и особено опозициските партии од тој блок; понатаму – нивото на бојкотирачи кај поддржувачите на ВМРО-ДПМНЕ; како и бројот на разочарани симпатизери на оваа Влада (и од СДСМ и од ДУИ) заради амнестијата, но и недостигот на реформи.
Сепак, излезноста нема да е проблем во првиот круг, а заради големиот број на испитаници кои рекле дека нема да гласаат, или се уште не одлучиле, или пак не сакаат да кажат за кого би гласале, има и некои анализи кои прогнозираат водство на Силјановска Давкова по првиот круг.
Во секој случај не чека интересна кампањска седмица и не(толку)извесно гласање во недела!

 

Текстот е напишан исклучиво за Инбокс7. За секое реобјавување треба да се добие согласност од страна на редакцијата. Инбокс7 не секогаш се согласува со ставовите и видувањата на авторите во рубриката за дебата.