Денешна дата
19/11/2019

ЗА МАКЕДОНИЈА

Пишува: Трифун Костовски

 

Постојат многу кревки и болни теми во нашето општество, кои тешко и споро се залекуваат. Но, се чини, дека една од најдраматичните, најкомплицираните и најзаканувачките појави која го прави нашето општество долгорочно нестабилно, без иднина, обезнадежено и стагнирачко е масовното иселување на младите, но и на средните генерации од својата татковина. Ваквиот безизлезен тренд не е карактеристичен само за Република Македонија туку и за целиот Балкан, вклучувајќи ги и поразвиените земји кои припаѓаат на Балканското семејство, какви што се Хрватска, Словенија, Грција, Бугарија…  Високо образовните кадри, но и оние кадри кои припаѓаат на специфичните занаетчиски еснафи, незапирливо ги напуштаат своите земји, а во Македонија, мислам дека се соочуваме со своевидна „иселеничка епидемија“.

Во една од минатите колумни пишував за местото и значењето на човекот како поединец во општеството, кое може и треба да понуди добро образование, здравство и секакви развојни динамични процеси во понатамошното општествено инволвирање на граѓаните во различните општествени сегменти, секој според својот интерес и дар.

Ако забележувате, во последно време недостасуваат сите квалификувани занаетчиски дејности: градинари, лозари, електричари, медицински сестри, молери… Во не помала мера недостига и високообразовниот кадар, особено во областа на здравството.

Во историјата на севкупната цивилизација, миграциите се вообичаени и не се непознаница. Сведочиме и на големите преселби на народите. Тие миграциски процеси можат да бидат подинамични или поспокојни. Некогаш, можат да бидат и полезни и прогресивни. Но, тоа не е случајот со кој се соочуваме сега во нашата држава. Овој процес кај нас не само што нема да ја унапреди земјата туку е целосно ретрограден за нејзината иднина. А ние како да замижуваме пред него. Јас немам ништо против потребата секој поединец својата иднина да ја бара во стабилно и безбедно општество, каде што ќе се чувствува прифатен и спокоен. Но зошто да не се обезбедат услови и во Република Македонија граѓаните и граѓанките да чувствуваат поттик, спокојство и социјална стабилност во професионалниот и во приватниот живот?

Ситуацијата во Република Македонија е загрижувачка. Масовните миграции во нашата малобројна земја ќе остават трајни белези, за жал. Сѐ уште не умееме да сфатиме дека човекот е најголемата инвестиција и највредниот општествен капитал.

Не можам да се оттргнам од помислата дека мојата Македонија служи како земја која треба да ги пополни човековите ресурси во високоразвиените земји на Европската унија. Секој високо образуван и стручен човек од Република Македонија, кој е млад, кој формирал или ќе формира семејство е најголемото богатство за земјата. Бидејќи врз таа група граѓани почива иднината на оваа земја, во секоја смисла. Тажно е што дури ни соседните земји, поразвиени од нас не му обрнуваат внимание на овој катастрофален процес. Тие се и беспомошни, безидејни и без развојна економска и општествена стратегија и понуда за да ги задржат оние кои треба активно да учествуваат во понатамошното градењето на општеството.

Сведочиме денес на уште една кампања за избор на претседател на Македонија. Кандидатите кои претендираат за оваа висока функција, на ниту еден митинг и ниту со еден збор, не укажаа на овој проблем. Јасно е дека решавањето на овој проблем не спаѓа во ингеренциите на функцијата претседател на државата. Но, оној кој ќе биде претседател мора да има свој придонес, своја одговорност и грижа во решавањето на ова прашање, во соработка со Владините структури.

Се прашувам дали еден ден ќе се разбудиме од лошиов сон. Но стравувам дека тоа ќе биде прекасно, а кон ваквата помисла деновиве ме упатуваат фактите – анкетата која ја спроведува еден мој пријател, сопственик на неколку информативни агенции. Имено, неговите тимови спроведуваат анкета на 8000 примероци, каде што таргет групата е младата популација, со прашање: Дали сакаат да останат во својата татковина. Анкетата е сѐ уште во тек, но првичните сознанија од првите два дена на спроведувањето на анкетата, беа мошне загрижувачки и поразувачки. Замислете, 85% од младите сакаат да си заминат од Македонија.

Ги прашувам сите одговорни институции и владејачки гарнитури што точно прават за да го сопрат овој самоубиствен процес.  Кому претседателот ќе му биде претседател во државата и кому премиерот ќе му биде премиер кога, за не толку долг временски период, Македонија ќе остане само со два столба: државната администрација и пензионерите. Зарем не е загрижувачки што секоја година се намалува бројот на првооделенците во Република Македонија и тоа драстично. До кога вака, со оваа негрижа за своите граѓани и нивната иднина? До кога ќе бидеме неми сведоци на пустошот во однос на човечките ресурси?

Дали постои лек? Секако дека постои. Но, за да се дојде до лекот нужно е да се развие сериозен, темелит приод, да се постават на здрави нозе на долгорочни политики за обезбедување услови за социјално стабилни работни услови за сите професии и струки и да се спроведуваат ургентни стратешки анализи, планови и одлуки, кои мора да се приоритет, бидејќи заминувањето од Македонија трае веќе две децении. А за нас граѓаните ваквата ентропија стана нормалност. Веќе немаме чувство дека со ваквиот тренд длабоко се подриваат темелите на нашата држава.

Како ќе ги сочуваме културата, јазикот, движното и недвижното наследство на кои сме горди, доколку нашите првоодделенци се описменуваат наместо во Македонија, во земјите во Европската унија, Австралија, Америка и Нов Зеланд. За нив тие култури ќе станат поблиски од нивната родна култура.

Чувствував потреба оваа своја размисла да ја споделам со вас, бидејќи ако вистински си ја сакаме татковината мораме заеднички да бараме решение, но и да бараме од владејачките и опозиционите партии ако веќе не можат да го решат овој проблем барем времено да го намалат. Губејќи го човекот како поединец се губиме и самите себеси како заедница.

Од мене толку на оваа тажна тема. Останува да размислиме и да ги впрегнеме сите ресурси за решавањето на оваа драматична ситуација.

 

Текстот е напишан исклучиво за Инбокс7. За секое реобјавување треба да се добие согласност од страна на редакцијата. Инбокс7 не секогаш се согласува со ставовите и видувањата на авторите во рубриката за дебата.